Достапни линкови

Пораки од Вашингтон и Брисел за добрососедство


Портпаролката на Стејт департментот Викторија Нуланд.

Портпаролката на Стејт департментот Викторија Нуланд.

Македонија не доби датум за преговори со ЕУ, ами следната пролет ќе се соочи со извештај за напредокот на полето на реформите и добрососедските односи. На дводневниот самит на Европската унија, што почнува денеска во Брисел, меѓу другото, се очекува формално да се прифатат заклучоците на министрите за надворешни работи и во делот за процесот на проширувањето. Од Брисел и Вашингтон се надеваат дека пораките на Балканот ќе бидат правилно сфатени.

Министрите на Европската унија, како што се наведува во Брисел, се обиделе да ги зајакнат понудите за пристап на Македонија, Србија и Косово, со тоа што Унијата ќе го разгледа отворањето пристапни преговори напролет доколку бидат исполнети потребните реформи и услови.
Поголеми реформи значат и поголема поддршка на земјите членки на ЕУ за проширувањето.

Дотогаш Европската комисија ќе треба да подготви извештаи за напредокот направен од Скопје, Белград и Приштина по што е можна одлука за отворање на преговорите со Македонија и Србија и за договор за асоцијација со Косово. Еврокомесарот за проширување Штефан Филе во интервју за РСЕ изјави дека е оптимист.

„Дали гледам реална можност тоа да се случи. Апсолутно. Има два предизвика пред нас. Првиот е да се одржи динамиката на проширувањето во 2013 и вториот е владите на земјите да ги продолжат и засилат реформите, бидејќи поголеми реформи значат и поголема поддршка на земјите членки на Унијата за процесот на проширувањето.“

Сето ова треба да заврши до 30 јуни догодина, односно на крајот на ирското претседавање со Унијата. Во меѓувреме, порака и од американскиот Стејт департмент во врска со македонските евро-интеграции.

„Веруваме дека Македонија и нејзините соседи мора да продолжат да бараат достоинствено, практично и заемно прифатливо решение за актуелните спорови што е можно поскоро со цел вратата на Европската унија да биде отворена“, изјави синоќа портпаролката на американскиот Стејт Департмент Викторија Нуланд како реакција на заклучоците на министрите за надворешни работи на ЕУ кои на Македонија не и доделија датум за преговори.
  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG