Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ: Државниот удар на Црвенковски не помина


Владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение оценува дека денеска победил разумот и бил спречен обид за државен удар од претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски, кој заедно со пратениците од СДСМ ја суспендирале демократијата во државата.

„Разумот го заменија со насилство, провокации и рушење на легитимно избрана власт, зад која стојат граѓаните кој го дале својот глас на легални избори. Тие насилно сакаат да соборат и да ја освојат власта, носејќи луѓе од внатрешноста, мобилизирајќи поддржувачи кои дел од нив дури се со дебело криминално досие“, соопшти попладнево ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, пратениците од СДСМ биле главните спроведувачи на сценариото на Црвенковски.

„Најпрвин физички го нападнаа претседателот на Собранието Трајко Вељаноски само затоа што ја отвори седницата на Собранието. Пратениците на СДСМ физички и вербално напаѓаа свои колеги пратеници. Физички се пресметуваа и со собраниското обезбедување и го кршеа народниот имот, лажно паѓајќи во несвест, глумејќи исто како во случајот со А1. Пред Собранието, поддржувачите на Црвенковски ги нападнаа органите на редот и мирот, кои имаат обврска да обезбедат ред и сигурност. Тие тргнаа да се пресметуваат со граѓаните кои спонтано се собраа да го изразат своето незадоволство“, се вели во соопштението.

Според ВМРО-ДПМНЕ, институциите денеска покажаа ефикасност.

„Собранието не е на СДСМ, не е ниту на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа му припаѓа на народот. Нападот на Собранието е напад врз граѓаните“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
XS
SM
MD
LG