Достапни линкови

Новата истрага за падот на кингерот ќе трае 6 до 12 месеци


Од шест до 12 месеци се очекува да трае повторно отворената истрага за авионската несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски. Петнаесетчлениот меѓународен тим го сочинуваат експерти од БиХ, Хрватска, Србија, како и од Македонија, а нивните имиња нема да бидат соопштени на јавноста со цел да се избегне евентуално влијание врз нивната работа. Ова го соопшти денеска на прес-конференција во Скопје главниот истражител за повторно отворената истрага за „кингерот“, Омер Кулиќ.

Тој рече дека тимот го сочинуваат седум воздухопловни инженери, тројца пилоти, двајца контролори и двајца дизајнери на воздухопловни процедури.

Според Кулиќ, извештајот од првичната истрага не задоволува затоа што е завршена за неполни два месеци што, како што оценува, е многу брзо за ваква обемна истрага. Тој рече дека очекува повторената истрага да биде завршена до крајот на годинава, а за нејзиниот тек македонската јавност ќе биде информиранана секои два месеци.

„Оваа Комисија не ја утврдува вината и одговорното лице, туку фактите и тоа како дошло до несреќата. За тоа дали во таа несреќа постои одговорно лице или лица и дали ќе бидат процесуирани ќе одлучува обвинителството“, рече Кулиќ.

Тој прецизира дека предмет на истрага во Македонија ќе биде операторот односно организацијата која тогаш управувала со потребите за авио-превоз на Владата и Дирекцијата за цивилно воздухопловство. Во Босна ќе бидат истражувани навигациските средства на аеродромот во Мостар, процедурите кои биле применети на тој аеродром и самото место на несреќата. Во текот на истрагата ќе биде направена симулација на целиот лет со истиот тип на авион онака како што се случи за време на несреќата. Ќе бидат вештачени инструментите во авионот кои биле калибрирани во Белград и авио-сервисот во Германија каде „кингерот“ бил сервисиран.

Кулиќ упати апел до македонската јавност кој има какви било сознанија вредни за истрагата да и ги достави на оваа Комисија во текот на истрагата оти по нејзиното завршување тие нема да бидат релевантни, потсетувајќи дека прикривањето на докази претставува кривично дело.

Истрагата за „кингерот“ е повторно отворена на барање на Република Македонија, а по дополнително прибрани материјални докази доставени од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија до босанското Министерство за транспорт и врски.

По добивањето нови докази од Македонија, властите во Босна и Херцеговина во почеток на декември лани повторно ја отворија истрагата за авионската несреќа од 26 февруари 2004 година, во која загина македонскиот претседател Борис Трајковски и осум други патници и екипажот.
XS
SM
MD
LG