Достапни линкови

МКЦ по трет пат го слави раѓањето на уметноста


Со несекојдневна изложба на дела од трите генерации македонски ликовни уметници од семејството Коџоман, поетскиот перформанс „Песнило“, 24-часовен филмски маратон и со голем рокенрол концерт, Младинскиот културен центар од Скопје не само што и годинава ќе се придружи на светската прослава на 18 јануари – денот кој се смета за „роденден на уметноста“, туку наедно и ќе го одбележи својот голем јубилеј – четири децении од делувањето на оваа установа.

Главните случувања во рамките на манифестацијата „Роденденот“ ќе започнат во 20 часот во целосно обновената галерија на Младинскиот културен центар. На изложбата која значи 110 години уметнички континуитет ќе бидат изложени 21 дело од трите генерации ликовни творци на семејството Коџоман.
Ова е еден таков настан кој за прв пат се одбележува кај нас во Република Македонија и со самото негово одржување претставува општествен куриозитет и слободно може да се наречен своевиден феномен каде една држава има три генерации, три колена, каде што секој со својата уметничка дејност, со својот ликовен ракопис, со своите видувања, со своите желби и со својата љубов ќе помогне на некој начин за збогатување на таа семејна традиција и на едно надополнување како еден вид плус клетка во нашето македонско културно наследство.

Публиката ќе има можност да види по седум слики од секој од нив почнувајќи од Вангел Коџоман, основоположникот на современиот ликовен израз во Македонија, преку неговиот син Милош Коџоман, еден од најетаблираните и најактуелните македонски ликовни уметници, па се до внукот кој го носи дедовото име Вангел и кому несомнено му претстои голема морална и историска обврска да ја продолжи оваа несекојдневна успешна творечка приказна.

Куратор на оваа можеби единствена во Европа и во светот поставка е истакнатиот историчар на уметност Емил Алексиев, а Вангел Коџоман помладиот вели дека чувствува голема внатрешна исполнетост и љубов што има прилика да учествува на една ваква голема изложба заедно со сликите и уметноста на неговиот дедо и неговиот татко со кои растел и од кои учел.

„Ова е еден таков настан кој за прв пат се одбележува кај нас во Република Македонија и со самото негово одржување претставува општествен куриозитет и слободно може да се наречен своевиден феномен каде една држава има три генерации, три колена, каде што секој со својата уметничка дејност, со својот ликовен ракопис, со своите видувања, со своите желби и со својата љубов ќе помогне на некој начин за збогатување на таа семејна традиција и на едно надополнување како еден вид плус клетка во нашето македонско културно наследство. “
Ваквиот начин на изразување преку формата на перформансот за публиката нуди нова димензија на говорење на стихот. Да се создаде една нова атмосфера на неоткриени креативни излагања и една подготвеност за акција и интерактивен однос со непосредните конзументи на пишаниот збор.

Во киното „Фросина“, пак, од 21 часот ќе започне третиот поетскиот перформанс „Песнило“ во кој учествуваат 15-тина млади македонски поети како Иван Шопов, Ана Голејшка, Мане Манушев, Нина Андова, Даниел Карески, Гаврило Миловановиќ, Марта Марковска, Марија Конеска, Костадин Героски и други.

Даниела Стоилкова, уредник на литературната редакција во МКЦ, истакнува дека неговата цел е читањето на песните да биде на еден неконвенционален начин и поезијата да се стави во функција на јавниот простор.

„Ваквиот начин на изразување преку формата на перформансот за публиката нуди нова димензија на говорење на стихот. Да се создаде една нова атмосфера на неоткриени креативни излагања и една подготвеност за акција и интерактивен однос со непосредните конзументи на пишаниот збор.“

Кулминацијата на настаните на „Роденденот“ се очекува на рокенрол концертот кој е планирано да се одржи по 22 часот во комплетно опремената и одамна етаблирана дансинг-сала каде на сцената се очекуваат групите: „Протагонист“ од Гостивар, битолските „Паркети“ , рокенрол повратниците „Д Далтонс“ од Скопје, реге-обоените „Конкверинг лајон“ од Тетово и гостите од соседна Србија - „Канда Коџа и Небојша“ .

„По цели седум години ова ќе ни биде прв настап на кој ќе отсвириме 10 песни од кои четири се нови. Ги свириме оние работи од албумот што ретко или воопшто не сме ги свиреле и сега со Перса како гитарист и со неговиот брат Шупак зад тапаните, инаку и двајцата од „Њу полис стејт“, имаме поенергичен и покомпактен звук“, вели Дарко Кешкец – Кешо, пејачот на групата „Д Далтонс“ која години наназад и посебно по победата на „Рок фест“ и објавувањето на одличниот деби албум има култен статус на скопската рокенрол сцена.

Паралелно со овие настани ќе тече и 24-часовниот филмски маратон во рамките на кој во кината „Милениум“ и „Фросина“ ќе бидат прикажани филмските хитови: „Пет легенди“, „Животот на Пи“, „Паранормална активност 4“ и „Мадагаскар 3: најбараните во Европа“, сите во 3Д-техника.

Инаку, Младинскиот културен центар годинава по трет пат ја организира манифестацијата „Роденденот“, придружувајќи се на светското славење на 18 јануари, датумот кој се смета за „денот кога е родена уметноста“. Всушност, во 1963 година на иницијација на францускиот уметник Роберт Филио, почната е иницијатива за славење на денот на кој е „родена уметноста“ и симболично е одреден 18 јануари. Изминативе 50 години низ светот се организираат многубројни настани кои го одбележуваат овој ден. Од друга страна, истиот ден МКЦ ќе го одбележи и својот значаен јубилеј - четири децении од постоењето и од заокружувањето на сликата за субкултурно Скопје кое грчевито успева да им одолее на налетите на медиокритетството, кичот и шундот.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG