Достапни линкови

logo-print

Најчевска - Живееме во ретро-комунистичко општество


Живееме во општество во кое има многу институции, начини на делување, модели и механизми кои потсетуваат на најголемите деформации на комунистичките општества, вели професор Мирјана Најчевска од Институтот за Социолошко-правни и политички и истражувања.

Опозицијата е надвор од парламентот, протестира на улица, новинари беа исфрлени од собраниската галерија за време за носењето на буџетот за 2013-та. За опозицијата сето она што се случуваше пред и во Собранието е диктатура, а за власта државен удар. Што всушност ни се случува?

Да беше ова некаде 91-92 година, ќе речев дека тоа е нормален период на транзиција, односно период во којшто луѓето се уште не можат да ги согледаат до крај рамките на новиот политички систем кој се гради и се дезориентирани, односно владее конфузија во однос на се она што претставува институции и уставни определби. Бидејќи сето ова ни се случува дваесетина години по таа наводна промена на политичкиот систем, можеме да стекнеме впечаток дека или целиот овој период ние тапкаме во место, значи не сме мрднале ни еден милиметар од она што требало да биде направено уште пред 20 години или пак дека сме исчекориле напред, а сега се наоѓаме во некој ретрограден процес во кој повторно ни се повторуваат работи коишто одамна требало да бидат апсолвирани и решени.

Во какво општество сега живееме?

Ние живееме во ретро-комунистичко општество, значи има многу институции, начини на делување, модели и механизми кои потсетуваат на најголемите деформации на комунистичките општества, кога се форсирало едноумие, кога секој закон се спроведувал со казни и со закани и кога луѓето биле држени во информативен мрак со цел да можат со цел д аможе многу полесно да се манипулира со нив. Тоа значи дека ние живееме во неверојатно затворено општество кое или ќе ги уништи, ќе ги угуши граѓаните во самото себе, или во одреден момент мора да експлодира однатре.

Се протестира за се и сешто, најчесто луѓето не ни знаат за што протестираат. Од каде оваа практика на секој протест да се одговара со контрапротест.

За протестирањето би можела да кажам дека тоа е во контекст на она многу поглобално што ни се случува во рамките на државата, а поврзано со демократијата. Имам впечаток дека луѓето слушнале, а не дослушнале дека протестите се дел од демократијата, дека имаат право за собирање, на изразување на мислењето и слично и почнуваат да ги користат без навистина да знаат, како прво што сакаат да постигнат, дали е тоа вистинскиот начин на кој една работа може да се постигне, без да ги организираат, без да ги планираат, без да најдат поддршка во пошироки структури како што вообичаено се прави со овој вид на користење на демократијата и на крај нема никаков резултат.

Што може да очекувам со оглед на тоа дека сме на прагот на избори. Да каде може да води ова организирање на такви организирани контрапротести.

Прво нема ништо спонтано во контрапротестите. Ова е на некој начин предвестие на што и како ќе ни личат изборите коишто се приближуваат, односно повторно ќе имаме ситуација кога луѓето немаат поим што сакаат, немаат никакви информации, односно немаат релевантни информации за тоа за што треба да решаваат, односно што треба да бираат, се во ситуација на егзистенцијалан изнуда, има голем број на луѓе кои едноставно од егзистенцијални причини се приклонуваат кон една или кон друга страна, односно од причини на страв, начинот на заплашување е многу присутен на политичката сцена во Република Македонија.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG