Достапни линкови

ЗНМ: Исфрлањето на новинарите од Собранието е официјализирање на цензурата


Здружението на новинари на Македонија најостро го осуди денешното насилно исфрлање на новинарите од галеријата на Собранието од каде што ги следат пленарните седници. Според ЗНМ, со тоа грубо е прекршен Уставот кој ја гарантира слободата на изразување и слободата на медиумите.

„Наредбодавачите на овој срамен чин ја официјализираа цензурата и одлучија што смеат, а што не смеат да следат новинарите“, се вели во соопштението од ЗНМ.

Во реакцијата се наведува дека новинарите со ништо не ја предизвикале ваквата реакција на обезбедувањето, а ниту постоел правен основ за нивно отстранување.

„Бевме отстранети за да не бидеме сведоци на отстранувањето на пратениците од опозицијата од салата за седници. Ова е преседан кој не смее да помине неказнето“, реагира Здружението на новинари.

Управниот одбор на ЗНМ, затоа ги прекинува разговорите со Владата, како што се соопштува, сè додека не се врати уставниот поредок во Македонија и извршителите и наредбодавачите на ова срамно однесување не бидат откриени и казнети согласно законот.

ЗНМ најави дека ќе ги искористи сите правни механизми да ја заштити слободата на изразувањето и слободата на медиумите и дека ќе ја алармира целата домашна и странска јавност за случувањата во Собранието.
XS
SM
MD
LG