Достапни линкови

Градоначалниците како златни рипки - Многу ветуваат и брзо забораваат


Илустрација: Градоначалниците на Скопје и на општина Центар, Коце Трајановски и Владимир Тодоровиќ, како и премиерот Никола Груевски присуствуваа на свеченото пуштање во употреба на шеталиштето Сквер Јадран во центарот на Скопје.

Илустрација: Градоначалниците на Скопје и на општина Центар, Коце Трајановски и Владимир Тодоровиќ, како и премиерот Никола Груевски присуствуваа на свеченото пуштање во употреба на шеталиштето Сквер Јадран во центарот на Скопје.

Градоначалниците организираат разни смоквијади, пастрмајлијади, тортијади, пивтијади, ајваријади и слични домаќински средби и фестивали на кои гостуваат Цеца, Лепа Брена или Северина.

Бесплатни пешкири во сите базени во градот, изградба на Дизниленд на аеродром, поларна мечка во зоолошката градина и чистка на наркотиците во Парламентот до 2020 година. Ова се дел од ветувањата на комичарот Јон Кнар кој во 2010 година стана градоначалник на главниот град на Исланд, Рејкјавик. „Таткото“ на Рејкјавик не завршил факултет, работел како таксист и комичар, свирел во бенд, а пред три години со неколку пријатели, сите без политичко искуство ја формирале таканаречената „Најдобра партија.“
Не знам како да ви одговорам на ова прашање, затоа што кого и да ставиш, штом е партиски градоначалник, џабе ни е сè.

Градоначалникот на Рејкјавик Јон Кнар.

Градоначалникот на Рејкјавик Јон Кнар.

​Во основачкиот акт на „Најдобра партија“ која на изборите освои 35 проценти од гласовите, е наведено дека ќе биде јавно корумпирана и дека нема да исполни ниту едно од предизборните ветувања. На шега со својот статус тие укажуваат на корумпираноста на партиите и на нивните бизнис интереси кои честопати се над граѓанските.

Кнар во едно телевизиско шоу објаснувајќи ги причините зошто влегол во политиката изјавил дека сакал да го растури системот, но за да го стори тоа морал прво да се инфилтрира.
Тие ќе си ги наполнат џебовите и ќе си заминат, со полни џебови си идат.

Главна причина за неговата победа на изборите, аналитичарите ја гледаат во изгубената верба на народот во политичарите. Западните медиуми го прогласија за најкул градоначалник во светот.

Граѓаните хронично незадоволни

А какви се градоначалниците во Македонија, по што се тие познати или по што ќе останат запаметени. Граѓаните велат дека идеален градоначалник е оној кој што ги исполнува потребите на населението, но додаваат дека таков во земјава нема.
Прво не му е место таму, а второ не личи на брод, што е ова сега не знам, танкер, носач на авиони?

„Не знам како да ви одговорам на ова прашање, затоа што кого и да ставиш, штом е партиски градоначалник, џабе ни е сè.“

„Најдобро за граѓаните е градоначалникот да биде во постојан контакт со нив, да има служби кои ќе комуницираат со населението, за да можат граѓаните да ги информираат за одредени проблеми и потешкотии се кои се среќава населението.“

„Градоначалникот треба да се грижи за граѓаните, за локално уредување“, велат анкетираните скопјани.
Општина Ѓорче Петров и понатаму ќе гради кружни текови, иако има критичари и скептици кои кажуваат дека кружните текови не се современо решение. Ние имаме пропатувано низ целиот свет и градоначалникот на Град Скопје, и претседателот на Собрание и министерката и сите западноевропски современи држави вака го решаваат сообраќајот.

Граѓанските стандарди за тоа кој градоначалник е добар, а кој лош се различни, но во едно се идентични, ниту еден општинскиот татко нема да биде запаметен по целосно исполнета изборна програма.

„Тие ќе си ги наполнат џебовите и ќе си заминат, со полни џебови си идат.“

„Да ви кажам искрено повеќе ќе ги помнам по лошо, отколку по добро.“

„Моменталните градоначалници лошо направија што ги оставија луѓето без егзистенција, без работа, без пари.“

„Најдобро беше кога беше Ристо Пенов, по лошо сегашниов.“
Галија во Вардар.

Галија во Вардар.


„Коце Трајановски по добра работа, а Ристо Пенов многу лоши работи направи. Само некои улици што асфалтира, друго ништо, катастрофа“, велат граѓаните.

Многу ветувања - пивтијади, ајваријади, тортијади...
Откако виде дека не му успеа приказната со скапата сликовница наречена отчет, Талески направи филм и се расфрла со буџетски пари во време кога општина Битола тоне во долгови. Училиштата немаат греење и работат со скратени часови, а сметките веќе со месеци им се блокирани. Доблесно е Талески да излезе и да каже колку чини филмот за неговото саморекламирање и колку буџетски пари дополнително ќе се фрлат за презентација и емитување на филмот низ медиумите.

Ѓомлезијада 2012 во охридското село Скребатно.

Ѓомлезијада 2012 во охридското село Скребатно.

Дел од градоначалниците во предизборието се однесуваат како златна рипка. Ветуваат дека ќе ги исполнат сите желби на граѓаните, но откако ќе седнат во фотелјата ја покажуваат меморијата на рипката, забораваат што ветиле, па од време на време во стилот на добри императори на граѓаните им нудат леб и игри. Општинските татковци наместо да се натпреваруваат на локално ниво, одат глобално, во трка по Гинисови рекорди. Прилепчани во 2008 година влегоа во Гинисовата книга на рекорди со приготвени 80 илјади посни сарми, штипјани сварија 5,6 тони грав по стар македонски рецепт, а да не остане покуса и општина Охрид за денеска најави дека ќе свари 3 тони и 300 килограми рибина чорба.

Но креативноста не завршува тука, градоначалниците беа организатори на разни смоквијади, пастрмајлијади, тортијади, пивтијади, ајваријади и слични домаќински средби, а да не го заборавиме и веќе традиционалниот појадок на Камениот Мост во Скопје. Освен во гоштевањето на граѓаните со нивни пари, дел од градоначалниците се познати и по организирање на прослави и фестивали на пивото, а како главен престиж им беа гостинките - Цеца, Лепа Брена и Северина.

Гафовите неизбежни
Филмот е по нарачка на општина Битола, за да дадеме отчет пред граѓаните за сработеното. Не знам колку чинеше, можеме да провериме. Не знам што е спорно, не само што има право туку и обврска е на локалната самоуправа да изнајде начин и форми да се претстави пред граѓаните што направила зашто безобразието и дрскоста на опозицијата оди до таму што тие кажуваат дека ништо не направила локалната самоуправа.

Скопскиот градски татко Коце Трајановски во својата програма на минатите избори понуди рестартирање на стариот часовник на Старата железничка станица, а осветлените стрелки требаше да означуваат час со звуци од македонскиот народен мелос.

По несогласувањето во јавноста, Трајановски се пишмани од идејата часовникот да запее, иако според неговата изборна програмата рокот за исполнување беше до 2010 година.

По таквиот почеток на мандатот, Трајановски продолжи со креативните идеи за граѓаните како изградба на градски плажи во вредноста од 220 илјади евра, а потоа и палми на кејот на Вардар.

„Стасала сметка во „Паркови и зеленило“ од 5.000 евра, сè со цел да не пропадне вашата идеја за палми во Скопје. Дури биле ангажирани и тајфуни да дуваат цела зима, 24 часа, за да не замрзнат вашите палми“, изјави советникот на СДСМ во Град Скопје, Александар Николовски.

Можеме вие или јас да речеме дека ова не е предизборна кампања, но во суштина стилот, начинот, методот наликува на изборна кампања. Значи еве нов феномен во македонската изборна пракса. Ова би било пред-пред изборна кампања.
„Мое лично мислење е дека не е вистина ова што се зборува, дека за палмите дошло 5.000 евра. Дека тие биле специјално да се грејат, да се одржуваат со тајфуни, да им се пушта музика не кажавте, можеби тоа им се пуштало, не знам, за да можат да бидат добри палмите. Меѓутоа мислам дека не требало баш многу посебни услови“, одговори Трајановски.

Спроти Градската плажа „Камен Мост“, деновиве активно се работи на конструкција на галијата, еден од четирите предвидени сплава по течението на Вардар. Галијата се „закотви“ во реката откако изминатите месеци измина фазата за подготвување, рамнење и копање на теренот.

Скопјани велат дека не верувале дека воопшто ќе се изгради таков објект.

„Прво не му е место таму, а второ не личи на брод, што е ова сега не знам, танкер, носач на авиони?“

„Може ќе биде убаво, ако се направи убаво, ако се уреди, да биде интересно, а ако не може да остане куп железо.“

„Многу е грдо и одвратно“, велат граѓаните.

Но Трајановски не е единствениот со вакви идеи. Охридскиот градоначалник Александар Петрески неодамна предложи нова давачка за туристите кои сакаат да го посетат Охрид. Давачката ќе се однесувала само за викенд туристите, кои, како што вели тој, уживале во градот ама не трошеле. Петрески предложи за гостите кои имаат свои викенд-станови да плаќаат годишна такса од 100 до 200 евра, во зависност од квадратурата и местоположбата.

Петрески остана запаметен и по неговиот гаф во утринската програма на Радио Охрид.

„Мене, ете, ми е жал што денеска е терминот на нашето обраќање преку Радио Охрид, затоа што денеска е мртва сабота и многу од слушателите се на гробиштата, па бог да ги прости и нив.“

А и градоначалниците од редовите на ДУИ не заостануваат зад нивните колеги по гафови. Градоначалникот на Сарај Беким Мурати кој во фотелјата седна минатиот декември направи мал лапсус при порибувањето на реката Треска.

„Учествуваме на овој настан за пошумување со пастрмка на реката Треска“, рече Мурати.

Неговиот колега од Бутел Петре Латиновски смета дека со реконструкција на патот кон скопската населба Радишани е исполнет вековниот стремеж на граѓаните. На иста мисла е и општинскиот татко на Ѓорче Петров Сокол Митревски за изградбата на кружни текови низ градот.

„Општина Ѓорче Петров и понатаму ќе гради кружни текови, иако има критичари и скептици кои кажуваат дека кружните текови не се современо решение. Ние имаме пропатувано низ целиот свет и градоначалникот на Град Скопје, и претседателот на Собрание и министерката и сите западноевропски современи држави вака го решаваат сообраќајот.“

Отчети - Рекламни кампањи со пари на граѓаните

Не е покус ни битолскиот градоначалник Владимир Талески, кој во врска со двете функции кои ги имаа голем дел од политичарите во власт изјави дека „Македонија е мала земја, и нема многу способни луѓе.“ За сработеното тој реши да се пофали со 20 минутен филм наречен „Сјајот на Битола“ каде детално се прикажани сите сокачиња кои се реновирани во градот.

„Благодарејќи им на советот на општина Битола и првиот човек на градот Битола градоначалникот магистер Владимир Талески, на граѓаните на Битола им е овозможен подобар, содржаен и релаксиран живот“, се вели во видеото.

Советниците од опозицијата во општината го критикуваа за потегот кој го нарекоа саморекламирање.

„Откако виде дека не му успеа приказната со скапата сликовница наречена отчет, Талески направи филм и се расфрла со буџетски пари во време кога општина Битола тоне во долгови. Училиштата немаат греење и работат со скратени часови, а сметките веќе со месеци им се блокирани. Доблесно е Талески да излезе и да каже колку чини филмот за неговото саморекламирање и колку буџетски пари дополнително ќе се фрлат за презентација и емитување на филмот низ медиумите“, изјави Васко Ковачевски, претседател на СДСМ од Битола.

Талески се бранеше, тоа не било реклама туку отчет за сработеното.

„Филмот е по нарачка на општина Битола, за да дадеме отчет пред граѓаните за сработеното. Не знам колку чинеше, можеме да провериме. Не знам што е спорно, не само што има право туку и обврска е на локалната самоуправа да изнајде начин и форми да се претстави пред граѓаните што направила зашто безобразието и дрскоста на опозицијата оди до таму што тие кажуваат дека ништо не направила локалната самоуправа“, рече Талески.

А такви отчети годинава се изнаслушавме од речиси сите градоначалници кои во подготовки за изборите решија да презентираат пред граѓаните што направиле, убедувајќи ги дека само биле транспарентни како секогаш. Во медиумите се појавија реклами во неколку термини, во весниците излегоа и цели лектири за сработеното, и сето тоа во име на отчет.

Кампањата почна долго пред изборите

Професор Гордана Силјановска вели дека е противник на рекламирањето на политичарите.

„Сè додека не истече мандатот на градоначалниците, тие можат да се докажуваат преку активности, преку дела, а не преку телевизии и весници.“

Се чини дека во Македонија, предизборната кампања започна многу порано, малку затскриено под превезот на отчетност, уште пред да се соопшти кој ќе биде кандидат за уште еден мандат за градоначалник, па досегашните побрзаа да искористат сè што е можно од општината за да ја промовираат својата партија од каде што доаѓаат.

„Можеме вие или јас да речеме дека ова не е предизборна кампања, но во суштина стилот, начинот, методот наликува на изборна кампања. Значи еве нов феномен во македонската изборна пракса. Ова би било пред-пред изборна кампања“, објаснува Силјановска.

Изминатава година градоначалниците исекоа стотици метри црвена лента, се појавија на прошетки низ индустриски зони, отворија чешми, локални патишта, даруваа бебиња, до душа тука и премиерот им ја зема работата па тој подари илјада евра за првороденото дете годинава.

Градоначалникот на Кисела Вода Ѓорчев покажа дека може да се пресече лента и на мало сокаче каде што две дечиња ќе ја држат лентата.

Во изминативе четири години се покажа дека законите се флексибилни особено кога се во рацете на функционерите кои по своите потреби ги толкуваа како што им одговара.

Па градоначалниците на Чаир и Аеродром Иџет Меџити и Ивица Конески ќе бидат запаметени во нивниот мандат и по етничките политички пресметки преку децата во училиштата. Станува збор за почетокот на минатата учебна година кога Конески одлучи децата Албанци од прво до 5-то одделение во основно училиште во Лисиче да учат во една комбинирана паралелка. По тоа сличен одговор испорачаа и градоначалниците на Сарај и Чаир Беким Мурати и Изет Меџити кои без согласност од Министерството за образование направија една паралелка за деца на македонски јазик. Политичкиот реципроцитет во трите општини загрози работни места на неколку наставници.

Обвинувања за криминал многу - пресуди малку

Но дел од градоначалниците во својот 4-годишен мандат не се запаметени ниту по проекти, ниту по гафови, туку и по кривични дела и обвинувања за кривични дела.

Градоначалникот на Старо Нагоричане, Миодраг Јовановиќ е обвинет дека во април минатата година со автомобил прегазил 30-годишен човек и побегнал, по што тој подоцна им подлегнал на повредите. Тој неодамна се појави во кумановскиот суд каде што ги негираше обвинувањата и изјави дека критичната ноќ со возилото се движел по улицата каде што се случила несреќата, но дека не удрил никого, следното утро само забележал дека задната гума од возилото му е ослабната и истата ја напумпал по што си заминал на работа.

Во медиумите во изминативе четири годни проструија и неколку приказни за градоначалници-тепачи. Една таква приказна е за поранешниот в.д. градоначалник на Карпош Сашо Димиќ, според која тој претепал вработена девојка, но тоа тој го негираше. Судски епилог за оваа приказна нема. Епилог нема ни приказната за беровскиот градоначалник Драги Наџински. Во медиумите излезе пензионер кој изјави дека бил нападнат од него поради едно прашање.

„Ми удри бокс, ние не сме имале градоначалник, ние сме имале боксер. Ме удри шест пати, но јас бев нокаутиран уште од првиот удар. Очигледно беше пијан“, изјави Глигор Арменски, пензионер од Берово.

Драги Наџински, пак, има поинаква верзија за насилството. За Алфа тврди дека пензионерот му пристапувал неколку пати и ги повторувал истите прашања. Откако увидел дека не може да го отстрани со пристојни зборови, на крајот само го турнал.
„Беше досаден, и напорен. Се обидов да го тргнам пристојно, но не успеав и тогаш само го турнав, а тој затоа што беше пијан падна“, изјави Драги Наџински, градоначалник на Берово.

Единствен градоначалник кој бил осуден и одлежал дел од затворската казна е Руфи Османи кој откако беше осуден на 14 години казна затвор по настаните во 1997 година, со усвојувањето на законот за амнестија во 1999 година беше ослободен по 2 години затвор.

Струмичкиот градоначалник Зоран Заев, пак, во 2008 година беше осомничен за проневера на 7 милиони и 800 илјади евра во случајот Глобал. Тогашниот претседател Бранко Црвенковски потпиша аболиција по што Заев беше ослободен од кривично гонење и победи на локалните избори со што дојде до вториот мандат. Случајот никогаш не доби судска разврска, па и натаму остануваат сомнежите дали станува збор за криминал или пак за политичка пресметка?

Тој остана запаметен и по неговите несреќни изјави дека ќе јаде живи луѓе и дека ќе се пука.

Во меѓувреме, четири години се одржуваат прес-конференции каде што летаат обвинувања за непотизам, партиски вработувања, незаконско трошење на општински пари и криминал, но сето тоа без правна завршница, само зборови.

Градоначалници милионери

Кога сме кај парите, градоначалниците во Македонија може да се пофалат со големо богатство, голем дел од 84 општински татковци имаат богатство кое е вредно десетици, па и стотици милиони денари. Според нивните анкетни листови доставени до Државната антикорупциска комисија тие се сопственици на куќи, станови, земјоделски земјишта, ланец на супер маркети, бизниси вредни милиони. Најбогат е градоначалникот на општина Центар Жупа Мазлиум Хасан со богатство од над милијарда денари, куќа во Венеција и Коџаџик, три автомобили вредни десетици илјади евра и бизниси во Италија и Скопје. По него на листата е првиот човек на Крива Паланка Арсенчо Алексовски со богатство од 303 милиони денари. На третото место котира познатиот скопски бизнисмен и градоначалник на општина Центар Владимир Тодоровиќ со проценето богатство од 199 милиони денари, без при тоа да се искалкулира и вредноста на Тинекс маркетите и фирмата ќерка Антера. Колегите можат и да му позавидат на неговата заштеда од половина милион евра орочени во банка за кои добива околу 8 илјади евра камата.

Втората петорка до 10-те најбогати градоначалници ја сочинуваат Енвер Пајазити од општина Брвеница (134 милиони денари), Јован Ѓорѓиоски од општина Сопиште (58 милиони денари), Трајче Димитров, градоначалник на Демир Капија (52 милиони денари) и на самиот крај градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев (46 милиони денари). Од 84 градоначалници, најскромна имотна состојба има градоначалникот на Старо Нагоричане Миодраг Јовановиќ со 695 илјади денари.

Колку градоначалничката фотелја носи бенефиции и богатство е енигма ама интересот на политичарите за неа е голем. Пред избориве пратеници и министри се откажаа од своите функции за да седнат во градоначалничка фотелја.

Дали работеле домаќински или не, дали исполниле сè што ветиле и се разбира дали граѓаните се задоволни од досегашното управување со општините се прашања на кои граѓаните ќе одговорат на претстојните избори кои ќе се одржат на 24-ти март.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG