Достапни линкови

Дамјан Темков – традиционалист по сопствен избор


Дамјан Темков, македонски композитор.
Дамјан Темков, македонски композитор.

Дамјан Темков е млад, но веќе афирмиран македонски композитор чии творби често може да се слушнат на концертните подиуми во земјава и во странство. Неговото најново дело „Варијации за симфониски оркестар“, инаку инспирирано од народната „Мори моме Магде“, беше изведено во четвртокот на концертот на Македонска филхармонија насловен како „Кирилица“

Роден 1981 година во Скопје, Дамјан Темков (последниот дипломец на професорот Гоце Коларовски), влегува во редот на новата генерација на македонски композитори чии дела се изведувани не само на домашните сцени, туку и во САД, Велика Британија, Германија, Норвешка, Италија, Романија, Бугарија и во други земји.
Мислам дека постои шанса не само за денешните туку и за идните генерации фолклорот да го користат како своја инспирација. Јас сум еден од нив, така да тоа било, е во моментов, а ќе остане пракса и понатаму од страна на многу различни генерации композитори.
Дамјан Темков, композитор.

Како композитор и пијанист, во изминатава декада, активен учесник е на Деновите на македонска музика, а по неговите творби посегале бројни ансамбли како гудачките квартети „Гајдов“ и „Бревис“, „Дуо Кировски“, „Гелебешеви“, германскиот квартет саксафони „Сакасафон квадрат“, бугарското гудачко трио „Арденза“ и други.

Неговото најново дело „Варијации за симфониски оркестар“, инаку инспирирано од народната „Мори моме Магде“, со успех беше изведено во четвртокот на концертот на Македонска филхармонија со која диригираше Борјан Цанев , а солисти беа кларинетистите Здравко Ангелов и Игор Бакревски.
Конкретно во моето дело изразот е прилично традиционален. Тоа е мој избор бидејќи така сакав да биде, но сето тоа може во многу посовремен израз да се направи па да добие сосема друга димензија. Тој мој начин на пишување музика не се содржи од современи техники на интерпретација кои се сега исклучително популарни кај нас и во светот, посебно на Запад, туку баш претставување и понатамошна обработка, бидејќи станува збор за варијации, кои што го доловуваат и карактерот а истовремено и мојата инвенција како тоа јас би го интерпретирал. Некој вид мој израз, мој печат или мој начин на обработка.“
Дамјан Темков, композитор.

Темков вели дека кај нас композиторите кои пишуваат општо сериозна музика се присутни главно од 20 век наспроти оние кои се занимавале со црковна музика многу одамна, така што последните 100 години се премалку за нашата пребогата фолклорна традиција да биде исцрпена како инспирација.

„Мислам дека постои шанса не само за денешните туку и за идните генерации фолклорот да го користат како своја инспирација. Јас сум еден од нив, така да тоа било, е во моментов, а ќе остане пракса и понатаму од страна на многу различни генерации композитори.“

Тој дополнува дека денешните автори не само што ја имаат таквата можност, туку ја имаат и неограничената слобода тоа да го сторат низ многу различни стилови.

„Конкретно во моето дело изразот е прилично традиционален. Тоа е мој избор бидејќи така сакав да биде, но сето тоа може во многу посовремен израз да се направи па да добие сосема друга димензија. Тој мој начин на пишување музика не се содржи од современи техники на интерпретација кои се сега исклучително популарни кај нас и во светот, посебно на Запад, туку баш претставување и понатамошна обработка, бидејќи станува збор за варијации, кои што го доловуваат и карактерот а истовремено и мојата инвенција како тоа јас би го интерпретирал. Некој вид мој израз, мој печат или мој начин на обработка.“

Говорејќи за конкурсите, соработките и промовирањето на сопственото музичко творештво Темков смета дека не може да се очекува од било кој да биде потполно активен како композитор бидејќи, како што вели, тоа и не е професија која што овозможува заработка за живот доколку е единствена. Тој е на ставот дека треба да се биде активен, а доколку постои квалитет тој неминовно мора да биде препознаен.

„Конечно почнува да се јавува една тенденција на соработка или желба за соработка помеѓу институциите и авторите. Последните години имаше некои обиди со конкурси кои што немаа голем одѕив затоа што мислам дека композиторите беа малку затекнати. Сметам дека тоа ќе вроди со плод во следните неколку години бидејќи идејата е да останат истите или да се јавуваат во континуитет, така што авторите ќе бидат поспремни и ќе можат дополнително да најдат начин како да ги презентираат делата. Секако ова е многу позитивна работа кога станува збор за авторската музика кај нас. “

Дамјан Темков, во контекст на соработките со колегите инструменталисти кои главно настапуваат во странство, истакнува дека неодамна го завршил своето ново дело за контрабас и клавир кое ќе биде премиерно изведено во април годинава на фестивал во Малта, дека паралелно пишува и оркестрација која би требало да се најде на програмата на Деновите на македонска музика 2013 и признава оти постојано е опкружен со некакви скици за различни музички форми.

„Тоа што е најважно е дека треба да постои многу, многу голем континуитет во работата и да не се остава на страна бидејќи кога ќе се случи тоа тогаш е тешко да се врати човек во колосек и да пишува. Не треба постојано да се чека да ви дојде инспирацијата, бидејќи може да се случи воопшто да не дојде.“
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG