Достапни линкови

Пердју - Бугарија да не ги попречува евро-интеграциите на Македонија


Џејмс Пердју.

Џејмс Пердју.

Промената на политиката на Бугарија кон Македонија и блокадата на македонските евроинтеграции е контрапродуктивна и спротивна на бугарските интереси. Ова во анализата за бугарскиот весник „Труд“ го истакнува Џејмс Пердју, поранешен амбасадор на САД во Софија и специјален пратеник на претседателот Џорџ Буш во Македонија за време на конфликтот во 2001 и еден од потписниците на Охридскиот рамковен договор.

Според него, пренесува МИА, новата бугарска политика кон Македонија може многу да ги влоши добрососедските односи.

„Без сомневање дека Македонија понекогаш е тежок партнер. Но, Бугарија треба да разбере дека нејзиниот сосед е нова демократија и ја нема длабочината на институционалниот капацитет на Бугарија. Македонија оди побавно кон ЕУ и НАТО од Бугарија заради војната во Косово и внатрешниот меѓуетнички конфликт од 2001 година. Тука е и мачниот спор за името со Грција“, оценува Пердју.

Потписникот на Охридскиот договор вели дека и Грција сигурно сега е многу задоволна затоа што уште една земја членка на ЕУ поставува услов пред интеграцијата на Македонија.

„Атина го блокира Скопје и во ЕУ и во НАТО. Но, ако името се реши, ќе остане ли тогаш Бугарија единствената пречка пред евроинтеграцијата на Македонија. Се сомневам. Западноевропските држави ја создадоа ЕУ затоа што сфатија дека економското, а со тоа и политичкото единство е во интерес на нивните народи. НАТО е создадена според таа логика. Овие држави ги ставија настрана ситните билатерални проблеми, кои патем беа многу поголеми од овие на Бугарија, Грција и на Македонија. Софија и Атина треба да го применат истиот пат кон Скопје и да ја стават иднината над малите проблеми. Спротивставувањето на членството на Македонија во ЕУ изгледа агресивно од земји членки на ЕУ кои си имаат сопствени проблеми“, смета Пердју.
XS
SM
MD
LG