Достапни линкови

Нема државјанство, нема надоместок за дете


Семејството Тркалески.
Семејството Тркалески.

Семејството Тркалески од прилепско не може да го оствари правата за надоместок за второ и трето дете, бидејќи сопругата нема државјанство. Тие три месеци добивале по 5.000 денари по раѓањето на второто дете, а потоа, не само што им го прекинале овој додаток, туку сега им ги бараат парите назад.

Мартина има 5, Александра 3 и Роберто 2 години. Наскоро овие три дечиња од прилепското село Заполжани ќе добијат братче или сестричка. Нивните родители, 32-годишната мајка Барда, Албанка и таткото, 43-годишниот Марјанчо Тркалески се обидуваат егзистенцијата на своето семејство да ја обезбедат од тутунопроизводство. Но, тешко им успева. Пари не можат да обезбедат доволно за нормален живот. Маки мачат да врзат крај со крај. Бидејќи сопругата нема државјанство, не можеле да ги остварат ниту правата за надоместок за второ и трето дете. Три месеца добивале по 5000 денари по раѓањето на Александра, потоа не само што им го прекинале овој додаток, туку сега им ги бараат парите назад.
Петнаесет илјади тие ми дадоа, јас ги добив, мене ми е оти, не ме одбија тогаш јас кога ги добивав. Не знам како ќе го решавам сега, ќе одам по судски пат, или по некое друго решение, немам кај да ги најдам, пошто решение имам добиено да ги земам, а сега да ги вратам. Тие тогаш требаше да ми објаснат мене дека не можеш да ги оствариш овие пари, зошто не доделува државата, а тогаш излезе закон.
Марјанчо Тркалески.

„Петнаесет илјади тие ми дадоа, јас ги добив, мене ми е оти, не ме одбија тогаш јас кога ги добивав. Не знам како ќе го решавам сега, ќе одам по судски пат, или по некое друго решение, немам кај да ги најдам, пошто решение имам добиено да ги земам, а сега да ги вратам. Тие тогаш требаше да ми објаснат мене дека не можеш да ги оствариш овие пари, зошто не доделува државата, а тогаш излезе закон“, вели таткото Марјанчо Тркалески.

Сега со предавање на тутунот се надева дека ќе добијат пари, за да ги платат долговите и обврските по дуќаните, но како натаму не знае. А, наскоро ќе им се роди и четвртото дете.

„За трето не добивам ништо, еве бев таму во социјално, не можете да земате вели, немате документи за невестата. Барем јас социјално да земам, една година имам поднесено барање, документите се во Скопје, за државјанство на невестава, не се вратени, за да можеме да појдеме во социјално, а велат во социјалното ако нема државјанство невестата нема да земате.“

Се жали Марјанчо и не знае каде да бара излез од оваа ситуација. Наспроти неговите проблеми во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа категорично објаснуваат дека сите законски регулативи важат само за лица со државјанство. Ним добро им е познат случајот Тркалески. Велат правниците во тој период направиле предив, му овозможиле да добива месечно пари, но сега тој мора да ги врати незаконски добиените средства.

„Значи во случајов, бидејќи мајката немала државјанство на Република Македонија, примено е барање на таткото. По кратко време при преиспитување на случајот, констатирано е дека не исполнува услови за вакво право и од тие причини правото е прекратено“, истакнува Снежана Јованоска, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.

Тркалески се надева дека наскоро ќе може да го подигне државјанството за сопругата од прилепската полиција. Но, за него е несфатливо, како може ова право да важи само за мајката во вакви случаи. Вели, факт е дека имаат дете, и дека тоа дете е родено во Македонија, дека има македонско државјанство и дека државата донела закон за парична помош. Според него и други семејства со слична приказна во прилепските села, се додека мајката не добие државјанство, треба да се даде можност правото на надоместок да го користат и татковците.

Од април 2010 година надомесок според законот следува само за трето, а не за второ и четврто дете како порано. Преку Министерството се исплаќа сума од над 8000 денари, се додека детето не наполни 10 години. Натаму целосната материјална грижа ја има семејството.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG