Достапни линкови

Арифи се надева на „креативна формулација“ за продолжување на евроинтеграциите


Вицепремиерката за евроинтеграции Теута Арифи.

Вицепремиерката за евроинтеграции Теута Арифи.

Вицепремиерката задолжена за евроинтеграции Теута Арифи покажува воздржан оптимизам за тоа дали Македонија може да добие датум за преговори со ЕУ.

Пред и конечно да се разреши дилемата каков ќе биде исходот од состанокот на министри на надворешни работи на земјите членки на Европската унија, вицепремиерката за европски прашања Теута Арифи покажува воздржан оптимизам. Таа се надева дека Унијата ќе најде, како што вели, коректна и креативна формулација која на земјава ќе и овозможи да продолжи со процесот на евроинтеграции.
Верувам дека ќе се пронајде начин со кој ќе нè одржат активни во процесот, а во меѓувреме нашата евроатланска ориентација нема да се промени.

„Верувам дека ќе се пронајде начин со кој ќе нè одржат активни во процесот, а во меѓувреме нашата евроатланска ориентација нема да се промени“, уверува вицепремиерката Арифи.
Архивска фотографија: Вицепремиерката Теута Арифи и комесарот за проширување на ЕУ Штефан Филе.

Архивска фотографија: Вицепремиерката Теута Арифи и комесарот за проширување на ЕУ Штефан Филе.


Арифи е задоволна од сработеното од наша страна. Позитивно ги оценува билатералните средби со дел од членките на Унијата во изминатиот период, како и разговорите во американскиот Стејт департмент.
Унијата не би презела други начини за решавање на името, туку би биле посветени само на подготовка на преговорите за членство.

Во меѓувреме, владини извори не ја исклучуваат можноста на Македонија да и биде понудено црногорското сценарио, односно добивање на датум за отворање преговори со услов до тогаш да се реши билатералниот спор за името со Грција. Таквата формулација била предмет на внатрешни преговори во Унијата, но мали се шансите дека истата ќе помине, иако нашите извори велат дека тоа би било најповолно решение за Македонија.

Истите извори соопштуваат дека ако се прифати црногорскиот модел за Македонија, нема да има „тврда условеност“ во однос на решение на името, односно дека временската рамка за решавање на проблемот може да биде поширока. Доколку таквата формулација помине, тоа ќе значи дека од јануари Комисијата ќе подготви преговарачка рамка за преговорите за членство, а името останува прашање кое ќе се решава со посредство на Обединетите нации.

Унијата не би презела други начини за решавање на името, туку би биле посветени само на подготовка на преговорите за членство, велат нашите извори.

Добро упатени извори велат дека целта е претстојниот самит на шефовите на дипломатиите, да заврши барем и со милиметарско поместување на позицијата во која се наоѓа Македонија, иако не ја исклучуваат и опцијата да бидат повторени ланските заклучоци. Сепак таа варијанта е помалку веројатна, оти како што посочуваат годинава земјава има многу поголема внатрешна поддршка од многу земји членки на Унијата.

Во меѓувреме, македонските аналитичари имаат спротивставени мислења за тоа што би значел условениот датум за земјава. Според дел од нив, сè што ќе ни се понуди би било подобро од ништо, со цел да се излезе од моменталната статус кво ситуација.

Други пак велат дека земјава мора да биде внимателна околу тоа кој модел ќе се одлучи да го примени, оти доколку земјава го прифати моделот на Комисијата тоа би значело дека Македонија се сложува оти името е услов за членство во ЕУ, што пак би значело игнорирање и негирање на Времената спогодба и хашката пресуда.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG