Достапни линкови

Ќотек за Ромите или заштита на вработените и инвентарот?


Роми од прилепската населба Тризла се жалат дека обезбедувањето во Центарот за социјални работи физички ги нападнало, не дозволувајќи им да прашаат кога ќе може да го остварат правото на социјална помош. Во Центарот велат дека обезбедувањето реагирало зашто дел од корисниците на социјална помош биле агресивни.

Дел граѓани од ромска националност кои живеат во Прилеп се жалат дека во последниот период тие воопшто не се третирани соодветно во институциите каде се обраќаат да помош или, пак, кога имаат каква било потреба. Тврдат дека редовно се дискриминирани, навредувани, омаловажувани. Ситуацијата велат кулминирала во Центарот за социјална работа, каде обезбедувањето ги нападнало и физички, не дозволувајќи им да прашаат, кога ќе може да го остварат правото на социјална помош, по обновување на документцијата.
Кога дојдовме ние тука, да се буниме за нашите пари, обезбедувањето почна да мава, мене ме удри по стомак и во ѕидот.
Незакит Исмаилоски, жител на ромската населба Тризла во Прилеп.

„Кога дојдовме ние тука, да се буниме за нашите пари, обезбедувањето почна да мава, мене ме удри по стомак и во ѕидот“, вели Незакит Исмаилоски од ромската населба Тризла во Прилеп.

„Обезбедувањето не малтретира со сè деца, нè турка и нè гони, зошто, дали е ова власт? Ние се буниме за нашето право, а не да се караме внатре и да бараме тепачки, си го бараме нашето право за децата и за нас“, вели Ѓунеш Ајрулоски од Тризла.
Дел од корисниците беа агресивни, ние нормално имаме комуникација со обезбедување и повикавме обезбедување со цел заштита на инвентарот, на зградата, а и нормално за сигурноста на вработените, а под дејство на закани, под дејство на најава на агресивност, мора ние да најдеме начин нели, сето тоа да го превенираме.
Снежана Јованоска, директорка на Центарот за социјални работи.

Конкретно за овој случај, од Центарот за социјална работа, со објаснување:

„Дел од корисниците беа агресивни, ние нормално имаме комуникација со обезбедување и повикавме обезбедување со цел заштита на инвентарот, на зградата, а и нормално за сигурноста на вработените, а под дејство на закани, под дејство на најава на агресивност, мора ние да најдеме начин нели, сето тоа да го превенираме“, вели директорката Снежана Јованоска.

Но, не само поради овој случај, жителите на Тризла велат дека се вознемирени, дека се чувствуваат непријатно, стравуваат дека ако некаде го манифестираат своето незадоволство или побараат одговор на прашањето како да си ги решат маките, ќе бидат уште повеќе навредувани и малтретирани.

„Значи ова е сето катастрофа, а кажуваат министрите, значи граѓанинот секогаш има право, во друга прилика ние сме овци овде за нив, не третираат како кучиња, како свињи, немаме никакво право ни да се жалиме,ни ништо, каде ќе се жалиме таму ќе бидеме тепани, власта го прави ова сето, си зедоа голем пример и само на ѓупците навалуваат, друг ниеден“, вели жител на Тризла, каде живеат неколку илјади Роми.

Скоро сите се повеќечлени семејства, корисници на социјална помош, невработени, живеат во лоши и тешки услови, а социјалните проблеми се преголеми. Сè уште има деца кои и покрај задолжителното образование, не одат во училиште, туку питачат по улиците, во центарот од градот, на плоштадот. Има и такви кои се уште немаат документи за идентификација, кои не се евидентирани во книгата во родените, според тоа, не можат да остварат ниту едно граѓанско право. Очигледно е дека освен распределбата на социјална помош, надлежните имаат полни раце работа во оваа населба.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG