Достапни линкови

Опозицијата не се враќа во Собранието, Црвенковски најави граѓанска непослушност


Лидерот на опозициската СДСМ, Бранко Црвенковски на мегафон им се обрати на насобраните поддржувачи пред Собранието. Тој изјави дека опозицијата повеќе нема да се враќа во Собранието и повика на граѓанска непослушност.

„Овој ден ќе се памети како трагичен и како голем во историјата на македонскиот народ, затоа што од денеска нема Устав, закон, нема парламент, влада, нема демократија. Има еден диктаторски режим од едната страна и народот од другата страна“, рече Црвенковски.

Тој рече дека Груевски седум години го дели овој народ по сите основи, верници - неверници, предавници - патриоти, антички и словенски Македонци.

„Денеска Груевски го направи пресудниот чекор, од денеска Македонија си го доби својот Милошевиќ. Денеска беа тепани новинари, пратеници, народ, денеска го свртеа народот еден против друг, да предизвика крвопролевање, судир, конфронтација. Па Груевски ако сакаш да бидиш Милошевиќ ќе си го добиеш својот 5- ти октомври“, порача лидерот на СДСМ.

Од денеска нема парламент и нема наши пратеници во парламентот, додаде тој.

„Денeска е голем ден затоа што патот ни е чист, повеќе нема дилеми, знаеме со кого си имаме работа и кој е единствениот начин како да се справиме, од утре почнува граѓанска непослушност, општонародно востаниe за слобода, демократија, за Македонија, за иднина.“
XS
SM
MD
LG