Достапни линкови

Пројковски со свое читање на „Женидба“ на Гогољ


По двете праизведби на домашни автори - „Ах, љубов моја...турска приказна“ во режија на Коле Ангеловски и „За секого има по една“, новиот драмски текст на Венко Андоновски што го постави Владлен Александров од Бугарија, Театар Комедија и со трета премиера во првата година од своето постоење. Дејан Пројковски, со младиот ансамбл на оваа театарска куќа, се зафати да ја работи „Женидба“, едно од класичните дела на големиот руски писател, хуморист и сатиричар Николај Васиљевич Гогољ.

Гогољ „Женидба“ ја напишал како коментар на популарните романтични комедии од почетокот на 19 век во Русија, кои во основа ја имаат структурата на руската бајка. И покрај тоа што текстот е публикуван пред век и половина, во него се проблематизира тема која е актуелна откако постои бракот како институција – материјалното, површноста и сексот наспроти љубовта, со што бракот се сведува на бизнис во кој личниот интерес зазема главна, од суштинско значење позиција.
Од таму не чуди што режисерот Дејан Пројковски истакнува дека нивната „Женидба“ е претстава за љубовта, за тоа што е љубовта денес и знаеме ли да ја препознаеме во времето во кое живееме.
Секогаш создавањето на еден театар е како создавање слободна територија каде што може уметничкиот дух да го реконструира својот сон.
Дејан Пројковски, режисер.

„Сметам дека претставата трагајќи по љубовта некако се врти на две позиции. Едната е како кај Сизиф. Од почетокот на планината туркајќи го каменот стигнуваме до врвот пронаоѓајќи ја љубовта или освојувајќи ја, за потоа повторно да започнеме да се искачуваме од почетокот на планината до врвот бидејќи велат нели дека една од најважните работи е токму освојувањето на кое катадневно треба да му се навраќаме. Другата позиција, пак, која е доста интересна во нашето видување е слично како кај Диоген. Некако сите сред бел ден со фенер во рацете се движиме за да ја видиме и препознаеме вистинската љубов.“

Тој дополнува дека е презадоволен од играта на актерите за кои вели дека се иднината на македонското глумиште и дека многу му се радува на отворањето и делувањето на Театар Комедија.
Се обидовме да му дадеме една свежина и наше ново денешно, модерно видување на ова дело и на овие теми кои се актуелни и ден денес и кои никогаш не умираат. Значи, љубовта , бракот, да се помине животот со еден човек... што претпоставува тоа и колку е човек спремен за такво нешто.
Нина Деан, актерка.

„Секогаш создавањето на еден театар е како создавање слободна територија каде што може уметничкиот дух да го реконструира својот сон.“

Во „Женидба“ играат Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски, Зорица Стојановска, Кристина Ласовска, Едмонд Сотир и други, а Нина Деан која е задолжена за улогата на Агафија Тихоновна забележува дека да се работи едно вакво класично дело е голем предизвик и наедно голем притисок за секој актер.

„Се обидовме да му дадеме една свежина и наше ново денешно, модерно видување на ова дело и на овие теми кои се актуелни и ден денес и кои никогаш не умираат. Значи, љубовта , бракот, да се помине животот со еден човек... што претпоставува тоа и колку е човек спремен за такво нешто.“

Драматург на претставата е Катерина Китоска, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите на Благој Мицевски, музиката на Горан Трајковски, а за 3-Д анимациите се погрижил Сергеј Светозарев и ова ќе биде по прв пат оваа технологија да се користи во некоја од домашните театарски сали.
Инаку, во изминатиот период Театар Комедија одиграл 51 претстава и имал 11.710 гледачи.

Јелена Жугиќ, директорката на овој театар, очекува овие бројки да раснат кога установата ќе добие сопствен простор - објектот на МНТ кога тој ќе се пресели во новата зграда крај Вардар. Таа информираше дека за 2013 година театарот аплицирал со три проекти, за кои чека поддршка од Министерството за култура. Една претстава ќе биде праизведба од домашен автор, а другите две - светски хитови како предлог текстови.

Ансамблот сега брои 12 актери, зашто во декември биле вработени дотогашните хонорарци Кристина Ласовска, Жарко Димоски, Илија Илијоски и Тања Мицков, како и по прв пат уметнички раководител – младиот режисер Андреј Цветановски.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG