Достапни линкови

logo-print

И власта и опозицијата декларативно подготвени за средба


Архивска фотографија: Лидерска средба.

Архивска фотографија: Лидерска средба.

Премиерот Никола Груевски изјави дека е подготвен да свика лидерска средба доколку на претседателот на опозициската СДСМ Бранко Црвенковски му треба излезно решение од ситуацијата во која влегол.

„Ако почувствуваме каква било потреба за една средба помеѓу нас, јас нема да се двоумам и ќе повлечам чекор во тој правец“, изјави Груевски, одговарајќи на новинарско прашање, по посетата на две нови лаборатории на Природно математичкиот факултет.

Груевски посочи дека од терен, од комитетите од ВМРО-ДПМНЕ добиваат информации оти комитетите на СДСМ активно работат на подготовка за локалните избори и насекаде зборувале дека претставниците кои им доаѓаат од раководството во Скопје им укажувале оти локални избори ќе има и дека СДСМ ќе учествува.

Потпретседателот на СДСМ Гордан Георгиев, одговарајќи на новинарско прашање, денеска изјави дека опозицијата би учествувала на евентуална лидерска средба.

„Ние на секоја прес-конференција, во секоја изјава и во планот што го соопштивме баравме да се седне на маса, да се воспостави политички дијалог со цел да се излезе од политичката криза и да се распишат фер и слободни парламентарни избори. Oчекуваме конкретна разврска на оваа работа преку седнување на лидерска средба, преку воспоставување на политички дијалог“, изјави потпретседателот на СДСМ на прес-конференција во Скопје.

Тој најави дека од утре опозицискиот „Сојуз за иднината“ предводен од СДСМ ги продолжува протестите со истовремено блокирање на три прометни крстосници во Скопје. Ќе бидат блокирани крстосниците на „Партизанска“ пред Симпо, мостот „Гоце Делчев“ кај Владата и пред Тутунски комбинат“ кај Стара рампа.
XS
SM
MD
LG