Достапни линкови

Јосиповиќ - Ако не го почитувате Уставот, сменете го


Хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ.

Хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ.

Ако не постои желба да се почитува Уставот, тогаш тој треба да се промени, изјави денеска хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ по повод вчерашниот протест во Вуковар против воведувањето на српскиот јазик и кирилицата во службена употреба, на која локалното српско малцинство има право согласно законот.

Јосиповиќ изјави дека очекува од партиите во Хрватска, особено од оние кои учествуваат во Владата, да им објаснат на граѓаните колку е важно да се почитува основниот закон на државата.

Над 25.000 Хрвати, главно ветерани од војната од сите делови на земјата, протестираа вчера во Вуковар со барање да се забрани или да се одложи за неколку години воведувањето на српскиот јазик и кирилицата во службена употреба во градот. Демонстрантите изјавија дека ако не биде исполнето нивното барање, ќе организираат голем митинг во Загреб во април.

Според хрватските закони и Уставот, во местата каде над една третина од населението припаѓа кон некое од националните малцинства, неговиот јазик и писмо треба да бидат признаени за службени. Откако беше објавено дека според пребројувањето на населението во Вуковар живеат 34,87 проценти Срби, кои имаат право на употреба на мајчиниот јазик и писмо, десничарските хрватски партии и ветераните организираа неколку протести и бараа примената на законот да се одложи за 10, 20 или 50 години.
XS
SM
MD
LG