Достапни линкови

Орав - Анкетна комисија за „24 декември“ е добра идеја


Ги видовме снимките од 24 декември и тие не беа многу охрабрувачки. Но сепак, секој ден сме сведоци на телевизиски снимки. Јас вчера гледав телевизија и видов многу проблематични работи. Тоа го гледаме на телевизија. Доколку постои проблем важно е да се верификуваат сите факти и да се разјасни што се има случено, какви правила и процедури биле прекршени, што се случило зад сцената, што се случувало претходно и што се случува по настанот, вели евроамбасадорот Аиво Орав во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Амбасадоре Орав, еврокомесарот Штефан Филе и директорот Стефано Санино не дадоа изјави по нивните посети во Скопје. Зошто тајноста? Посебно имајќи предвид дека во ваква ситуација се создава простор за шпекулации.

Да, пред извесно време комесарот Штефан Филе заедно со Стефано Санино беа тука пред некое време. Во право сте, не беа дадени доволно информации пред посетата, но тоа беше со цел да се избегнат шпекулациите пред посетите. Околу тоа зошто дојдоа овде, добро знаете дека Европскиот совет и земјите членки ја инструираа Европската комисија да го подготви летниот извештај, а комесарот дојде овде за на политичките лидери да им ја објасни важноста на извештајот, како и важноста за надминување на тековната политичка криза.

Претставници на дипломатскиот кор изјавија дека политичката криза во Македонија има негативен ефект на евроатланските интеграции на земјата. Во услови на очигледен недостиг на политички дијалог, дали Македонија може да напредува во евроинтегративниот процес?

Секако се согласувам дека во земјата јасно постојат политички потешкотии во моментов. Во случајов комплицирано и тешко е да се изнајде начин за адресирање на прашањата кои се важни за летниот извештај. Тука станува збор за реформите од Дијалогот на Високо ниво, преземање чекори кон добрососедски односи и чекори за решавање на прашањето за името. Во овој контекст многу е важен политичкиот дијалог и не се согласувам со Вас бидејќи таквиот дијалог постои. Лидерите се среќаваат и разговараат и тука морам да ја нагласам улогата на претседателот, бидејќи тој ги организираше средбите меѓу политичките лидери. Значи дијалогот постои, но за жал не даде конкретни резултати. Се надевам дека дијалогот ќе продолжи и дека резултатите ќе бидат забележливи.

Што ако сегашниот модел на дискусии организирани од претседателот не успее? Дали ќе биде потребен нов модел?

Не, сметам дека ова е добар модел, а ако има за што да се дискутира и доколку има флексибилност од двете страни тогаш е можно да се постигне напредок.

Како Европската унија гледа на демократскиот капацитет на македонските власти по декемврискиот инцидент?

Сметам дека сè уште постои демократски капацитет. Проблемот е што моментално има политички потешкотии и земјата се подготвува за локални избори. Доколку политичките партии и граѓаните се фокусирани врз тие две прашања тогаш веројатно нема доволно време за фокусирање врз агендата на Европската унија. Како и да е, јас и во други интервјуа имам напоменато дека ова е историски момент. Секој ден во животот ја пишуваме историјата. Некои поглавја се позабележливи, а некои помалку забележливи. Ова поглавје кое политичките партии и жителите на земјата денес го пишуваат е многу важно. Се надевам дека во иднина кога ќе се разгледува, ова поглавје ќе биде позитивно.

Се чини дека моментално не е така, имајќи го предвид инцидентот кој се случи на местото каде демократијата треба да се поставува како пример. Обезбедувањето интервенираше со новинарите и дел од пратениците. Како го коментирате тоа, амбасадоре Орав?

Секако станува збор за потешкотии но власта и опозицијата треба да се справат со нив и да постигнат резултати. Сметам дека не е многу конструктивно секој ден да се нагласуваат позициите, дека едните или другите се во право. Некако земјата мора да напредува.

Имате препораки?

Веќе споменав дека е потребен политички дијалог. Лидерите треба да се соберат, да разговараат едни со други и да одлучат како ќе се оди напред. Претседателот веќе имаше идеја и даде предлог за организирање на анкетна комисија и сметам дека станува збор за многу добар предлог. Ги видовме снимките од 24 декември и тие не беа многу охрабрувачки. Но сепак, секој ден сме сведоци на телевизиски снимки. Јас вчера гледав телевизија и видов многу проблематични работи. Тоа го гледаме на телевизија. Доколку постои проблем важно е да се верификуваат сите факти и да се разјасни што се има случено, какви правила и процедури биле прекршени, што се случило зад сцената, што се случувало претходно и што се случува по настанот. Тие работи не ги гледаме на телевизија. Во тоа смисла, оваа анкетна комисија може да биде многу добра за верификување на фактите и да спречи слични инциденти во иднина.

Амбасадоре Орав, дали можете да посочите земја-членка на Европската унија каде се случил сличен инцидент?

Мислам дека веќе одговорив на ова прашање, бидејќи на телевизија гледаме многу работи, многу вознемирувачки елементи. Повторно ќе посочам дека тоа што го гледаме на телевизија мора да се разјасни, да се утврди што се случувало пред и потоа.

Каков ефект има оваа политичка криза на Дијалогот на високо ниво?

За решавање на политичките потешкотии потребни се време и енергија. Сите инволвирани партии мора да се справат со проблемите, но со тоа се оттргнува вниманието од реформите - или барем постои ризик тоа да се случи. Кога комесарот Филе беше тука во септември тој изјави дека околу 70 насто од реформите од дијалогот на високо ниво се целосно или делумно исполнети. Има уште реформи кои сега треба да се исполнат и не преостанува многу време. Се надевам дека власта заедно со другите институции ќе најде време за финализирање на овие реформи пред изготвувањето на следниот извештај.

Кои важни задачи би ги издвоиле во контекст на дијалогот?

Постојат неколку отворени прашања и би го споменал законот за медиуми, издавање на извештајот за Охридскиот рамковен договор и други отворени прашања кои беа дефинирани кога еврокомесарот дојде овде минатата година кога со владини претставници одреди што треба да се направи.

Здружението на новинари ги прекина преговорите со владата по инцидентот. Како гледате на ваквата ситуација?

Мислам дека ова е многу вознемирувачки и пак сметам дека тука клучен е дијалогот. Владата мора да изнајде начин како да го обнови дијалогот со новинарите. Сигурен сум дека ќе има многу можности како да се постигне ова. Треба да се покаже добра волја. Треба да има консултации со новинарите за сè што е дефинирано во предлог-законот за медиумите, како што тоа беше случај кога Здружението на новинарите и владата преговараа за декриминализација на клеветата. Тоа беше добар пример и сигурен сум дека ако двете страни напредуваат на ист начин, тоа ќе помогне за воспоставување на дијалогот и во други области.

Македонија падна за 22 места на скалата за слобода на медиумите. Што може да се каже за ваквото видливо влошување?

Во делегацијата на Европската унија го забележавме ваквиот пад на индексот. Слободата на медиумите е една од главните основи на демократијата. Европската унија ја следи состојбата со слободата на медиумите насекаде во светот, а не само овде. Како делегација на Европската унија во Скопје, ја следиме состојбата во оваа земја. Можам да кажам дека во 2011 година Европската комисија организираше голема конференција која беше посветена на слободата на медиумите. Претставници од многу земји се собраа и имаа можност да разговараат за спорните прашања и да ги презентираат своите мислења. Оваа година повторно ќе се организира една ваква конференција и сигурен сум дека од Вашата земја ќе има добра делегација и ќе се објасни ситуацијата. Уште еднаш ќе напоменам дека Европската унија го следи прашањето и тоа е многу важно за нас. Затоа многу од прашањата се дел од дијалогот на високо ниво.

Зошто сето ова е важно за Европската унија – прашањето за слободата на медиумите?

Затоа што за Европската унија е важно дома да имаме демократија но важно е и да имаме демократија кај аспирантите за членство во Унијата. Оваа земја е кандидат за членство во Европската унија и прашањето ни е многу блиско. Сакаме да видиме дека слободата на медиумите се движи во вистинска насока.

Споменавте дека ја следите ситуацијата. Кои проблеми со слободата на медиумите можете да ги издвоите?

Ова е многу тешко прашање бидејќи има индекси, а нашите проценки може да се поразлични од индексите. Како и да е, ги добиваме сигналите и внимателно ги следиме работите. Одржуваме близок контакт со луѓето во Владата кои се одговорни за медиумските прашања и секако одржуваме блиски контакти со Здружението на новинари, со невладиниот сектор и опозицијата за кои слободата на медиумите понекогаш е повеќе важна.

Опозицијата ја повлече својата безусловна поддршка за решение на спорот со името со соседна Грција за кое би имало широка согласност. Дали ова може да биде потенцијална бариера за почеток на претпристапните преговори со Европската унија?

Секогаш кога ќе ми го постават прашањето за спорот со името одговарам дека имам широк мандат, но ова прашање не е во рамките на мојот мандат. Разговорите за името се одвиваат во Обединетите нации. Оваа година постои мала разлика бидејќи земјите членки на Европскиот совет на ја инструираа Европската комисија да внимава на тоа што се случува во разговорите за името, во поглед на подготовката на пролетниот извештај. Во изминативе недели бевме сведоци на динамика, што е многу добро. Лично сметам дека се создаваат можности и се надевам дека сите засегнати страни ќе ја искористат можноста додека таа сè уште постои.

Дел од медиумите јавуваат дека преговорите со Европската унија може да почнат и без решение на спорот со името. Како ги коментирате ваквите извештаи?

Сметам дека решавањето на спорот со името во голема мера ќе го помогне стартот на преговорите во јуни. Сепак најважно е следниот извештај да биде позитивен и земјите членки да разберат дека извештајот е позитивен. Комисијата само ги извршува техничките работи. Тие го изготвуваат извештајот. Содржината за извештајот доаѓа од овде. Политичарите и жителите на земјата денеска, утре и задутре го пишуваат извештајот. Доколку позитивно се одвиваат работите тоа така и ќе биде рефлектирано, а земјите членки мора да бидат убедени, по што ќе може да почнат преговорите. Јасно е дека во пролетниот извештај потребно е да се вклучат и чекори во насока на решавање на спорот со името. Доколку постојат позитивни чекори и тоа е рефлектирано во извештајот и ако тоа го перцепираат земјите членки тогаш сето тоа многу ќе помогне.

Се посочува дека Македонија нема силен апсорпциски капацитет за европските претпристапни фондови, наменети за европеизација на земјата. Дали има вистина во ваквите тврдења и што може да се издвои како проблем при користењето на фондовите?

Тоа не е проблем само за оваа земја. Многу други земји имаа корист од европските фондови. Слична беше ситуацијата со земјите кои се интегрираа во Европската унија во изминативе 10 години. Парите и сумите се теоретски. Одредени се за земјата и доколку постојат доволно добри проекти, тогаш може 100-процентно да ги исплатиме овие средства. Речиси никој не успеал 100-процентно да ги апсорбира овие пари. Сметам дека целта на владата треба да биде што е можно повеќе да ги искористи целите фондови. Ние велиме дека парите се тука и ве молиме да ги искористите бидејќи земјата ќе биде подобра и ќе се доближи до стандардите на Европската унија.

Се проценува дека помалку од 20 проценти од овие пари се искористени, ако не и помалку. Тоа секако е слаба апсорпција.

Тешко е да се процени бидејќи сè уште се користат пари од претходни години. Постои можност за пренос на неискористените средства во следната фискална година и од една област во друга. Засега не би можел да понудам конкретна бројка.

Сепак, ако не ги искористиме парите, ќе ги изгубиме?

Доколку не постои можност за пренос на тие фондови во следната фискална година тогаш да, парите се враќаат во Брисел и ќе се пренаменат.
XS
SM
MD
LG