Достапни линкови

Нов обид на Обама за спас од фискален амбис


На три дена пред истекот на рокот, ниту републиканците, ниту демократите не отстапуваат од своите позиции во врска со фискалниот амбис.

Американскиот претседател Барак Обама денеска треба да се состане со лидерите на републиканците и на демократите во Конгресот со цел да биде избегната нова економска криза во Соединетите Држави поради опасноста од фискалниот амбис. Доколку не биде постигнат компромис во наредните неколку дена, американската економија ќе се соочи со нова рецесија.
Вистина е дека се соочуваме со краен рок, но републиканците немаат намера да потпишат бланко чек за сè што ќе предложат демократите. Тоа нема да биде фер кон американскиот народ.

Мич Меконел, лидер на републиканците во Сенатот.

Белата куќа соопшти дека на состанокот кај претседателот Обама ќе присуствуваат лидерите на демократите и на републиканците и од Сенатот и од Претставничкиот дом. Ова е еден од последните обиди за договор за избегнување на фискалниот амбис, односно автоматско зголемување на серија даноци и крупни кратења на трошоците, кои би стартувале од први јануари 2013. Економистите предупредуваат дека станува збор за кусок од над 600 милијарди долари, што ќе ја турне американската економија во нова рецесија.

Богатите, кои прават многу пари, не се противат на зголемувањето на даноците за нив. Единствените луѓе во Америка што се противат на тоа, се републиканците во Конгресот.
Хари Рид, лидер на демократите во Сенатот.
Досегашните обиди на Обама да постигне договор со законодавците, не успеаја. Републиканците не се согласуваат со основното барање на демократите за зголемување на даноците за богатите, а демократите го одбиваат барањето на републиканците за кратење на некои владини програми.

Иако претседателот Обама освои нов четиригодишен мандат, неговата Демократска партија нема мнозинство во Конгресот за да го изгласа буџетот без поддршка од републиканците. Така наречениот концепт на фискален амбис, беше креиран за да ги принуди двете страни, до крајот на 2012 да најдат решение за тоа каде треба да се штеди. Моменталниот американски дефицит изнесува околу 16,4 билиони долари и веќе го достигна максимумот.

Лидерот на републиканците во Сенатот, Мич Меконел изјави дека кризата може да биде спречена, но оти тие намаат намера да ги прифатат предлозите на демократите само затоа што се ближи финансискиот амбис.

„Вистина е дека се соочуваме со краен рок, но републиканците немаат намера да потпишат бланко чек за сè што ќе предложат демократите. Тоа нема да биде фер кон американскиот народ.“

Од друга страна, лидерот на демократите во Сенатот, Хари Рид, за опасноста од финансиски амбис ги обвини републиканците.

„Богатите, кои прават многу пари, не се противат на зголемувањето на даноците за нив. Единствените луѓе во Америка што се противат на тоа, се републиканците во Конгресот.“

Според некои извештаи, Белата куќа и законодавците би можеле да постигнат и преодно решение со кое би се запрело зголемувањето на даноците за средната класа Американци и би продолжиле програмите за некои бенефиции, а за целиот пакет мерки би продолжиле преговорите.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG