Достапни линкови

Нимиц - Прашањата се конкретизираат, не лебдат во воздух


Архивска фотографија: Медијаторот на ОН во спорот за името меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц, македонскиот преговарач во спорот Зоран Јолевски и грчкиот преговарач Адамантиос Василакис.

Архивска фотографија: Медијаторот на ОН во спорот за името меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц, македонскиот преговарач во спорот Зоран Јолевски и грчкиот преговарач Адамантиос Василакис.

Во Њујорк завршија дводневните средби на посредникот за спорот за името амбасадорот Метју Нимиц со претставниците на Македонија, амбасадорот Зоран Јолевски, и на Грција, Адамантиос Василакис.

На прес-конференција по средбите, амбасадорот Нимиц рече дека двете страни разговарале за суштината на прашањето и најави скорешна нова средба во истиот формат.

„Прашањата се конкретизираат, не лебдат во воздух“, изјави амбасадорот Нимиц.

Тој додаде дека разговорите се воделе за прашања коишто се тешки и за двете страни.

Ниту амбасадорот Нимиц, ниту двајцата учесници во разговорите не сакаа да прецизираат понатаму. Нимиц изјави дека поголем број држави ги следат овие разговори конкретно и оти ги поттикнуваат двете страни и укажуваат на потребата да се најде решение.

Средбата се одржа во просториите на Советот за безбедност на ОН што дополнително укажува на повисокото ниво на интерес што светската организација го дава на овие разговори, јавува дописникот на МИА од Њујорк.

Нимиц најави нова средба во скорешно време. По разговорите, грчкиот претставник Василакис прецизираше дека оваа средба може да се одржи во рок од месец до месец и половина. Како можни локации се спомнуваат Њујорк или неутрална локација во Европа, а постои можност и посета на Нимиц на двете држави.
XS
SM
MD
LG