Достапни линкови

„Македонска крвава свадба - претстава на енергија во Драмски


Во недела, на 16 декември, во Драмски театар во Скопје ќе се случи премиерата на „Македонска крвава свадба“. Музичката драма како автори ја потпишуваат режисерот и кореограф Сташа Зуровац од Хрватска, Марјан Неќак кој е автор на адаптацијата и музиката и сценографот и костимограф Валентин Светозарев, а во проектот играат Јана Куновска, Жарко Димоски, Игор Ангелов, Ѓокица Лукаревски и мнозина други актери од неколку генерации на оваа театарска куќа.

Работена според драмскиот текст „Македонска крвава свадба“ на основоположникот на македонскиот театар Војдан Чернодрински и според сценариото на писателот Славко Јаневски за истоимениот филм на Трајче Попов од 1967 година, музичката драма што оваа недела премиерно ќе осамне на сцената на Драмски театар од Скопје е силна заложба за враќање на некои подзаборавени жанрови како што се анти-драмата и мјузиклот.
Она што ќе го видите во недела и понатаму на репертоарот на Драмскиот театар ќе биде една несекојдневна претстава, музичка драма „Македонска крвава свадба“, претстава каква што немало во жанровска смисла во нашиот македонски театар и убеден сум дека ќе има голем интерес за оваа претстава.
Бранко Ѓорчев, директор на Драмски театар.

„Она што ќе го видите во недела и понатаму на репертоарот на Драмскиот театар ќе биде една несекојдневна претстава, музичка драма „Македонска крвава свадба“, претстава каква што немало во жанровска смисла во нашиот македонски театар и убеден сум дека ќе има голем интерес за оваа претстава, дека имаме хит-претстава која во исто време може да биде и едукативна и забавна и привлечна за нашите театрски гледачи“, истакнува Бранко Ѓорчев, директор на Драмски театар.

Сташа Зуровац, режисерот и кореографот од Хрватска кому ова му е прв проект што го работи во Драмски театар, вели дека „Македонска крвава свадба“ во него ги разбудила креативниот предизвик и креативната енергија, како единствена енергија што придвижува од кога воопшто постои театарот. Зуровац дополнува дека како што течел процесот на креација стигнале до една поинаква димензија на целото дело и дека тоа си добило свој живот составен од сите нив како елементи во целата приказна.

„Сите добро знаат што е „Македонска крвава свадба“, за мене тоа беше почетната а не крајна позиција што треба да ја достигнам и кога добро ќе си размислам единствениот страв што го по чувствував беше тоа дали ќе успеам од „хит“ да направам „хит“, затоа што ако би било поинаку би било пропаст.“

Марјан Неќак, како автор на адаптацијата и композитор на музиката, отако ќе забележи дека самиот „нема фобија од хитови“ и дека притоа на делото треба да му се пристапи искрено за да ја добиете димензијата што ја пожелувате, потенцира дека за жал заборавивме од каде треба да тргнува нашиот театар – битовата драма.
Сите добро знаат што е „Македонска крвава свадба“, за мене тоа беше почетната а не крајна позиција што треба да ја достигнам и кога добро ќе си размислам единствениот страв што го по чувствував беше тоа дали ќе успеам од „хит“ да направам „хит“, затоа што ако би било поинаку би било пропаст.
Сташа Зуровац, режисер и кореограф.

„Мислам дека е многу убаво да се потсетиме од каде сме, кои сме и што сме заради тоа што тие дела на некој начин ни даваат за право да се погледнеме во огледало и да видиме како и што понатаму.“

Во музичката драма се користени македонски народни песни, песни од Кочо Рацин и Петре М. Андреевски, сценограф и костимограф е Валентин Светозарев, а соработници на кореографот биле професорите Владимир Јаневски и Тимчо Чичаковски.

Во мјузиклот „Македонска крвава свадба“ настапуваат 30-тина актери од неколку генерации што во последно време е реткост на нашата театарска сцена, улогата на Цвета ја толкува Јана Стојановска, Спасе е Жарко Димоски, Осман бег - Игор Ангелов, Кузман – Џокица Лукаревски, а во овој проект ќе ги видиме и учениците од Д,М.Б.У.Ц „Илија Николовски – Луј“ - Насока – традиционална музика и игра и студентите од катедрата за Етнокореологија при Факултетот за музичка уметност на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG