Достапни линкови

ЕУ – Уметноста на компромисот


Ромпуј, Баросо, Шулц, - Осло, 10.12.2012
Ромпуј, Баросо, Шулц, - Осло, 10.12.2012

На церемонија во Осло, Европската унија, претставувана од Ромпуј, Баросо и Шулц, денеска ја прими Нобеловата награда за мир, за декадите на залагање за мир и демократија во Европа по двете светски војни. Присуствуваа 20-тина шефови на држави или влади. Но, многумина сметаат дека ЕУ не ја заслужува оваа награда, а во Осло имаше и протести на левичарси движења и на активисти за човекови права.

Занемарувајки ја актуелната финансиска криза, долговите, невработеноста, Нобеловиот комитет се фокусира врз она што го направи Европската унија во последните 60 години. Од континент на војни, Европа се претвори во континент на мир, беше образложението на комитетот. Претседателот на норвешкиот нобелов комитет, Торбјорн Јагланд, во обраќањето на церемонијата, го спомна и Балканот и тамошните војни, истакнувајки дека се уште се свежи сеќавањата на Сребреница. Меѓутоа, денес Словенија е членка на ЕУ, Хрватска, речиси исто така, Црна Гора ги почна преговорите, а Србија и Македонија имаат кандидатски статус.
Алфред Нобел сметаше дека наградата за мир треба да ја добиваат оние што работат на разоружување, а ЕУ не го прави тоа, таа е една од најголемите производители на оружје во светот.
Активистка на протестите во Осло.

Наградата е за сите Европјани, но ја примија првите луѓе на Европската унија - Херман Ван Ромпуј, претседател на Европскиот совет, Жозе Мануел Баросо, претседател на Европската комисија и Мартин Шулц, претседател на Европскиот парламент. На церемонијата присуствуваа неколкумина млади европски жители, како и 20-тина жефови на држави или влади. Првите луѓе на Унијата, на церемонијата во Осло истакнаа дека наградата е признание за мировните напори и дејствувањето на повеќе генерации Европјани. Херман Ван Ромпуј истакна дека Европската унија ја промовира уметноста на компромисот. Нема филозофија на победници и поразени, туку компромис.

Паричната награда од 930.000 евра ќе биде наменета за проекти за помош на децата од воени зони, со тоа што Европската унија вети дека ќе ја удвои сумата за таа намена.

На твитер се појавија и некои математики дека наградата им припаѓа на сите жители на Европската унија, па пресметале дека секој би требало да добие по 0,2 центи.

Критичарите на одлуката на Нобеловиот комитет, меѓу кои и нобеловецот Дезмонд Туту, сметаат дека ЕУ не ја заслужува оваа награда.

„Алфред Нобел сметаше дека наградата за мир треба да ја добиваат оние што работат на разоружување, а ЕУ не го прави тоа, таа е една од најголемите производители на оружје во светот”, истакна една активистка на протестите во Осло.

Најрадикален беше грчкиот парламентарец Димитрис Коделас од партијата Сириза. Тој оцени дека Нобеловата награда за мир за Европската унија е шега на сметка на граѓаните на Европа. ЕУ, со барањата за кратења на буџетот им објави војна на Грците, изјави Коделас.

Од друга страна, членот на британскиот парламент Дејвид Милибенд и данскиот министер за европски прашања Никола Вамен, во својот напис во Интернешнел Хералд Трибјун, наведуваат дека Норвешкиот комитет се фокусира врз она што е најважен резултат на Европската унија, успешната битка за мир, обнова, демократија и човекови права. Жестоките непријатели во Европа, станаа партнери, а евентуална нова војна во Европа е веќе незамислива работа. Точно е дека Европската унија има проблеми, но тоа не значи дека таа треба да биде укината, туку треба да се модернизира, наведуваат Милибенд и Вамен, додавајки дека е погрешно да се мисли дека добро-соседството не е важно, бидејки современите проблеми не респектираат национални граници.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG