Достапни линкови

Улогата на НВО во преговорите со ЕУ


Жељана Бунтиќ-Пејаковиќ од хрватската невладина организација Цензура плус.
Жељана Бунтиќ-Пејаковиќ од хрватската невладина организација Цензура плус.

Иако интересот на невладините организации да се вклучат во пристапниот процес на преговори со ЕУ расте, сосема незначителни се напорите на Владата да ги вклучи во тој процес, констатираа учесниците на регионалната работилница на тема „Пристапувањето во ЕУ: која е улогата на граѓанските организаци?“ Упатените велат дека улогата на невладиниот сектор во овој процес е суштинска, а пример за тоа се регионалните искуства. За искуствата во својата матична земја, Хрватска, зборува Жељана Бунтиќ-Пејаковиќ од хрватската невладина Цензура плус.

1. Госпоѓо Пејаковиќ, на кој начин невладиниот сектор влијае на пристапниот процес на една земја кандидатка?

Јас, апсолутно сметам дека улогата на граѓанското општество и неговото учество во претпристапните преговори е суштинска. Важно е од проста причина што граѓанските организации се своевидни платформи кои ги информираат граѓаните и ги вклучуваат во процесите. А, на крајот основната цел на партиципативната демократија е граѓаните да учествуваат во тие процеси, да бидат информирани и на некој начин да се чувствуваат како дел од процесот, дел од донесување одлуки поврзани со преговорите кои ете ги нарекуваме така, а всушност се усвојување на европското законодавство.

2. Какво беше искуството на вашата земја и каква се покажа соработката помеѓу Владата и невладиниот сектор во тој процес?

Во Хрватска за жал, тоа учество на граѓанскиот сектор беше ограничено поради бројни фактори. Еден од нив беше лошата комуникациска стратегија на Владата која повеќе значеше еднострано информирање, а не отворање вистински дијалог со граѓаните, понатаму некои процедури на информирање во составот на преговорите и преговарачките тела не постоеја, така што тој менаџмент на информации од луѓето кои учествуваа во преговорите беше нејасен, тие не знаеја што можат со тие информации и на кој начин да комуницираат со јавноста. Владата тврдеше дека сопственоста на некои документи кои се директен исход од процесот на преговорите не се нивни, туку се на Европската Комисија, па донекаде имаа право да кажат дека тие не можат да ги објават информациите, а Европската Комисија не се трудеше сама да ги објави, па на крајот граѓанското општество како такво имаше релативно мал капацитет целиот тој процес да го сврти во своја корист. Така што имаше многу тешкотии, но тоа што се случи во Хрватска е дека пред самото затворање на преговарачкиот процес, граѓанското општество смогна сила се организира во Платформа 1, 1-2 и преку таа платформа постави јасни барања кои треба да се следат и по затворање на преговорите, за да се оствари посакуваното владеење на правото и оние фамозни бенчмаркови за затворање на поглавјата 23 и 24.

3. Вашата организација е посветена на спроведување на човековите права и медиумски слободи, па во тој контекст кажете ми колку се влијателни медиумите и каква е улогата на медиумите во евроинтегративниот процес?


Медиумите имаа една многу неблагодарна улога, но за жал мислам дека тие воопшто денес имаат неблагодарна улога и дека состојбата и статусот на медиумите, слободата на медиумите се сè полоши. Тоа што се случи по војната, во последните 20 години во Хрватска е дека имаше организации кои работеа на терен во насока на заштита на човековите права и владеење на правото, но таа приказна не беше емитувана преку медиумите со цел граѓаните да бидат информирани за основни демократски вредности. Така што граѓаните процесот на реформи го дочекаа релативно неподготвени.

Тогаш кога почнаа преговорите, во првите шест години интензивни преговори се случуваше медиумите да проблематизираат одредени прашањата околу преговорите кои од врвот излегуваа како спин, или како препукувања на дневна база меѓу власта и опозицијата поврзано со пристапните преговори, ништо од тоа не беше релевантно информирање кое на граѓаните би им ги дало потребните информации и како тоа ќе влијае на нивните животи. Тоа на што нашата организација интензивно работи во овој момент е спроведување на едно вонинституционално образование кое ќе им овозможи на новинарите да отидат до Брисел на студиски престој, работилници и сл. да се информираат за Европската Унија, да видат како функционираат институциите таму, што пак ќе овозможи квалитетно известување, а не само спинови на Владата кои таа ќе ги користи на начин кој само нејзе ќе и одговара.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG