Достапни линкови

Опозицијата продолжува со протестите


Коалицијата „Сојуз за иднината“ од денеска повторно ќе протестира во Скопје и во сите други градови.

Коалицијата „Сојуз за иднината“ од вечерва се враќа на протести, по паузата за новогодишните празници. Од 18 до 19 часот, во Скопје и во сите други градови ќе продолжат со протестите и одржувањето на т.н. народни парламенти.
Нашиот народ вели пред Божиќ, за Божиќ, кај и да си дома да си, но во ваква држава, со ваква власт, нашиот дом ќе бидат улиците, парковите, плоштадите. Од среда продолжуваме, секој работен ден.

„Нашиот народ вели пред Божиќ, за Божиќ, кај и да си дома да си, но во ваква држава, со ваква власт, нашиот дом ќе бидат улиците, парковите, плоштадите. Од среда продолжуваме, секој работен ден. Од среда, од 18 до 19 часот ќе организираме отворен граѓански парламент. Секој ќе може да си ги каже потребите и маките“, рече лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски на саботнито протест пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата одби да се врати во парламентот, со образложение дека тоа ќе остане „новогодишна желба“ на премиерот Никола Груевски. Тој во
новогодишно обраќање ја повика опозицијата да се врати во Собранието и да земе учество на локалните избори напролет. Од опозицијата велат дека учеството на изборите ќе зависи од промената на изборниот законик во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХИР и од избирачкиот список.

Опозицијата излезе од Парламентот по настаните на 24 минатиот месец, настани за кои власта и опозицијата имаат различно гледиште.

Во меѓувреме од МВР преку соопштение рекоа дека претставката на Здружението на новинарите на Македонија за прекумерна употреба на сила кон новинарите за време на случувањата во Собранието при носење на буџетот е неоснована.

„Од увидот во целокупниот видео материјал, како и од извршените разговори, не може да се констатира прекумерна употреба на сила или пречекорување на овластувањата. Напротив, постапувањето на полициските службеници е согласно Законот за Собрание, Законот за полиција, Кодексот на полициската етика и подзаконските акти“, се вели во соопштението.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска вчера немаше што да додаде за настаните. Од ЗНМ велат дека денеска ќе одржат состанок за тоа како да одговорат на соопштенеито на МВР и дека во текот на денот ќе биде познат нивниот став.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG