Достапни линкови

Мемети - Најмногу жалби за сметките за парно


Граѓаните се жалат дека со новиот правилник на Регулаторната комисија им се прекршуваат правата, затоа што сметаат дека бесправно добиваат сметки за нешто што не го користат, вели Народниот правобранител Иџет Мемети во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Досега беше правило бројот на претставки до вашата институција од година на година само да расте. Како беше измината година?

Во фаза на подготвување на годишниот извештај и ги имаме точните податоци. Повторно продолжува трендот на зголемување на бројот на граѓаните кои бараат заштита од институцијата Народен правобранител. Ако во 2011 година сме имале околу 1.000 случаи на повреда на човековите слободи и права, каде што сме констатирале повреда и сме интервенирале, а од нив над 85 отсто од препораките беа прифатени, минатата година е констатирано околу 1345 или 6 повреди на човековите слободи и права по разни основи. Тоа е доказ дека во Република Македонија сè уште е голем бројот на тоа што значи повреда на човековите слободи и права или неможност за остварување на нивните права.

Споменавте дека имате најголем број на претставки по однос на потрошувачките права. Од кој тип се тие прекршени права и кон кого се насочени најмногу?

Прво факт е дека енормно се зголемува бројот на граѓаните кои бараат заштита откако беа донесени правилата за снабдување со топлинска енергија од страна на Регулаторната комисија. Еден пункт каде што граѓаните сметаат дека им се прекршуваат правата е топлинската енергија и новите правила, затоа што сметаат дека бесправно добиваат сметки за нешто што не го користат. Од друга страна е сегментот на електричната енергија, односно ЕВН, за која исто така се жалат дека бесправно се исклучуваат им доаѓаат енормно големи сметки. Понатака имавме поплаки и за радио-дифузната такса. Секако има, симболичен е бројот, граѓани кои се жалат на давателите на телекомуникациските услуги. Ние како институција излеговме со став дека во Република Македонија за жал сè уште и покрај уставната обврска за либерализација на пазарот, пазарот за топлинска енергија не е либерализиран, така што граѓанинот не е во можност да бира.

Ќе успеете ли вие да им помогнете на тој голем број граѓани?

Основна наша надлежност е тоа што го констатираме да го отсликаме, значи нашиот извештај ќе рефлектира или ќе ги отслика состојбите во сите области, па и во областа на потрошувачките права. И за тоа ќе го информираме Собранието на Република Македонија со извештај за степенот на почитување и заштита на човековите слободи и права. Во кој извештај секако ќе има и препораки, како што се општите препораки по однос на подобрување на законската регулатива и други препораки кои се однесуваат на конкретно преземање на активности кои би влијаеле или би помогнале да не доаѓа до прекршување на правата на граѓаните како потрошувачи.

Тоа што годинава испливаа потрошувачките права претпоставувам дека не ги фрлија во сенка прекршувањето на останатите права. На што се жалеа граѓаните минатата година?

Ако ги гледаме редоследно по области, на второ место е правосудството, тука потпаѓа и судската власт. Понатака доаѓаат полицијата, затворите, работните односи, имотно-правните односи итн. Ако ја земеме судската власт, граѓаните најчесто се жалат, над 60 отсто или две третини, на тоа дека добиваат неквалитетни одлуки, дека со судската одлука им е поведено одредено право, за што ние не сме надлежни. Ние сме надлежни за останатиот дел, за таа една третина каде што граѓаните се жалат за неефикасно работење на тој систем. Мислиме дека голем удел на таа неефикасност имаат и условите во кои работи таа власт. Од друга страна, по однос на полициското работење, факт е дека во 2012 е намален бројот на претставки на граѓани за прекумерна употреба на сила од страна на полицијата и покрај тоа што ги има. Но, за разлика од тоа е зголемен бројот на граѓаните кои се жалат дека при пријавување на одредени криминални дејствија или други работи, полицијата не реагира, не постапува. Ако ги земеме затворите, таму најповеќе се жалат на условите, на здравствените услуги, на третманот од страна на стражарите, дека менаџирањето со тие институции е на несоодветно ниво, има селективност итн. Сметаме дека Република Македонија уште многу треба да работи, во сите овие три области што ги споменав.

Кажувате една многу интересна работа, а тоа е дека многу е мал бројот на претставки по однос на прекршување на политичките права, а општеството функционира токму во една атмосфера во која политичките права постојано се прекршуваат на секое ниво и во секоја смисла. Зошто е тоа така?

Од тоа што доаѓа до нас, а ние го работиме и констатираме, доаѓаме до заклучок дека секогаш кога се случуваат избори во Република Македонија, граѓаните се жалат на тоа дека им се прекршуваат одредени права, заради тоа што припаѓаат на друга политичка опција или имаат друго политичко убедување, особено во делот на права од работен однос. И во извештајот за 2011, во делот за дискриминација најмногу претставки беа за политичка дискриминација и таа верувајте дека е најсурова. Ние преку трудовата инспекција едвај успеавме да убедиме градоначалник дека тој дискриминира, но од друга страна не успеавме да ги убедиме граѓаните да тераат понатака со постапката. Тие беа задоволни со тоа што успеале или да го добијат годишниот одмор, или да им се врати статусот државен службеник, а не поинаков како што надвор од законот одлучил некој градоначалник. Мора во иднина во Република Македонија да се развиваат проекти за обука на граѓаните, дека не треба да застануваат и не треба да се задоволуваат само со тоа што успеале да го заштитат правото од работен однос или самиот работен однос, туку и понатака треба да ги водат постапките. Тие се еден вид жртва и понатака можат уште поефикасно и уште поквалитетно да ги штитат нивните права, ако ги продолжат постапките. Но за жал тие можеби немаат храброст, се задоволуваат со тоа, плашејќи се да не им се случи нешто друго. Во Република Македонија многу треба да се работи на ова поле и во однос на тоа што значи промоција, запознавање на граѓаните и по однос на тоа што значи зајакнување на институциите и нивните капацитети.

Ние донесовме стратегија за борба против дискриминацијата, тогаш за што ја донесовме?

Јас како омбудсман можам да го поздравам тој документ. Факт е, никој не може да го побие тоа, дека Македонија имајќи ги предвид нејзините карактеристики како општество е плурална, доста различна, во неа има многу делби, таа е доста ранлива по однос на оваа работа. Сакам да кажам дека дискриминацијата постои и во другите општества, но и во Република Македонија. Ако ги гледаме бројките кај заштитните механизми, еве конкретно кај Народниот правобранител, бројот на граѓаните кои се жалат дека не успеале да добијат одредено право или им е прекршено одредени право, кога првпат доаѓаат во институцијата се повикуваат на тоа, се жалат дека им е прекршено правото затоа што припаѓаат на друга група, без разлика каква, се ставаат во нееднаква положба, по основ на пол, на вера, по основ на јазик, на политичко убедување, но за жал сè уште е симболичен бројот на граѓани кои бараат заштита од Народниот правобранител, мала е бројката што бара заштита. А, од друга страна загрижувачки е факт што граѓаните немаат доволни познавања по однос на формите на појава на дискриминацијата, а ако успееме, а сме успеале да констатираме дискриминација по разни основи и граѓанинот да го оствари правото, и тука застанува, тоа загрижува. Тој треба понатака да бара заштита во другите заштитни механизми. Земете ја судската власт, која е столбот на едно демократско општество. Ако судската власт е столбот и на тој столб веруваат поголемиот број на граѓани, тогаш има здраво општество, тогаш значи дека демократијата е напредна во нашето општество, но за жал бројките не го покажуваат тоа.

Што кажува тоа? Дека можеби немаат доверба во судството?

Има таква перцепција од граѓаните, затоа што, како што реков, во 60 отсто од случаите граѓаните бараат ние да ги преиспитуваме судските одлуки и сметаат дека таквите одлуки не се квалитетни. Најголем број на претставки што доаѓаат по однос на судската власт се за управните работи. Факт е дека тој суд и покрај тоа што бројките покажуваат дека најмногу таму се прекршува принципот за судење во разумен рок, тој нема услови за да работи. Ние мора да водиме сметка за таа работа како општество со создавање на реални услови за добро работење на тој суд, тогаш секако ќе се намали или ќе се елиминира бројот на претставки на граѓаните и тој суд ќе биде ефикасен и ефективен.

Колку граѓаните во Македонија се далеку од остварување на своите права?

Јас не говорам за перцепции, над 90 отсто од ова за што разговараме се базира на тоа што ние го работиме, друга е перцепцијата, но не може ни таа да се негира. Ако барате оценка од еден до пет, јас би дал тројка, значи сме на едно место за кое можеме да кажеме дека сè уште не задоволува ни правната регулатива, ни професионалноста на институциите, без разлика дали се тие што ги спроведуваат законите или водат борба за заштита. Од причина што сметам дека во Република Македонија огромно влијание по однос на слабеење или бледнење на сите институции, па земете го и невладиниот сектор, имаат делбите, влијаат многу околности, влијаат различностите. Мора таргетот или фокусот на подобрување на состојбите да го насочиме кон тоа што значи дијалог, кон тоа што значи толеранција, само на таков начин може да одиме напред.
XS
SM
MD
LG