Достапни линкови

Наместо македонски купуваме круши од Аргентина


Круша вилјамовка.
Круша вилјамовка.

Наместо македонската автохтона круша на пазарите низ земјава се продаваат увезени круши од Аргентина и Чиле по многу високи цени.

Во последните 20 години на македонскиот пазар одвај може да се најде круша од домашно производство. Наместо македонската автохтона круша на пазарите низ земјава се продаваат увезени круши од Аргентина и Чиле во сезони и по многу високи цени. Земјоделците од битолското село Бистрица, во минатото познато по крушовите насади, велат дека македонската круша настрадала од увезена бактерија.
Се доведовме до ситуација на пазарот да купуваме круши од Чиле и Аргентина.
Митко Милевски, земјоделец од Бистрица.

„Во 80-тите години во амбалажа од земја од соседството беше пренесена карантинска батерија, поточно бактериска пламеница на крушата, која ги десеткува сите крушови насади во земјава и се доведовме до ситуација на пазарот да купуваме круши од Чиле и Аргентина“, изјави Митко Милевски, земјоделец од Бистрица.

Според Федерацијата на фармери, домашното производство на круши е намалено за 70 проценти во однос на периодот пред 20 години, при што бројот на родни стебла од еден милион се намали на 360 000. Од федерацијата велат дека причината за ваквата состојба се болестите за кои овоштарите немаа соодветни препарати и знаење како да ги совладаат.
Најголемите загуби во Македонија настапија со болеста ервинија, бактериолошко заболување за кое земјоделците во Македонија немаа одговор.
Андрија Секуловски, Федерација на фармери.

„Различните климатски услови, но пред се непратењето на новите технологии доведе до пресвртот. Најголемите загуби во Македонија настапија со болеста ервинија, бактериолошко заболување за кое земјоделците во Македонија немаа одговор. И второ со псилата, штетник за кој во одреден временски период немаше препарати ниту знаење од страна на земјоделците“, изјави Андрија Секуловски, претседател на федерацијата.

Од таму велат дека со недостиг на оваа овошка се соочуваат и земјите од регионот.

„Во еден поранешен систем на Југославија, Македонија беше препознатлива по јаболкото и крушата, ние дојдовме сега до еден страмежлив незначителен напор, само во одредени региони да ја има крушата. И во моментот сега на македонскиот пазар скоро и да нема домашна круша. И во Албанија, Косово, Србија, Босна и Бугарија има недостиг на круши“, додава Секуловски.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG