Достапни линкови

Петре Николоски - Уметноста е центар на сите истражувања


„фи 21степени и 33', ламбда 41степени и 21' – Кожата на прилепското поднебје“ е насловена книгата-ликовно дело на македонскиот уметник Петре Николоски, кој подолго време живее и работи во Велика Британија. Станува збор за повеќеслоен мултимедијален проект кој има социјална и ликовна димензија и кој по неодамнешните промоции во Скопје и во Прилеп, ќе продолжи независно да се развива во глобални рамки.

Се работи за едно враќање назад. За разбудување на меморијата. Јас во 2011 година имав една изложба во Музеј на современа уметност која ја нареков „Амнезија“. Тоа е еден феномен во кој сите ние живееме. Не сакаме да го вреднуваме минатото, а без минато нема иднина.
Во овој случај кога се работи за еден комплексен проект сакав уметноста да биде центар. Да биде центар кој како магнет ќе ги привлекува сите можни сегменти на човечките истражувања – од социјален, од научен, од креативен поглед. Значи јас се родив во Прилеп во 1959 година и воден од својата потреба за истражување сум заминал од градот на 14 години и многу малку се враќав и секое враќање фактички доаѓав до сознание дека тој простор кој мене ме створил е повеќе од енигматичен.

Вака уметникот Петре Николоски ќе ја започне сторијата врзана за делото што нуди една длабинска анализа на прилепскиот предел од сите можни научни и творечки погледи и кое е работено сo помош и соработка на дваесеттина личности што се емотивно или професионално поврзани со тоа поднебје, со промените на урбаниот пејзаж на Прилеп, како и со конфигурацијата на околните планини, шуми и пасишта по ридовите, а забележани од авторот во 1998 година, при една од неговите посети на родниот крај.

„Во овој случај кога се работи за еден комплексен проект сакав уметноста да биде центар. Да биде центар кој како магнет ќе ги привлекува сите можни сегменти на човечките истражувања – од социјален, од научен, од креативен поглед. Значи јас се родив во Прилеп во 1959 година и воден од својата потреба за истражување сум заминал од градот на 14 години и многу малку се враќав и секое враќање фактички доаѓав до сознание дека тој простор кој мене ме створил е повеќе од енигматичен.“
Делото не мора да биде од злато за да биде вредно. Кај мене е важно сето она што ме опкружува и мирисите во Лондон каде што има безброј нации и со сето тоа самата култура и она што го работам јас да си најде свое место во сегашноста.

Николоски, потем, појаснува дека идејата за проектот всушност била родена по изложбата во МСУ во 2004 година кога тој го претставил своето дело „Кожата на прилепското поднебје“ и кога неговите прилепчани му забележале дека дотогаш никогаш не изложувал во родниот град, на што тој, како што вели, одговорил со идеја која за него како автор има „бесконечна длабочина“. Уметникот дополнува дека оттогаш поминале осум години во кои е подготвувано делото и дека сега тоа ќе продолжи да се надградува и да се интернационализира.

„Тука сега се работи за тие некои интернационални, глобални размислувања каде сме ние, каде е Прилеп, каде е Македонија, колку влијаеме врз животната средина и на тој начин практично се вклучуваме во најсовремените размислувања за состојбата на површината на земјата.“

Во контекст на ова Николовски по поставувањето на основата во 2010 година веќе патуваше во Јапонија, Австралија и во Португалија, а деновиве се врати од Босна и Херцеговина каде работел врз подготовките на еден голем проект инспириран од сараевскиот урбан простор во времето на блокадата на градот од 1992 до 1997 година и кој дополнително ќе се развива а во чија основа ќе бидат веќе стекнатите сознанија.

Инаку, македонскиот уметник кој живее и твори во близината на северен Лондон, дополнува дека неговите соработници ќе продолжат да истражуваат според каноните кои што ги поставиле, дека самиот работи на 10 годишни проекти и вели оти студиото во меѓувреме му се наполнило со дела кои претставуваат една целина, но кои можат и пооделно да се развиваат и да и бидат претставени на публиката. Тој истакнува дека моментално работи на една автофигура која тешко може да се објасни без да се види, дека го следи својот творечки импулс да се бави со комплексни дела кои го разработуваат неговиот макро и микро приод кон сето она што го опкружува и дека притоа употребува зачини, храна и многу осетливи материјали.

„Делото не мора да биде од злато за да биде вредно. Кај мене е важно сето она што ме опкружува и мирисите во Лондон каде што има безброј нации и со сето тоа самата култура и она што го работам јас да си најде свое место во сегашноста“, потенцира Николоски.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG