Достапни линкови

Со учество на 21 бенд од шест издавачки етикети, на два подиума во Младинскиот културен центар во Скопје, во сабота од 19 часот, ќе се случи „Земјотрес“ - првиот фестивал на домашните независни издавачки куќи чија цел е да биде претставена новата и храбра македонска музика.

Кингс од ајдл, Астролангс, битолското сурф-рок трио Молокаи, СИЗ, панкерите Фонија, Демек, Калчр дивелопмент, веќе афирмираните Д-Џон и Ха-Ха-Ха, Герила, Скриминг фор чеинџ...се само некои од дваесеттината состави што ја чинат програмата на првото издание на „Земјотрес“ - фестивалот на нова македонска музика што е планирано да се одржи оваа сабота на две сцени во Младинскиот културен центар во Скопје. Зад манифестацијата застанаа шесте домашни независни издавачи: Направи заедно, Пи-ем-џи рикордингс, Е го ист, 22 рекордс, К.Р.А.Н и 69 рекордс.
Идејата на Фестивалот е да се презентира едно единство, воедно и моќта на таа сцена која што почива на постулатите на „Направи сам“ културата каде што издавачите најчесто се и луѓе од бендовите и тука владее една фина, би рекол, дури и полусемејна атмосфера.

„Идејата на Фестивалот е да се презентира едно единство, воедно и моќта на таа сцена која што почива на постулатите на „Направи сам“ културата каде што издавачите најчесто се и луѓе од бендовите и тука владее една фина, би рекол, дури и полусемејна атмосфера“, истакнува Васко Атанасовски, издавач и член на групите Бернајс пропаганда и ХаХаХа.
Музичката група The John.

Музичката група The John.


Атмосферата на првиот фестивал на македонските издавачи со своите сетови звуковно ќе ја обојат и познатите скопски ди-џеј артисти Роботек и момците зад „Кантон 6“ - Синиша Ефтимов и Мирко Попов, инаку обајцата и потписници на веќе респектабилниот каталог на Пи-ем-џи рикордингс.
Што повеќе им се нуди особено на младите нешто вакво толку повеќе има шанси тие тоа да го прифатат и во некој следен период, во некој циклус од пет – десет години, повторно да јаваме на некој бран на некаква поширока популарност на оваа „алтернативна“, „рокенрол“ било како и да ја наречеме култура. „Земјотрес“ е токму обид да се направи еден таков обединувачки фестивал на независната сцена и независната музика во Македонија.

Говорејќи за нивната заложба за помрднување на работите од мртвата точка и за менувањето на свеста околу моќта на овој тип настани, Попов вели дека еден фестивал независно од тоа колку е голем генерално не би можел од корен да ги измести нештата туку дека за тоа е потребно да се прават што повеќе и поквалитетни настапи од овој тип и дека тие сите заедно се на убав пат да го сторат тоа.

„Што повеќе им се нуди особено на младите нешто вакво толку повеќе има шанси тие тоа да го прифатат и во некој следен период, во некој циклус од пет – десет години, повторно да јаваме на некој бран на некаква поширока популарност на оваа „алтернативна“, „рокенрол“ било како и да ја наречеме култура. „Земјотрес“ е токму обид да се направи еден таков обединувачки фестивал на независната сцена и независната музика во Македонија.“

Билетите за овој прв Фестивал на независните издавачи во земјава се со симболична цена од 100 денари затоа што, како што вели Атанасовски, идејата е да се демонстрираат заедништвото и соработката.

„Цената на влезниците е минимална бидејќи интенцијата е да се соберат што повеќе млади луѓе кои што би уживале во таа опуштена атмосфера каде што принципот нема да биде натпревар туку ќе биде заедништво и соработка.“

Кон ова само уште информацијата дека за време на одржувањето на „Земјотрес“ независните издавачи на своите штандови ќе ги претстават и своите нови изданија, а интересно е што безмалку едновремено се одржуваат Мулти-култиватор или Фестивал за разбрани луѓе со Бла Бла Бла и Калап како носители на програмата и петтото издание на фестивалот Нема Дедо Мраз кое во Куманово на сцената на клубот Џатро ги собира дел од бендовите кои ќе свират и во МКЦ ( Ха-Ха-Ха, СИЗ, Молокаи ...) и гостите од Хрватска, вараждинските панкери Власта Попиќ.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG