Достапни линкови

Водовод има, а Мраморани сè уште без вода


Дваесетина куќи од долненското село Мраморани се уште немаат вода иако имаат водовод. Тие проблемот го лоцираат кај градоначалникот на општина Долнени, а тој пак вината ја префрла на Општина Прилеп

Шеесет и четиригодишната Пара Јорданоска од долненското село Мраморани, вели маки мачи од утро до вечер, да собере, да измоли и налее вода во многу пластични канти, буриња и други садови, зашто вода, во селскиот водовод никако да протече. Во зима вели смрзнува, оти треба вода за пиење, за перење, за чистење на куќата, а бунарот во дворот често смрзнува. Ако успее да го скрши мразот, добро е некако, покус и е патот, но сепак останува маката зашто освен за технички потреби, вода им треба за лична хигиена, за пиење и готвење.
Мене ми знае душава, еве немаме вода, од кај комшииве леам сега, ако ми дадат ќе залеам, ако не, одам од куќа в куќа и питам. Сите дадовме пари, без пари не сме, ама долненска Општина ти вели немаме можност уште толку да додадеме пари, таа шахтата што била, била градска, не била под долненска Општина.
Пара Јордановска, жител на долненското село Мраморани.

„Што дека е наместено се, кога вода немаме, четворица е син ми и двајца јас, шест души сме во семејствово.

РСЕ: И како се снаоѓате во зима, на снег сега?

„Мене ми знае душава, еве немаме вода, од кај комшииве леам сега, ако ми дадат ќе залеам, ако не, одам од куќа в куќа и питам. Сите дадовме пари, без пари не сме, ама долненска Општина ти вели немаме можност уште толку да додадеме пари, таа шахтата што била, била градска, не била под долненска Општина“, вели Јорданоски и признава дека не и се доволно јасни, причините зошто и со партиципација, зошто и кога имаат изграден водовод со години, од чешмите се уште не им протекува чиста, здравствено исправна вода за пиење, па да стават крај еднаш за век на нивните маки.
Пет години, платено, сторено, се, за се сме плаќале, за патишта, за болницата, за патот. Еден е Блаже Конески и не можат да појдат да ја посетат куќата негова, сето е дупка, сето е длапка, да не може да помини пиле, не човек да врви.
Санда Ристевска, жител на долненското село Мраморани.

Наспроти нејзе, малку подолу по селскиот пат, од десната страна е куќата на 74 годишната Санда Ристеска. Живее сама и тешко и паѓа, кога од бунарот треба да влече вода. Но, среќа вели што синот, по смртта на сопругот, постојано доаѓа, да и помогне, па во колата и носи шишиња, пластични канти полни со вода. Ама за да биде чисто во куќата, водата бргу се троши.

„Пет години, платено, сторено, се, за се сме плаќале, за патишта, за болницата, за патот. Еден е Блаже Конески и не можат да појдат да ја посетат куќата негова, сето е дупка, сето е длапка, да не може да помини пиле, не човек да врви“, реагира револтирана Ристеска.

Истите маки ги имаат и другите жители. Но, некако се повлекуваат, не сакаат веќе да зборуваат на оваа тема. Велат очигледно е дека решение нема, дека никој нема интерес да се реши нивната мака. Вината ја фрлаат на градоначалникот на општина Долнени. Велат, ако сакаше досега ќе го решеше проблемот, па како и останатите села во Долненско, ќе имаше и во Мраморани и вода и улично осветлување и уреден пат до селото. Тие се незадоволни зашто како што велат градоначалникот остава впечаток дека не е заинтересиран да ги реши комуналните проблеми на селото, населено со 20-ина куќи со Македонци.

Абдула Бајрамоски, пак, вината ја префрла на општина Прилеп. Вели за приклучување на селскиот водовод кон долненската мрежа треба многу пари, а неколку пати помал би бил трошокот, ако Мраморани се приклучи кон градскиот водовод. Но, од прилепската Општина нема одговор на барањето, доставено речиси пред една година.

Од прилепски Водовод, пак, потенцираат дека Долнени треба сама да најде решение за проблемот, зашто Мраморани територијално припаѓа на оваа општина. Ако се најде солуција да се потпише меѓуопштински договор, селото може да се приклучи на градската мрежа, но фактурите за потрошена вода треба да ги плаќа општина Долнени, која задолжително според закон може да стопанисува со овој водовод, децидни се од прилепски Водовод.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG