Достапни линкови

logo-print

Весна Петрушевска како Госпоѓа Министерка по 100-ти пат


Актерката Весна Петрушевска во Госпоѓа Министерка од Бранислав Нушиќ во режија на Наташа Поплавска.

Актерката Весна Петрушевска во Госпоѓа Министерка од Бранислав Нушиќ во режија на Наташа Поплавска.

В недела, на 27 јануари, на сцената на Македонскиот народен театар во Скопје ќе биде одиграна 100-та претстава на нушиќевата „Госпоѓа Министерка“, комедијата која што во март 2009 ја режираше Наташа Поплавска и во која насловната улога ја игра Весна Петрушевска. Овој проект во изминативе безмалку четири години го виделе над 35.000 гледачи.

Заедно со „Сомнително лице“ и „Чорбаџи Теодос“, „Госпоѓа Министерка“ влегува во редот на трите најизведувани пиеси на сцената на Македонскиот народен театар. Нушиќевиот наменски текст од 1929 година досега пет пати е поставуван на сцената на оваа наша национална институција, а легендата на македонското глумиште Мери Бошкова цели 34 години ја толкувала улогата на Живка, практично успевајќи така да „старее со ликот“. Таа до 1987 година 243 пати се појавила во оваа ролја, а Весна Петрушевска е на убав пат да го следи нејзиниот единствен пример.
Ако знаеме дека петтата Министерка во режија на Наташа Поплавска и со втората Живка Поповиќ, значи Весна Петрушевска, е одиграна на 28 март 2009 тогаш можеме да констатираме дека оваа „Госпоѓа Министерка“ вози со многу побрзо темпо затоа што за три години и 10 месеци доживува 100 изведба.

„Ако знаеме дека петтата Министерка во режија на Наташа Поплавска и со втората Живка Поповиќ, значи Весна Петрушевска, е одиграна на 28 март 2009 тогаш можеме да констатираме дека оваа „Госпоѓа Министерка“ вози со многу побрзо темпо затоа што за три години и 10 месеци доживува 100 изведба“, вели професор Јелена Лужина.

Поплавска, пак, откако ќе забележи дека оваа претстава што таа ја направила е претстава за пријатели и во овој случај посебно за Весна Петрушевска која долги години имала желба да ја одигра таа улога, истакнува дека тие имале намера да излезат од рамките што ги нуди самиот текст и да создадат нешто што е по сензибилитет блиску до нив.
Како режисер јас не можев да правам претстава која ќе биде пренесување само на текстот затоа што тогаш во таа смисла за мене нема предизвик да творам. Од таму тргнав со идеја да направиме нешто што е сон на Министерката, нешто што го нема во текстот, а тие сонови ги кажавме преку сонгови и преку музика која е актуелна, која е денешна и која може да коментира одредени ситуации во самата претстава.

„Како режисер јас не можев да правам претстава која ќе биде пренесување само на текстот затоа што тогаш во таа смисла за мене нема предизвик да творам. Од таму тргнав со идеја да направиме нешто што е сон на Министерката, нешто што го нема во текстот, а тие сонови ги кажавме преку сонгови и преку музика која е актуелна, која е денешна и која може да коментира одредени ситуации во самата претстава.“

Таа дополнува дека одбрала млада но одлична актерска екипа, дека работеле кратко но напорно и дека направиле претстава која трае долго и со многу кореографија, но и копродукциски проект кој ја мами публиката да дојде во театар.

„Не треба по секоја цена да ја засмејуваме публиката, дури знам да се налутам на колегите-актери дека претерале и ја прешле линијата, затоа што по мене Нушиќ е доволно актуелно, доволно смешно, актерите се доволно добри и со она што сме го имале поставено на самата премиера и дека нема потреба да се прави сè за да се добие аплауз повеќе.“

А, Петрушевска која со ликот на Живка во „Госпоѓа Министерка“, тогаш во 2009 по петгодишна пауза се врати на сцената на матичната куќа како актерка и наедно продуцент на проектот, се потсетува дека во миговите кога ја поставувале претставата нималку не помислувале дека ќе доживеат 100-та изведба.

„Јас ќе го задржам правото на актерка да го кажам своето на 100-та изведба оти едвај чекам да ја одиграм и мислам дека многу малку глумци имаат чест, задоволство и можност да одиграат 100 пати една иста улога. Јас сум многу среќна заради тоа!“, вели Петрушевска.

Во актуелната поставка на „Госпоѓа Министерка“ во МНТ настапуваат и Јелена Јованова, Сашко Коцев, Славиша Каевски, Драгана Костадиновска, Игор Ангелов, Александар Микиќ, Емил Рубен, Магдалена Ризова-Черних, Нино Леви, Марија Ѓурчева-Новак, Драгана Миленковска, Софија Насевска, Борче Насев, Гораст Цветковски, Кирил Коруновски, Драгана Босниќ Миленковска, Благица Трпковска и Зорица Стојановска. Музичките аранжмани се на Биба Додевска, костимите на Александар Ношпал, сценографијата на Тања Блажевска-Христовска, кореографијата на Олга Панго, а дизајнот на Емил Петров.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG