Достапни линкови

logo-print

После штрајкот, откази во Мермерниот комбинат во Прилеп


Отпуштените работници од Мермерниот комбинат Прилеп.

Отпуштените работници од Мермерниот комбинат Прилеп.

Менџментот на Мермерниот комбинат од Прилеп им дал отказни решенија на 16 вработени, а пред тоа уште на тројца други. Работниците се сомневаат дека причина за отказите е претходниот штрајк.

Прилепчанецот Целе Ѓурчиноски 34 години работел во Мермерниот Комбинат во Прилеп, на повеќе работни места. Девет години во рудникот Сивец, а последниве години како трудов инвалид, бил распределен на работно место -нижач на дијамантски сајли. Вели не ни очекувал дека некогаш во животот ќе остане на улица, без работа, дека ќе добие отказ од овој прилепски гигант, особено откако фирмата е продадена на странски инвеститори, првин од Грција, а подоцна препродадена на холандско-англиски инвестициски фонд, кој има свој четиричлен борд на директори. Но, сепак вели се случи најлошото, по протестот на синдикалната организација, тој доби отказно решение и е прогласен за технолошки вишок. Вознемирен, исплашен за својата судбина Ѓурчиноски, не знае како ќе живее натаму. Има петчлено семејство, а никој друг не е вработен.
Јас се сомневам сега бидејќи имаше колективен штрајк организиран преку државата, на основа на тоа. Проблем од моја страна и од моите колеги не верувам, дојдоа во понеделникот ни велат, од денеска ви даваме решение за од 15-ти фебруари слободни сте.

Како ќе живеам? Бесилката да си ја ставам, кредити сето ми е, не знам, не знам ни што да правам, ние на подобро се надевавме. Да е фирмата во загуба, ај ќе речеме загубари сме, ама не е во загуба, па технолошки вишок да не испуштаат“, вели избезумен, во безизлез Ѓурчиноски, кој боледува од дијабетес и тромбоза.

Со истите егзистенцијални проблеми се соочува и неговиот колега Ѕвонко Темелкоски, кој е глава на седумчленото семејството, во кое веќе никој не е вработен.
Ние апсолутно тврдиме дека е противзаконски, но за жал нашите закони се такви да даваат можност на работодавачите да преземаат вакви мерки, сметаме дека во една постапка на преговори, која очекуваме да следи по отказите, да се обидеме заедно со раководството, да ги попречиме овие процеси, бидејќи очигледно е дека во Мермерски комбинат ниту има превработеност, ниту застој во работата.

Целе Ѓурчиноски кој 34 години работел во Мермерниот Комбинат.

Целе Ѓурчиноски кој 34 години работел во Мермерниот Комбинат.

„Јас се сомневам сега бидејќи имаше колективен штрајк организиран преку државата, на основа на тоа. Проблем од моја страна и од моите колеги не верувам, дојдоа во понеделникот ни велат, од денеска ви даваме решение за од 15-ти фебруари слободни сте“, се жали Темелкоски.

Менџментот на Мермерниот комбинат им дал отказни решенија на 16 вработени, а пред извесен период уште на тројца вработени.

„Мобинг, класичен мобинг се врши врз вработените, и сакам да им порачам од овде, дека синдикалната организација ќе преземе мерки додека нашите колеги не бидат вратени на работа, ќе извршиме блокирање на сите патишта до пристапот на рудникот“, категоричен е Симе Ѕвездакоски, претседател на синдикалната организација на Мермерен комбинат.

Според регионалната канцеларија на ССМ, овие откази се незаконски.

„Ние апсолутно тврдиме дека е противзаконски, но за жал нашите закони се такви да даваат можност на работодавачите да преземаат вакви мерки, сметаме дека во една постапка на преговори, која очекуваме да следи по отказите, да се обидеме заедно со раководството, да ги попречиме овие процеси, бидејќи очигледно е дека во Мермерски комбинат ниту има превработеност, ниту застој во работата“, истакнува Лазе Ангелески, претседател на регионалната канцеларија на ССМ во Прилеп.

Тој додава дека ова е тенденција за намалување на бројот на вработени, за кои се плаќаат придонеси. Бидејќи како што тврдат од ССМ и за време на штрајкот пред околу два месеца, додека сите вработени ја прекинале работата, менаџерите ангажирале друга фирма во подзакуп, со истата дејност со која работат работниците. Тие работеле во Сивец, и за време на штрајкот, воопшто немало прекин во рудникот.

Мермерниот комбинат исто така ги тужи синдикалната организација на фирмата и гранковиот синдикат на ССМ, за околу 1,5 милиони денари штета, со образложение дека штрајкот не бил легитимен. Сега се очекува судска разврска.

За овие случувања побаравме, но не добивме одговор од менџерите на оваа компанија.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG