Достапни линкови

Обвинетите во „Монструм“ се бранат дека имаат алиби


Агим Исмаиловиќ, обвинет во случајот „Монструм", кој се товари дека е еден од извршителите на петкратното убиство кај Смиљковското Езеро во април минатата година, на денешното продолжение на судскиот процес ги отфрли обвинувањата. Тој рече дека не е точно она што го изјавил заштитениот сведок и еден од
обвинетите, Хаки Азири и посочи оти во времето на убиството бил на работа во интернет-кафе во Синѓелиќ, со кое стопанисувале неговиот брат Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, двајцата моментално во бегство.

Тој рече дека никогаш не бил на Смиљковското Езеро, туку само поминувале крај него кога оделе за на гробишта. Изјави и оти не знае каде е неговиот брат Африм кого, вели, не го видел од крајот на април, како и дека ниту тој, ниту брат му никогаш не биле во Авганистан или во некоја арапска земја.

Фејзи Азири, кој е обвинет за организација и логистика на петкратното убиство рече дека во времето на убиството бил на неговата фарма во Белимбегово по што се вратил дома. Тој рече дека освен неговите внуци, Хаки Азири и Алил Демири, другите обвинети не ги познава.

Судењето против шестмината обвинети, од кои на двајца им се суди во отсуство, почна на 20 декември. Во процесот за случајот „Монструм“ се обвинети Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди и Хаки Азири, додека на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се во бегство, им се суди во отсуство. Шестмината се товарат за тероризам, а целта, според обвинението, им била преку убиство на граѓани од македонска надионалност да предизвикаат чуство на несигурност и страв кај населението.

На 12-ти април минатата година на свиреп начин и без причина кај Смиљковското Езеро беа убиени Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.
XS
SM
MD
LG