Достапни линкови

Соработката со тајните служби – машка дисциплина во Македонија


Од околу 40 луѓе досега лустрирани во Македонија нема ниту една жена. За експертите, жените почесто биле жртви отколку кодоши.

Нема ниту една жена меѓу 40-тината соработници со тајните служби кои Комисијата за верификација на факти ги утврди досега. Според експертите, ова сведочи за патријархалноста на претходниот комунистички режим – жените почесто биле жртви, отколку кодоши.
Ако правиме сооднос мажи - жени, кај машките има многу повеќе соработници, бидејќи такво било времето. Повеќе биле на функции, повеќе работеле, биле поподобни за врбување и ангажирање на соработници. Повеќе се внимавало на жените и затоа нив ги нема толку за лустрација.

Претседателот на Комисијата за верификација на фактите Томе Аџиев вели дека ќе има лустрирани жени, но помалку од мажи. Засега, тој во прегледаните досиеја сретнал документи, но не и цврсти докази дека некои жени соработувале со службите.
Томе Аџиев, претседател на Комисијата за верификација на факти.

Томе Аџиев, претседател на Комисијата за верификација на факти.


„Во разгледувањето на сите досиеја што досега ги имаме обработено се среќававме со женски имиња кои биле на одредени позиции во тој период и кои биле повикувани да даваат некакви информации. Меѓутоа таква документација што нам ни е потребна за да одлучуваме - нема. Ако правиме сооднос мажи - жени, кај машките има многу повеќе соработници, бидејќи такво било времето. Повеќе биле на функции, повеќе работеле, биле поподобни за врбување и ангажирање на соработници. Повеќе се внимавало на жените и затоа нив ги нема толку за лустрација“, посочи првиот лустратор.
Тогаш нашето општество беше патријархално. Ако некоја девојка имаше љубов со некого, ќе ја уценеа дека ќе ја кажат на родителите. Девојката тогаш принудена за да не ја издадат дома, ќе прифатеше да информира, за таткото, стрикото, вујкото, другари...

Според Аџиев, од досиејата што досега ги обработиле може да се заклучи дека тајната полиција жените повеќе ги употребувала за надворешно разузнавање. УДБА ги користела нивните „женски природни предиспозиции“ за пресметка со туѓите тајни служби или нивните домашни соработници. Македонскиот Закон за лустрација не предвидува лустрирање на ваквите оперативци на УДБА и поради тоа тие и нивните досиеја не можат да се објават јавно, ниту да им се наметне дополнителен услов за вршење на јавна функција.
Панде Кимов, политички осуденик во времето на комунизмот.

Панде Кимов, политички осуденик во времето на комунизмот.


„Жени им се подметнувале на странски служби за кои работеле наши луѓе или им биле подметнувани на луѓе кои доаѓале од странство. Ние ги сретнавме таквите случаи во работењето, меѓутоа тие работеле од други причини и не се од интерес на комисијата“, вели Аџиев.
Тогаш властите ги терале жените да доаѓаат на работни акции за да ги врбуваат, но за да ги заштитат своите деца, се пријавувале постарите жени - бабите, само за да ги сокријат снаите или ќерките кои што не биле мажени. Од досиејата може да се види дека службите работеле на ист принцип. Нема разлика во однос на поставеноста како ќе ги врбуваат луѓето.

Некогашните жртви на тој режим се уверени оти меѓу соработниците со тајните служби мора да има и жени. Нивното искуство вели дека жените дури и полесно од мажите биле врбувани за соработка. Осумдесетгодишниот политички осуденик Панде Кимов од Претор детално објаснува како комунистичката полиција ги регрутирала жените и девојките во своите кодошки редови.
Никола Андонов, претседател на Здружението на политичките затвореници.

Никола Андонов, претседател на Здружението на политичките затвореници.


„Ги регрутираа многу просто и едноставно. Еве еден пример - тогаш нашето општество беше патријархално. Ако некоја девојка имаше љубов со некого, ќе ја уценеа дека ќе ја кажат на родителите. Девојката тогаш принудена за да не ја издадат дома, ќе прифатеше да информира, за таткото, стрикото, вујкото, другари. Понатаму полицијата имаше и друг метод. Регрутираа и преку курсеви и семинари кои ги организираа, а посебно преку младинските работни акции каде партиските личности вршеа насилство врз нив, ги земаат и машките и женските и ги подготвуваа за шпионажа. Кога се враќаа ги поткупуваа со пари и купони и тие почнуваа да соработуваат. Кога еднаш ќе се фатеа на орото за шпионажа, многу тешко можеа да се откажат, затоа што уцените беа големи“, сведочи Кимов.
Не сум убеден дека жените биле соработници, пологично е да кажеме дека биле жртви. Додека нивните сопрузи биле во затвори, а децата под закана за живот, жените со цел да го заштитат семејството веројатно прифаќале некои услови, соработки против своја волја, но тоа е насилството на службите. Тоа ги прави жртви, а не соработници.

Истото го потврдува и претседателот на Здружението на политичките затвореници Никола Андонов. Тој вели дека на комунистичката полиција не и било важно дали некој ја прифаќа идеологијата на власта или не. Ним им било важно да имаат кодош во секое семејство. Според Андонов, населението се обидувало да ги заштити своите женски деца да не влезат во магичниот круг на шпионажата.
Виолета Ачковска, историчар.

Виолета Ачковска, историчар.


„Тогаш властите ги терале жените да доаѓаат на работни акции за да ги врбуваат, но за да ги заштитат своите деца, се пријавувале постарите жени - бабите, само за да ги сокријат снаите или ќерките кои што не биле мажени. Од досиејата може да се види дека службите работеле на ист принцип. Нема разлика во однос на поставеноста како ќе ги врбуваат луѓето“, вели Андонов.

Според него, сè уште не може да се утврди точната бројка на жени-жртви и жени-кодоши во Македонија. Тој смета дека има основа во понатамошниот процес на лустрацијата, Комисијата за верификација на фактите да пронајде и жени - некогашни или сегашни функционерки, кои кодошеле од политичко-идеолошки или лукративни причини.
Ќе била исценирана некоја компромитирачка сцена, ќе ја сликале жената и потоа и се заканувале дека материјалите ќе ги однесат кај сопругот. Ја уценувале дека ако сакала да го сочува својот брак, ќе мора да стане доушник на системот. Се случувало и обратното, но оваа техника повеќе се користела кај жените за да се врбуваат.

Авторот на првиот Закон за лустрација Стојан Андов, кој како политичар беше активен и за време на поранешниот режим, смета дека жените дури и кога соработувале со тајните служби, не го правеле тоа по сопствена волја и за некоја корист, туку присилно. Затоа не може да бидат лустрирани.

„Не сум убеден дека жените биле соработници, пологично е да кажеме дека биле жртви. Додека нивните сопрузи биле во затвори, а децата под закана за живот, жените со цел да го заштитат семејството веројатно прифаќале некои услови, соработки против своја волја, но тоа е насилството на службите. Тоа ги прави жртви, а не соработници“, објаснува Андов.

Професорката по историја Виолета Ачковска веќе 20 години го истражува комунистичкото наследство на државата. Минатиот месец задно со колегата Никола Жежов го издадоа вториот том од зборникот посветен на политичките затвореници. Вели дека македонската жена - политички осуденик воопшто не била поштедена од режимот и била тортурирана исто како и мажите. Познати биле женските затвори на островите Голи Оток, Свети Гргур и Бела. Свесно во своите дела не сакала да ги објави судбините на жените поради влијанијата врз нивните семејства и нивната самопочит. Во нејзините истражувања се соочила со исти категории како и кај мажите - жени кои биле политички осуденици, жени кои биле репресирани поради тоа што биле сопруги или сестри на политички затвореници, жени кои од службите биле принудувани да кодошат и жени кои своеволно прифаќале соработка од лукративни или политичко-идеолошки мотиви.

Ачковска посочува дека полициските служби биле бескрупулозни во собирањето „кодошки“ информации преку жените. Оделе до таму што самата полиција правела компромитирачки сцени со кои подоцна ги уценувале потенцијалните информаторки.

„Ќе била исценирана некоја компромитирачка сцена, ќе ја сликале жената и потоа и се заканувале дека материјалите ќе ги однесат кај сопругот. Ја уценувале дека ако сакала да го сочува својот брак, ќе мора да стане доушник на системот. Се случувало и обратното, но оваа техника повеќе се користела кај жените за да се врбуваат“, вели Ачковска.

Според неа, многу жени ги врбувале како љубовници кои ќе ги откриваат тајните на нивните партнери.

„На пример, таков е случајот со писателот Живко Чинго, кој имаше досие од 7 до 8 илјади страници. Тој прв почна да пишува за комунизмот, а досието му беше уништено меѓу првите, во 1990 година. Кога јас истражував за него, добив сознанија дека новинарки, писателки, интелектуалки кои наводно биле негови љубовници, ги врбувала полицијата за да го кодошат. Тоа во нашата историографија сè уште е табу тема“, вели Ачковска.

Сепак, таа е загрижена дали Македонија ќе успее до крај да ја изведе лустрацијата. Смета дека процесот е задоцнет, а многу документи во меѓувреме се уништени. Со тоа неповратно се изгубени и имињата на многу жени – некогашни соработнички со тајната полиција.

Во архивите на Штази има жени

Истрагата на досиејата во некогашната тајна служба на Источна Германија – Штази покажува дека жени биле ангажирани како соработнички – и присилно, но и по сопствена волја. Сепак, нивниот број е далеку помал отколку оној на мажите. Според некои проценки, помалку од 10 проценти од агентите на Штази биле жени.

Ова се објаснува со фактот што и покрај своето јавно залагање за еднаквост и рамноправност, комунистичкиот систем на Источна Германија сепак го воделе мажите, кои ги заземале клучните и највисоките позиции во власта, но и во тајната полиција.

Жените – главни соработнички на светските тајни служби денес

Едни од највлијателните странски разузнавачки служби - израелската Мосад и американската ЦИА откриваат дека некои од нивните најдобри агенти и денес се жени. Првиот човек на Мосад Тамир Пардо неодамна јавно им се заблагодари на жените во неговата служба.

„Жените подобро дешифрираат ситуации. Спротивно на стереотипите, може да се види дека способностите на жените се посупериорни во однос на оние на мажите кога станува збор за разбирање на територијата, читање на ситуации, снаоѓање во просторот“, изјави Пардо.

Женските агенти се и меѓу најдобро чуваните тајни на ЦИА, која ги регрутира и ги обучува за разузнавање, контра-разузнавање, техники за преживување, употреба на оружје, па дури и одбранбено возење (управување со автомобилот наназад со користење само на ретровизорот). Потоа најчесто се испраќаат во други држави за да регрутираат нови агенти и се користат за операции за разоткривање на активноста на странски служби.

Текстот е дел од проектот „Во потрага по вистинити информации - лустрација и дијалог“ што го спроведоа фондацијата Конрад Аденауер и Здружението на новинари.

Автори: Билјана Арсовска, Филип Ѓурчиновски, Васка Сарафиловска
XS
SM
MD
LG