Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ: Заев покажа дека СДСМ планира државен удар; Заев: Очекувам да пукаат во нас


Архивска фотографија: Потпретседателот на СДСМ Зоран Заев.

Архивска фотографија: Потпретседателот на СДСМ Зоран Заев.

Ќе има пукање, вели Зоран Заев. За ВМРО-ДПМНЕ, тоа е доказ дека СДСМ планира државен удар. Заев, пак, тврди дека мислел на пукање од страна на власта.

Ако досега некој имаше сомнеж дека СДСМ планира државен удар, сега веќе сите се уверија, реагира владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Зоран Заев сам потврди дека СДСМ има намера да пука. СДСМ е спремен да излезе на улица, но не да протестира, туку за да пука, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Порталот Нетпрес претходно објави телефонски разговор со потпретседателот на СДСМ и градоначалник на Струмица Зоран Заев, во кој тој вели дека СДСМ веројатно ќе ги бојкотира локалните избори и оти ќе нема избори, а ако власта одлучи да ги организира без опозицијата, тогаш „ќе има пукање“. Новинарот на Нетпрес му се претставил на Заев како шеф на општинската организација на СДСМ од Крива Паланка.

Заев, пак, реагира дека навистина рекол така, но мислел на пукање од власта, а не од опозицијата.

„После она што се случи во понеделникот пред собранието, но и во парламентот, јас очекувам сега навистина да пукаат по нас. Тоа беше смислата на она што го кажав“, вели Заев во соопштението испратено од Општина Струмица.

Тој најави кривична пријава за неовластено снимање против Нетпрес. СДСМ претходно најави кривични пријави за сите државни функционери кои, како што оценува, „учествувале во партиско-полицискиот пуч што бил спроведен во Собранието“.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG