Достапни линкови

„Изгубени Германци“ – Трагична разврска со пеење


Прес конференција за претставата „Изгубени Германци“ по текст на Дејан Дуковски која премиерно ќе биде изведена во Македонскиот народен театар (МНТ).
Прес конференција за претставата „Изгубени Германци“ по текст на Дејан Дуковски која премиерно ќе биде изведена во Македонскиот народен театар (МНТ).

Во среда на 6 февруари во 20 часот, ќе се случи праизведбата на „Изгубени Германци“ на Дејан Дуковски во режија на Слободан Унковски, кој по безмалку осум години од поставката на „Црнила“ конечно се враќа на сцената на Македонскиот народен театар.

„Изгубени Германци“ е црна комедија во која главните ликови се комунист, нацист, хомосексуалец, уметник и стриптизерка, заглавени во рудник во Македонија во 1944 година. Во Берлин нивните татковци плаќаат за ископувањето на некоја измислена руда за да ги сокријат од стравотиите на војната.
Нашата претстава јас би ја насловил како „Изгубени Германци“ - трагична разврска со пеење. Значи, работите се случиле порано и овде има анализа на катастрофата, на поразот...Така да, во тој смисол, таа допира еден хаос и вознемиреност и се обидува тоа да го артикулира на еден начин не заземајќи страна а говорејќи прецизно се надевам за разните аспекти на судбината на граѓанинот и на обичниот човек.
Слободен Унковски, режисер.

Говорејќи за тоа време, за тие луѓе, за нацизмот...Дејан Дуковски говори за други битни не дневно политички теми во општеството и во тој смисол оваа претстава можеби нема да задоволи една глад за некакви евтино политички определувања. Таа говори за базични осмерувања, за базични конфликти, за базични прашања сврзани со смисолот на животот и т.н. - ќе забележи во пресрет на праизведбата на „Изгубени Германци“ режисерот Слободан Унковски.

Тој истакнува дека на таков начин го доживува и Чехов бидејќи кај него настаните се незначителни, а реперкусиите од нив на судбините на луѓето се огромни и тоа што не е изговорено таму е тоа што се случува одоздола.

„Нашата претстава јас би ја насловил како „Изгубени Германци“ - трагична разврска со пеење. Значи, работите се случиле порано и овде има анализа на катастрофата, на поразот...Така да, во тој смисол, таа допира еден хаос и вознемиреност и се обидува тоа да го артикулира на еден начин не заземајќи страна а говорејќи прецизно се надевам за разните аспекти на судбината на граѓанинот и на обичниот човек“, вели Унковски дополнувајќи дека претставата иако цврсто укопана во 1944 година на повидок изнесува многу современи идеи и отвора многу болни и вознемирувачки прашања.
За мене беше многу важен овој процес на работа заедно со целата екипа и мислам дека го донесовме текстот од таа оригинална верзија со која што почнавме во една многу позаокружена, многу попрецизна, па и покомплексна верзија на целата материја и јас навистина сум среќен поради тоа.
Дејан Дуковски, драмски писател.

А, Дејан Дуковски кој лани ја доби наградата „Коле Чашуле“ на конкурсот на МНТ и кому ова по “Буре барут“ во Белград и “Другата страна“ во Драмски театар му е трета соработка со Унковски, откако ќе забележи дека „Изгубени Германци најнапред ја пишувал со идеја да биде сценарио за филм вели дека и кога би можел да бира сигурно не би одбрал поарна екипа за работа врз неговата пиеса.

„За мене беше многу важен овој процес на работа заедно со целата екипа и мислам дека го донесовме текстот од таа оригинална верзија со која што почнавме во една многу позаокружена, многу попрецизна, па и покомплексна верзија на целата материја и јас навистина сум среќен поради тоа.“

Последната драма на Дуковски што се играше пред неколку години во МНТ е „Празен град“, а пред повеќе од една деценија беше и поставката на неговиот текст „Балканот не е мртов“ во режија на Александар Поповски, чија адаптација по премиерата на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола се очекува наскоро во кино салите во земјава.
Алчноста ги отру нашите души. Знаењето не направи цинични. Умот тешки и немилосрдни. Потребна ни е хуманост. Без тоа светот ќе остане насилен и празен. Не знам дали претставата сама по себе е добра или лоша, ама дека е наша тоа е несомнено.
Никола Ристановски, актер.

Инаку, во „Изгубени Германци“ како што ќе забележи Дејан Лилиќ, директорот на МНТ, игра сериозна актерска екипа - Никола Ристановски, Јовица Михајловски (како гостин од Драмски театар), Јордан Симонов, Звезда Ангеловска, Тони Михајловски, Камка Тоциновски, Оливер Митковски, Емил Рубен и Сања Арсоска.

„Би сакал да им заблагодарам на професорот Унковски и на Дејан Дуковски што конечно донесоа озбилна материја за да ние овде што сме собрани во овој театар покажеме што знаеме, што можеме и што умееме“, посочува Јордан Симонов, кој досега играл во неколку претстави работени според текстовите на познатиот македонски драмски писател.

Јовица Михајловски, пак, забележува дека во процесот на креирање „не работеле суетите, туку вистинскиот професионализам и желбата успешно да се заокружи проектот“, а Никола Ристановски, откако ќе констатира дека „денеска е сулудо во театар да поминеш толку време бавејќи се со некои работи додека животот на улица поминува покрај тебе“ и дека одамна престанал на „претставите да гледа како на атлетски трки затоа што нема резултати“, вели оти тоа е обид да се артикулира нешто што е недофатливо – чувство што го имал кога го читал Чехов и се прашувал што е она што ги боли тие луѓе.

„Алчноста ги отру нашите души. Знаењето не направи цинични. Умот тешки и немилосрдни. Потребна ни е хуманост. Без тоа светот ќе остане насилен и празен. Не знам дали претставата сама по себе е добра или лоша, ама дека е наша тоа е несомнено.“

Кон ова само уште информацијата дека кореограф во „Изгубени Германци“ е Кренаре Невзати Кери, сценографијата е на Виктор Михајлов, а дизајнот на костимите и целата идеја се на Бојана Никитовиќ од Белград, уметница која работи за големите холивудски филмски продукции.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG