Достапни линкови

Пад на САД и Европа, подем на Азија


Во најновата прогноза на американските разузнавачки служби се наведува дека Соединетите држави до 2030 година ќе бележат ерозија на нивниот статус како суперсила. Во истовреме ќе јакнат азиските економии пред оние во Европа и Северна Америка.

Во извештајот „Глобални трендови 2030“ што го објави Националниот разузнавачки совет се прогнозира дека Соединетите држави и натаму ќе останат меѓу најмоќните светски сили поради нивната улога во решвањето на глобалните кризи, нивната технолошка предност и културните атрибути. Во извештајот се додава дека Кина, по се изгледа во дваесетите години од веков ќе ги надмине Соединетите држави како најголема светска економија.

Исто така се прогнозира дека сегашниот раст на кинеската и на индиската економија ќе го намали растот на американската и на европската.

Американските разузнавачи предвидуваат дека Европа, Јапонија и Русија ќе го продолжат забавениот економски раст, пред се поради стареењето на нивното население.

Студијата прогнозира дека до 2030 година ќе се намалува фреквенцијата на насилни акти на исламскиот тероризам. Но, во исто време, како што се наведува, ќе расте бројот на таканаречени сајбер терористички напади, но и конфликти околу природните ресурси како например водата што би можело да води кон нестабилност.
Со брзиот подем на другите земји, ерата на американската превласт во меѓународната политика што почна во 1945 година брзо се намалува.

Како „тектонско поместување“ во извештајот се опишува тоа што Соединетите држави, еден од најголемите светски увезувачи на енергија, ќе станат енергетски независни.

Тоа се поткрепува со намерата на Соединетите држави да ја вратат својата позиција на најголем произведувач на природен гас во светот, како и со производство на повеќе нафта преку уоптреба на, како што се наведува, „преломна хидраулична технологија“.

Во извештајот се додава дека Соединетите држави ќе останат први меѓу еднаквите со другите големи сили поради нивната превласт во низа димензии на моќ. Како и да е, со брзиот подем на другите земји, ерата на американската превласт во меѓународната политика што почна во 1945 година брзо се намалува.

Што се однесува до Европа, Германија останува лидер на другите членки на Европската унија поради нејзините економски перфоманси.

Во студијата се предвидува дека до 2030 година Русија ќе се соочи со пад на популацијата за дополнителни 10 милиони луѓе. Ниедна друга земја нема да има таков пад на населението.

Во наредниве децении регионалната динамика на Блискиот Исток и Јужна Азија има потенцијал да предизвика поширока нестабилност.

Во извештајот се прецизира дека доколу сегашниот ирански режим остане на власт и развие нуклеарно оружје, тогаш Блискиот Исток ќе се соочи со многу нестабилна иднина.

Американските разузнавачи ги спомнуваат Авганистан и Пакистан меѓу 15 земји со највисок ризик да станат пропаднати држави.

Во истовреме, Индија ќе ја консолидира нејзината предност во однос на Пакистан што пак, би можело, да доведе до тензии во регионот, се наведува во во извештајот „Глобални трендови 2030“ што го објави американскиот Национален разузнавачки совет.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG