Достапни линкови

logo-print

Здив со аудио-метафора за перцепирањето на времето


Здив.

Здив.

„Метузалем“ е насловен албумот што како проект „Здив“ го потпишуваат тројца современи македонски музичари: Доријан Јовановиќ, Гоце Наумов и Ади Имери. Тие на оваа објава нудат изобилство на звучни пејсажи кои бавејќи се со отсликувањето на времето всушност претставуваат и една поинаква слика за перидот и просторот во кој настанала нивната заедничка уметничка творба.

Работен во текот на 2011 и сниман само во неколку дена во втората половина од минатата година во студиото „Профундус“, албумот „Метузалем“, според неговите творци претставува звучно отсликување на Времето, прикажано преку овој старозаветен лик кој живеел 969 години.
Тоа е приказна за човекот што најдолго живеел според библискиот текст, за концептот на времето во минатото кај различни народи и денеска. Каков ни е тој наш концепт за време и колку е релевантен или ирелевантен, колку може да е различен осетот за време и колку може да носи различни доживувања.

„Тоа е приказна за човекот што најдолго живеел според библискиот текст, за концептот на времето во минатото кај различни народи и денеска. Каков ни е тој наш концепт за време и колку е релевантен или ирелевантен, колку може да е различен осетот за време и колку може да носи различни доживувања“, истакнува Доријан Јовановиќ, задолжен за стик и електроника.

Покрај него, кој патем на публиката и е познат по делувањето во „Стринг форсис“, „Чалгија саунд систем“ и уште многу други проекти, во „Здив“ се и перкусионистот Гоце Наумов од „Ла колони волвокс“ и „Сет“, и гитаристот Ади Имери од „Јаболко за Даскалот“, „Бил скинс фифт“, „Некст ту сајленс квартет“ и „Лејди сед ноу“.
Оваа соработка потекна од „ресешн-сејшн“ сесиите во клубот „Ла Кања“ каде што во една прилика се споивме Гоце, Ади и јас и се почувствува нешто. Еден сличен дух помеѓу нас тројца и желба за правење на музика во разновидни комбинации, ентузијазам да се прави сето тоа независно од тоа кој е контекстот или формата.

„Оваа соработка потекна од „ресешн-сејшн“ сесиите во клубот „Ла Кања“ каде што во една прилика се споивме Гоце, Ади и јас и се почувствува нешто. Еден сличен дух помеѓу нас тројца и желба за правење на музика во разновидни комбинации, ентузијазам да се прави сето тоа независно од тоа кој е контекстот или формата“, вели Јовановиќ.

Тој дополнува дека тие потем го развиле концептот врз основа на импровизациите до одредени рамки и решиле да се движат во полето на амбиентот со не толку дефинирани ритмови и грувови, но со многу електронски помагала и едноставно да претстават една реална лебдечка звуковност.

„На одреден начин е и бегство од музичките рамки на група, на дадена форма на музика или класификација. Бегање од она што ни е усталено. Од фиоките во кои што сме сите страшно мирни и спокојни. Од тие комфорт-зони во кои постоиме нормално во животот.“

Создавајќи седум композиции или ако сакате седум става со кои се илустрира по една функција од отелотворувањето на времето, „Здив“ всушност и ја исцртуваат сопствената авторска линија за делувањето во сегашноста на дадениов простор.

„Кога некој би седнал и би го направил пресекот на создадената музика во Македонија во таа и таа година, овој албум ќе се појави како нешто специфично само по себе. Автоматски ја изместуваме сликата. Не е рамката ете во Македонија имаше само ваква и ваква музика. Има и нешто трето и што сега да му правам на ова?“, вели Јовановиќ.

По промоцијата одржана во средината на декември во Кинотека на Македонија, Имери, Наумов и Јовановиќ, со „Метузалем“ или со „музиката што ќе се раѓа и ќе ја следи дадената приказна“, планираат наново да се појават во некој камерен простор во Скопје, потем и во останатите градови од државава, а евидентна е и желбата за излез од локални рамки.

„Во светот глобално постои публика за овој вид музика. За израз кој што е надвор од тие усталени норми на рокенрол, џез или поп музика. За крос форми во кои што има многу интересни автори, многу интересни музичари и мислам дека со тоа ние има каде да отидеме“, вели Јовановиќ.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG