Достапни линкови

logo-print

ОН затечени од „Маршот на Дрина“ и реакциите


Од настапот на „Вива Вокс Хор“

Од настапот на „Вива Вокс Хор“

Концерт на белградска група предизвика негодување кај босански групи кои сметаат дека една од песните е поврзана со масакрите од деведесеттите години

Новогодишниот концерт на Обединетите нации, кој се одржа неделава во Њујорк, беше претставен како „голем марш на мирот“. Српската група „Вива Вокс Хор“ настапи со изведби на микс на српски песни и хитовите "Mamma Mia" и "Bohemian Rhapsody."

Последната изведба на српските музичари ги испровоцира нивните босански колеги кои сметаат дека песната е поврзана со масакрите во деведесеттите години.

„Маршот на Дрина“ е композиција од првата светска војна кога Србите се бореа против австро-унгарските трупи. Реката Дрина е природна граница меѓу Босна и Србија. Песната ја пееја ултра–националистичките српски сили за време на војните кои настанаа по распадот на Југославија.

Во вторникот, конгресот на Босанците од Северна Америка на својата интернет страница објави отворено писмо до генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун. Дописот го потпишаа лидерите на Институтот за истражување на геноцид, Советот за Босна и Херцеговина и Босанско–Американскиот институт за геноцид и едукација.

„Концертот беше скандалозна навреда за жртвите од геноцидот во Босна и Херцеговина бидејќи оркестарот ја отсвири познатата и навредлива композиција ’Маршот на Дрина‘. Геноцидот во Сребреница, Жепа и во други делови на Босна и Херцеговина го извршија српски агресори кои гласно ја пуштаа песната додека силуваа, убиваа и вршеа етничко чистење на несрпската популација“ се наведува во писмото.

Изведбата на композицијата не беше предвидено во официјалната програма за настанот, а портпаролот на Бан Ки-мун изрази жалење. Мартин Несирки рече дека генералниот секретар, кој беше забележан како скандира за време на изведбата на маршот, не знаел за црната заднина на песната.

„Свесни сме дека одредени луѓе биле навредени од изведбата на композицијата во Генералното собрание во понеделникот, која не беше ставена во програмата. Генералниот секретар очигледно не беше информиран за употребата на песната во минатото.“

Но поранешниот српски министер за надворешни работи Вук Јеремиќ, кој го организираше концертот, застана во одбрана на настапот. Јеремиќ, кој е актуелен претседател на Генералното собрание, рече дека контроверзноста претставува „жален обид за извртување на значењето на музичкиот дар кој му бил понуден на светот неделава и тоа е голема навреда за српскиот народ“.

„Маршот на Дрина е песна која зазема централно место во нашите сеќавања за битката за слобода против агресорите во Првата светска војна, кога Србија изгуби една третина од машкото население во многуте битки“, се наведува во писменото соопштение од кабинетот на Јеремиќ.
XS
SM
MD
LG