Достапни линкови

Игор Киров со прва македонско-словенечка танцова копродукција


„Хелиум“ е насловена претставата што ја подготвува македонскиот танчер и кореограф со интернационална кариера Игор Киров. Станува збор за прва танцова копродукција во која учествуваат уметници од земјите на поранешна Југославија и која по праизведбата на 2 март 2013 година во Словенија, својата македонска премиера најверојатно ќе ја има на следното издание на фестивалот „Охридско лето“.

Игор Киров, познатиот македонски балетан и кореограф со европска кариера, наскоро во Словенија ќе го започне својот нов проект. Станува збор за првата танцова копродукција во која учество ќе земат уметници од земјите на поранешна Југославија и која својата праизведба планирано е да ја има на 2 март наредната година. Во претставата која е насловена „Хелиум“ автор на кореографијата е Киров, за музиката која ќе се потпира главно врз македонскиот мелос е задолжен битолчанецот Горан Бојанџиски, а учество ќе земат шест танчери како претставници од шесте поранешни републики од некогаш заедничката држава.
Хелиум е тоа што некогаш беше нашата Југославија. Еден голем балон кој се распукна и ние се занимаваме токму со она што се случуваше потоа. Пак ја слушаме истата музика, го говориме истиот јазик и ја јадеме истата храна.

„Хелиум е тоа што некогаш беше нашата Југославија. Еден голем балон кој се распукна и ние се занимаваме токму со она што се случуваше потоа. Пак ја слушаме истата музика, го говориме истиот јазик и ја јадеме истата храна.“
Македонскиот танчер Игор Киров.

Македонскиот танчер Игор Киров.


Игор Киров истакнува дека неговата кореографија е базирана на своевремено забранувана песна од една босанско-херцеговачка поетеса, дека драматурзите се токму од таа држава и дека целиот процес на креација ќе биде следен од холандски медиумски покровители кои планираат да снимат документарен филм. Но она што е посебно важно, како што вели тој, е што „Хелиум“ ќе го види и македонската публика.
Претставата ќе ја доживее македонската премиера на фестивалот „Охридско лето“, а потоа „Хелиум“ ќе го видат и љубителите на балетската уметност и на летните културни манифестации како „Скопско лето“, „Битфест“ и „Штипско лето“. Гостувањето е планирано за јули наредната година доколку нашето Министерство за култура ги одобри средствата за оваа намена.

„Претставата ќе ја доживее македонската премиера на фестивалот „Охридско лето“, а потоа „Хелиум“ ќе го видат и љубителите на балетската уметност и на летните културни манифестации како „Скопско лето“, „Битфест“ и „Штипско лето“. Гостувањето е планирано за јули наредната година доколку нашето Министерство за култура ги одобри средствата за оваа намена.“

Во текот на март уметникот ќе работи и на својата започната кореографија за „Танц фест“, а до летото се планирани и неговите две нови продукции во Келн и во Берлин, Германија.

Игор Киров е претставник на современиот модерен балет и тој своевремено од родниот Штип кариерата ја продолжи во Скопје, каде преку групата „Ребис“ ги стекна основните искуства во танцувањето. Потоа следуваше, и сè уште трае, процесот на усовршување низ Европа. Живееше, учеше и работеше во Холандија, Швајцарија, Франција, Германија, Австрија и други земји на стариот континент, постојано одејќи чекор напред во својата балетска вештина.

Од друга страна, уметникот и веќе педагог извесен период работи со студентите на Скопје танц академија за кои вели дека при секое ново доаѓање во земјава го изненадуваат со желбата за работа и докажување.

„Тие ми даваат инспирација за работа бидејќи се полни со енергија и желни се за работа, а јас од своја страна се потрудив да го пренесам колку што можам повеќе она што знам и владеам.“

Инаку, публиката овој понеделник на сцената „Зебра“ од 20 часот ќе може да го види неговото дело „Допир“ кое тој овојпат ќе го изведе со Адијана Данчевска. Нивниот перформанс е дел од програмата „Импулс 5“ со која Скопје танц академија ја заокружува успешната година, а во рамките на која ќе ја проследиме и премиерата на „Ходник 4“ на Рисима Рисимкин, „Јокали танго“ со студентите Дора Кокољ од Хрватска и Јакуб Мунко од Полска и првата кореографија на Матеа Киселичка - „Изгубено“.

Кон ова само уште информацијата дека во 2012 година Академијата имаше четири продукции - „Импулс 3“, „Орландо“, „Човек во ходникот“ и „Меѓусвет“, а идните балетски уметници имаа можност да работат со професори како Џоан Ван Дер Маст, Марио Камачо(танчер на славната Марта Греам), Катцура Кан, Нада Кокотовиќ, Нил Вердрун, Луис Франк(од трупата на легендарната Пина Бауш) и други. Од идната 2013 година, на матичната сцена „Зебра“ со редовен репертоар ќе стартува и Скопје танц театар кој секој петок ќе изведува перформанси во соработка со различни интернационални кореографски имиња.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG