Достапни линкови

logo-print

„Мисија“ на Миле Костов - победник на конкурсот на „Ѓурѓа“


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Во конкуренција од 21 пристигнат ракопис, „Мисија“ на Миле Костов е одбран за најдобар необјавен роман на конкурсот кој издавачката куќа „Ѓурѓа“ од Скопје го распиша минатата година по повод 25-годишнината од своето делување на македонската книжевна сцена.

Академик Катица Ќулафкова во образложението „Мисија“ на Миле Костов да биде прогласен за најдобар роман на конкурсот на издавачката куќа „Ѓурѓа“ ќе забележи дека станува збор за ракопис кој бил наратолошки најдооформен, стилски прецизен, економичен во исказот и доволно алузивен за да го задржи вниманието на читателот од почетокот до крајот. Таа притоа дополнува дека него го препорачува и заради фактот што на еден модерен, интермедијално интониран начин е испреплетена судбината на Македонија, визијата за Македонија како „папокот на светот“, од една страна, и судбината на светот, во голема мера предодредена од историјата, но и од влијателните центри на моќ.
Многу истражував додека го пишував романот. Има многу научни факти, но истовремено и мистични делови и сето тоа е поврзано со Македонија и што е интересно главните јунаци се наши луѓе кои играат на меѓународно ниво и добар дел од дејството се случува во нашава земја.

Авторот Миле Костов вели дека „Мисија“ е дело од областа на спекулативната фикција, комбинација на мистиката со нови научни сознанија на едно повисоко ниво, а едновремено и една голема авантура.

„Многу истражував додека го пишував романот. Има многу научни факти, но истовремено и мистични делови и сето тоа е поврзано со Македонија и што е интересно главните јунаци се наши луѓе кои играат на меѓународно ниво и добар дел од дејството се случува во нашава земја.“

Писателот дополнува дека некои луѓе од локалната општествено-политичка и јавна сцена најверојатно ќе се препознаат во неговиот роман но дека не очекува негативни реакции.
До сега кажував дека пишувам научна фантастика а живеам од продажба на вино, а сега би сакал малку повеќе да навлезам во пишувањето. Решен сум да нема ден без нешто да не напишам, така што можеби и целосно ќе се свртам кон книжевната дејност.

„Со оглед на тоа што сме во дуален свет, не правам некоја селекција на позитивни и негативни ликови во романот, така што мислам дека сите што ќе го прочитаат и ќе се видат себе во текстот - позитивно ќе се изненадат. “

Костов вели дека следната работа што ќе ја направи по објавувањето на делото и неговата промоција што „Ѓурѓа“ планира да ја стори на Саемот за книга, е „Мисија“ да му ја претстави на Милчо Манчевски сè со надеж дека тој би се заинтересирал за нејзино филмување.
Инаку, авторот кој се уште работи како вински брокер, истакнува дека оваа награда за него може да биде голема пресвртница во животот.

„До сега кажував дека пишувам научна фантастика а живеам од продажба на вино, а сега би сакал малку повеќе да навлезам во пишувањето. Решен сум да нема ден без нешто да не напишам, така што можеби и целосно ќе се свртам кон книжевната дејност.“

Миле Костов појаснува дека ова му е прво поголемо признание и истакнува дека досега од неговото перо излегле романот „Визија“ и неколку раскази, дека во САД му била публикувана сторија која влегла во 10-те најчитани, но дека откако случајно го открил конкурсот на издавачката куќа се обидел да провери колку она што со толку љубов го работи може да биде интересно и за другите надвор од неговиот круг на познаници.

Инаку, „Ѓурѓа“ е прва независна издавачка куќа во Македонија. Првата книга ја објави во 1987 (станува збор за стихозбирката „Римјани“ од Паско Кузман) и оттогаш има издадено околу илјада наслови. Годишно продуцира шеесетина изданија од разни области, распоредени во повеќе едиции. За годишнината што ја славеше минатата година востанови три нови едиции „Амор магна“, „Магна идеја“ и „Белата гулабица“ и во нивните рамки досега публикуваше 70 дела.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG