Достапни линкови

Груевски - Успешно се справуваме со кризата


Премиерот Никола Груевски на промоција на фотомонографија за Порта Македонија на 6 октомври 2012 година.

Премиерот Никола Груевски на промоција на фотомонографија за Порта Македонија на 6 октомври 2012 година.

Во годината што измина Македонија го доби досега најпозитивниот извештај од Европската комисија за остварениот напредок и реформи, како резултат на што ја доби и четвртата по ред препорака за отпочнување на преговорите со цел членство во ЕУ, истакна премиерот Никола Груевски во новогодишното обраќање до граѓаните.

„Реформите кои Македонија ги направи во одредени области, факт е дека ги немаат направено и многу земји членки на Унијата. Од друга страна, инсистирањето по секоја цена да ни биде наметнато ново име одбрано од други и нов идентитет, е преседан кој никого не остава рамнодушен, колку и некои од земјите, односно политичарите во ЕУ да се прагматични или либерални, особено кога станува збор за проблем на друга земја, а не на својата“, вели Груевски.

Тој вели дека владата успешно се справила и со предизвиците на внатрешен план, како петкратното убиство кај Смиљковското Езеро.

Според него, со антикризните мерки и реформите, владата направила максимум да и помогне на економијата во време на најголемата должничка криза во Европа. Се пофали со намалување на невработаноста, странски инвестиции, кои како што рече, ќе биле поголеми да не била кризата и со тоа што Македонија е „една од најниско задолжените земји во Европа“.

Груевски ги посочи вложувањата во социјална заштита, здравство, земјоделство и инфраструктура.

Во обраќањето се осврна и на случувањата во Парламентот.

„За среќа, иако со последици за угледот на државата, Македонија не дозволи рушење на долго градената демократија и легитимно избраната власт на слободни и фер избори, ниту пак блокирање на земјата и штети врз граѓаните со неизгласување на буџетот. Носителите на овој недемократски чин имаат шанса да повратат дел од загубениот углед на земјата ако набрзо се вратат во Парламентот и учествуваат на следните локални избори, кои мора и ќе бидат како и претходните фер, слободни и демократски“, вели Груевски.

Претседателот Иванов, пак, во новогодишното обраќање повика на единство и сплотеност и изрази верба дека во новата година „Македонија ќе биде таму каде што заслужува да биде“.
XS
SM
MD
LG