Достапни линкови

Аџиев - Само засегнатите се против лустрацијата


Против лустрацијата се групираат одредени луѓе кои знаат дека со отворањето на процесот на лустрација ќе се чепне во нивните интереси, вели првиот лустратор Томе Аџиев во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Двајца членови на комисијата се повлекоа, дали Комисијата може ефикасно да работи?

Да. И покрај тоа што двајца членови на комисијата се повлекоа, во најава беше и трет, меѓутоа ете гледам се пишмани, Комисијата сепак го има законски предвидениот кворум да работи и ќе работи согласно законот. Во законот е предвидено дека Комисијата може да одлучува доколку на седница присуствуваат најмалку седум члена, а со повлекувањето на двајца остануваат деветмина, доволно комисијата да работи, а и секако во минатиот период тие неколку пати заминуваа па се враќаа, додека не го добија главниот сигнал да заминат.

Велите главниот сигнал. Од каде?

Сите знаеме. Излезе така да речеме нивниот лидер, јас не знам дали е нивен лидер, ама господинот Бранко Црвенковски излезе на телевизија и рече да се повлечат и тие другиот ден дојдоа тука и се повлекоа. Значи очигледно тие биле дојдени тука по инструкции на некоја политичка партија, а не како експерти, како луѓе со интегритет да работат за интересите на државата, да спроведуваат закон што е донесен од собранието.

Токму СДСМ поднесе кривична пријава против вас. Како го коментирате тоа?

Мене ми е прво жал. Јас сепак досега сметав дека сите политички партии, вклучувајќи ја и таа партија, имаат добри експерти од политика, од економија и особено од право. За да спремиш една кривична пријава против некого, сепак треба да имаш познавање од законот, од кривичниот законик, да видиш кои законски одредби се предвидени за кривичното дело злоупотреба на службената положба, кој услов јас би требало да го исполнам, да направам злоупотреба, да се стекнам со противправна имотна корист или да направам некоја имотна корист или штета. Значи тие работи треба да ги знаат, а вака се истрчува некој, а особено професор по право на Правниот факултет. Тоа е повеќе од смешно. Очигледно е дека веројатно имаат и недостаток на кадри. Инаку јас повеќе години работев како адвокат и знам што значи злоупотреба на службена положба и како некој треба да темпира кривична пријава за тоа дело. Тоа е едно од најтешките дела, а особено за претседател кој е само еднаков како и сите други членови што не презема ништо на своја рака. Сè што се носи во Комисијата го носи комисијата.

Со самата кривична пријава се отвора и прашањето на лична одговорност.

Да. Не сум ја видел кривичната пријава, баш ќе ми биде интересно да ја видам, да видам што имаат наведено таму, тоа е многу интересно да го видам. Знам дека има едно дело лажно пријавување кривично дело. После завршувањето на ова, тоа дело стои, а тогаш ќе видиме кој како ќе се брани.

Господине Аџиев, како ја коментирате констатација на Венецијанската комисија дека законот за лустрација остава широки можности за потенцијана злоупотреба?

Венецијанската комисија како тело на Советот на Европа не се однесува на органи на државите членки на Советот на Европа. Тоа повеќе се однесува на Уставите на државите, како се уредени Уставите на државите и како се рефлектираат кон законите. Ако има некои забелешки, јас не ги имам видено тие забелешки, повеќе се однесуваат на пеглање на законот со Уставот. Воопшто не се однесува на работењето на комисијата. Комисијата го има законот и е должна да го спроведува децидно како што е предвидено во законот. Не може ни еластично да го толкува, не може ни да го избегнува законот. Ние не сме тие што може да го менуваат законот, да го применуваат еластично, туку строго како што е предвидено во законот и така постапува комисијата и чудно е обвинувањето од овие членови, за кои сега веќе се потврдува која улога ја играле во комисијата зашто на повик на лидер на одредена политичка партија се повлекуваат, тоа значи дека тие цело време спроведувале политика на одредена групација, а на спроведуваат државна политика, затоа што Комисијата е државен орган формиран од Собранието на Република Македонија. Без разлика кој какви политички ставови и гледања има, должен е да постапува согласно законот. Цело време кажуваат се крши законот, а немаат ни една работа конкретно кажано што се крши. Јас и тука сега повикувам, нека дојдат со сите медиуми, нека посочат некое делче и нека кажат ова е скршено, јас ќе ги издадам сите документи да видиме кој го крши законот. Напротив, тие цело време постапуваат спротивно за законот, спротивно на комисијата и спротивно на државните интереси. Штитат соработници, наредбодавци... Им се запали сијалицата кога почнаа да излегуваат соработниците, кога почна комисијата да ги вади, а нормално дека за тоа сме формирани, да ги вадиме и почнаа тогаш да роварат. И сега добар медиум сум јас, мене да ме напаѓаат и не знаат дека мојата сила во комисијата е минимална, никаква е, иста како нивната. Јас имам повеќе од нив само да свикам седница, нормално претседателот ги свикува седниците, да предложам одреден дневен ред, што и го правам и само го предлагам не го утврдувам. Јас велам, за утре предвидувам тоа и тоа, повелете отворам расправа на секоја седница. Дополнувања ако има, измени, го правиме тоа, се утврдува со мнозинство и така работиме. И сега тие секогаш се тука, тоа ќе се направи, одиме по дневниот ред, ако некоја одлука донесеме, ако имаат слух дека тој е нивни близок или поранешен нивни член, тогаш почнуваат да роварат. Имаме околу 40 предмети завршено, минимална бројка на луѓе што се блиски до таа опција, многу малку се.

Дали има некој од сегашната власт?

90 отсто се од сегашната власт.

Значи луѓе што се сега на функција, се лустрирани?

И блиски и што се сега на власт, повеќето се блиски или биле блиски до оваа власт. Многу малце се од таа друга групација, меѓутоа токму тоа ги боли. Тие сакаат процесот на лустрација да се заврши без ниеден да се лустрира. Логично беше дека некои луѓе работеле во тој систем и ќе се фатат. Затоа беше формирана комисијата.

Сепак, Венецијанската комисија забележува дека докажувањето на соработката е долг и сложен процес. Дали покрај сево ова што се случува, повлекувањето на членовите итн., тоа може да го усложни процесот?

Не. Видете, методологијата на работа во комисијата беше многу едноставна. На располагање ги имаме сите податоци кои стојат во трите органи на државна безбедност. Ние ги проценуваме. Ние имавме направено една методологија, секој од нас добива бројка и како доаѓаат предметите тука, да нема местење, да речеме јас ги земам овие предмети па не ти ги давам тебе, туку по бројка, како доаѓаат предметите, секој си има бројка. Првиот предмет да речеме оди кај мене, вториот кај вас, третиот кај друг... Кога ќе се свртат сите членови, пак се повторува кругот за да нема местење на предмети. Јас имам адвокатско искуство и знам во судовите како прават да нема местење и така го направивме и ова. Значи да нема приговор дека јас го местам предметот кај тебе. И друга работа, секој од членовите кога ќе изготви извештај, тој извештај се предава во комисијата со се документите кои се гледаат и сите имаат право да го гледаат тој извештај и го гледаат и на маса секогаш ги имаме сите документи врз основа на кои одлучува комисијата. Кога ќе добие мнозинство гласови, тогаш одлуката е донесена. Ако не добие, предметот е завршен.

Партиите и медиумите ве критикуваат дека сте партиски човек назначен да лови поранешни функционери. Како реагирате на ваквите обвинувања?

Јас пак ќе кажам, тоа не е точно. Тоа е групирање на интересите на одредена група луѓе кои знаат дека со отворањето на процесот на лустрација ќе се чепне во нивните интереси. Тоа е групација којашто врз база токму на овие работи што ние ги утврдуваме граделе кариери. Може некој скриено, не го знаеме, сега има функција, а можеби претходно нивните родители, баби и дедовци или некои пријатели биле во тие структури па му дале функција па сега тие грчевито се борат да не се откријат тие врски. Инаку нема врска дали јас сум партиски или непартиски. Пак ќе кажам, сам не можам ништо да направам. Јас имам непријатели во приватниот живот, како сите што имаат, можам да се отепам некого да прогласам, но ако нема документи не можам. Јас имам еден глас, како што ги гледам документите така одлучувам. Колку пати јас сум надгласан, вие не знаете. Сметам дека треба некако да се одлучи, комисијата смета поинаку и завршена приказна, никогаш не дигам галама. И другите членови не дигаат галама. Еве дали имате видено такво нешто од другите 11 членови на комисијата? Никогаш. Кога ќе се донесе една одлука, завршува приказната. Така е во сите органи.

И тоа течеше во ред додека не заминаа двајцата членови?

Зошто заминаа, тоа е прашањето. Еве сега се утврдува зошто заминуваат. Бидејќи спроведуваа одредена партиска политика во комисијата, се обидуваа токму тоа да го направат. Зошто не дадоа претходно оставки? Не, го чекаа зборот. Цело време ровареа во комисијата за да не работи комисијата, да ја омаловажат, да ја деградираат, само за да не се отвори процесот. Тоа беше целта, тоа најодговорно го тврдам и 100 пати и ним им го имам кажано тоа. Луѓето работете го тоа за што сте избрани, немојте да штитите туѓи интереси на луѓе кои цел свет ги осудува. Соработниците со тајните служби се осудени од цел свет. Не осудени со казна, но осудени како појава.

Што е со оние кои придонесувале за безбедноста на државата?

Никој не го гледа тоа. Оваа комисија не го работи тоа. Соработниците што ги третираме ние работеле чисто за свои лични интереси. Ние најдовме досиеја на луѓе што работеле за оваа држава од безбедносни причини. Тие ги тргнавме настрана, не ги разгледувавме. Работеле на разузнавање, на контраразузнавање, на работи што биле од интерес на државата и тоа се многу јасни работи. Тие луѓе воопшто не ги третиравме, напротив, иако биле во тоа време од опцијата што сега обвинува. Тие луѓе си работеле за интересот на државата и тука нема ништо. Ова се чисто од идеолошко-политички причини. Знаете, граделе кариера на судбините на тие луѓе. Имаме врвен ликовен уметник кој кажал дека Тито не се разбира од уметност и три и пол години затвор лежел поради тоа што колегата до него го накодошил и ред други работи. Имаме еден врвен актер исто. Трагедија му се случува во животот поради тие типови. Тие типови сега за да се одбранат од оваа работа што еден ден мораше да излезе, сакаат да ја свртат работата дека работеле за безбедноста на државата. Нема блага врска, работеле чисто за своја кариера, за кариера на своите деца или за материјални придобивки, тоа го гледаме и ништо друго не нè интересира.

Вие зборувате за минатото, а што е денес?

Истото и денес го има. До 2006 година имаме еден куп досиеја што се правени затоа што некој припаѓал на друга политичка опција, следени се, затворани се, тие луѓе се живи уште, ги гледаат луѓето како им се кочоперат во некои структури, уште влечат конци за некои работи, тоа треба да се отвори како прашање. Тие човекови права да ги видиме, а не човекови права на некои со документи утврдени соработници и наредбодавци.

Сепак не може да се тврди дека после 2006 година сè е чисто.

Законот важи за до 2006, ние не гледаме по 2006. Нема пардон за никој.

Меѓународната критика на процесот фрла сенка на придобивките за кои зборувате. Како сега ќе се остварат планираните придобивки од процесот, ако меѓународната јавност, односно Венецијанската комисија и медиумите покритично гледаат на целиот процес?

Не гледаат сите медиуми, да не се разбереме погрешно. Гледаат одредени медиуми кои се блиски до овие структури. Ние го лустриравме претседателот на групацијата Сорос. Знаете ли колку медиуми се финансирани од Сорос, колку се корумпирани од таа групација. Еве сега во моментот ми дојде книга од Сорос, мене ме дават, ме провоцираат цело време, ме канат на нивните средби за да ме пердашат, тоа сакаат. До тој степен е безобразлук.

Има и медиуми за кои се зборува дека се финансирани од власта, да не одиме во сопственичката структура.

Не зборувам јас финансирани од власта, јас зборувам за корумпирани. Сите може да се финансираат од кого било. Не е проблем да биде провладин или проопозициски, меѓутоа под изговор на демократија, на човекови права, штитат скриени интереси. Сите ги знаеме кои се, да не се правиме наивни, многу е јасно, многу е видливо и сега гледајте се прави кампања, ниеден од тие медиуми нема споменато некоја од жртвите, да се заинтересира, дај да видиме што станува со човековите права на овие луѓе што денес сè уште се тука. Не, тој што го утврдила комисијата како соработник, за него се зборува за човековите права. Луѓе, толкав куп документи се најдени каде што правел разни гнасотилаци спрема фамилии, спрема судбини на луѓе и сега тој го ставаме во центарот на вниманието, а жртвите ги ставаме настрана, тоа е иронија.

Сметате дека медиумите со нивното сопствеништво се делумно одговорни за тоа?

Па се. Имаат голема одговорност. Јас најмногу ги почитувам медиумите, сметам дека медиумите се совест на еден систем, тие секогаш треба да истражуваат, да критикуваат, да најдат маани во постапување на државни органи, на власт, на опозиција, на кој било, но треба да бидат тотално самосвесни и независни. Да не потпаѓаат поради одредени коруптивни работи ќе спроведувам индиректна политика. Ние не сме глупави луѓе, сите сме возрасни. Знаеме кога ќе каже една буква новинарот од кај иде. Да не се лажеме, никој не е толку наивен кога ќе дојде новинар да ми се прикажува дека е независен со тоа што ќе ми каже дека е независен и ме убедил. Сите знаеме, независен е професионалниот новинар.
XS
SM
MD
LG