Достапни линкови

logo-print

Жерновски - Нема да признаеме фалсификувани избори


Ако имаме власт што не сака фер и демократски избори, ако на нивните партиски состаноци се зборува дека на денот на изборите ќе биде употребен и фалсификат, иако треба да бидеме начисто дека притисоците не се прават само на денот на гласање, туку во целиот период, тогаш не гледам зошто опозицијата би им дала легитимитет на таквите избори, вели претседателот на ЛДП и кандидат за градоначалник на Општина Центар Андреј Жерновски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Жерновски, власта усвои измени на Изборниот законик за кои тврди дека се во согласност со забелешките на меѓународните организации од претходните избори. Како кандидат за градоначалник на здружената опозиција, дали сметате дека има подобрена легислатива пред претстојните избори?

Ние како опозиција побаравме да се инкорпорираат забелешките на ОБСЕ/ОХИХР коишто беа јасно набележани по последните парламентарни избори. Значи, тоа не беа забелешки на опозицијата па да бара некои посебни услови или услови коишто ќе и одговараат на опозицијата, туку нешто што е потребно за Република Македонија, бидејќи меѓународниот фактор оценува дека во Македонија сè уште нема услови за онакви избори какви што треба да има една земја којашто има аспирации да биде полноправен член на ЕУ или на НАТО. Очигледно тие не се прифатија, што се разбира остава еден отворен сомнеж, не кај политичките партии, туку кај граѓаните воопшто, дека нема спремност за фер и демократски избори. Сакам нешто отворено да порачам преку ова интервју, сега зборувам во име на ЛДП, но верувам дека тоа ќе биде и став на опозицијата, бидејќи тоа го туркам и во разговорите. Доколку на овие избори констатираме макар еден обид за фалсификување на изборите, макар еден обид за измама на волјата на гласачите, ние ќе излеземе на улица.

Актуелни се избирачките списоци и нивното прочистување. Како според вашите сознанија оди овој процес?

Веднаш на самиот почеток беше констатирано дека во избирачкиот список има луѓе коишто не поседуваат валидни биометриски документи. Така што, мислам дека добро започна процесот, но повторно прстите ги вмеша политиката со една желба да повеќе доминираат оние коишто се сигурни, цврсти гласачи за власта, а не да има некое дополнување коешто ќе претставува неизвесност за владата. Не велам дека сите тие ќе гласаат за опозицијата, но претставува нешто што допрва треба да биде работа во наводници на владата, на владината коалиција, меѓутоа пак ќе кажам, доколку не се создадат фер и демократски избори, јас навистина не гледам причина зошто опозицијата би учествувала на такви избори. Тоа ќе биде прво не само самоубиствено за опозицијата, ќе биде многу наивно опозицијата да учествува на такви избори, но што е најважно такви избори ќе им штетат на интересите на Република Македонија.

Значи, отворена е можноста опозицијата да ги бојкотира изборите?

Видете, ако имаме власт што не сака фер и демократски избори, ако на нивните партиски состаноци се зборува дека на денот на изборите ќе биде употребен и фалсификат, иако треба да бидеме начисто дека притисоците не се прават само на денот на гласање, туку во целиот период, тогаш не гледам зошто опозицијата би им дала легитимитет на таквите избори.

Имаше информации дека на жители на Мала Преспа им се даваат биометриски документи за лична идентификација. Дали е ова старт или показател на некој почеток на малверзации?

Не сакам да шпекулирам дека се работи за некој голем проект, меѓутоа кога слушам во кои скопски општини има намера власта, или веќе е во тек една таква операција, тука најмногу акцент ставам на општините Центар и Карпош, тогаш станува сосема јасно која е позадината и која е природата на овој проект. Јас сè уште верувам дека има зрели, свесни глави во ВМРО-ДПМНЕ коишто ќе сфатат дека еден таков потег ќе и нанесе огромна штета на Македонија.

Покрај изборите, актуелно е и разгорувањето на меѓуетничките тензии. Забележавте дека премиерот е отсутен во услови кога во Македонија се промовира идејата за Голема Албанија. Дали отсуството на шефот на владата е единствениот проблем во една ваква ситуација?

Горчливо е чувството што во тие моменти кога се газеше достоинството на Македонците, јас не сакам да звучам како некој политичар што се бави со етнички проблеми и застанува на браникот на таа политика бидејќи не сум таков, меѓутоа беше горчливо чувството во сопствената земја да се чувствуваме како туѓинци. Зошто доминираа во тој момент премиерите на Албанија и на Косово заедно со Али Ахмети? Затоа што немаше домаќин во Македонија, премиерот побегна надвор. Побегна по најавата какво ќе биде сценариото на таа прослава. За жал таа прослава не беше во рамките на тоа што треба да биде како една заслужена прослава на тој празник, особено што е 100 години од независноста, меѓутоа тоа прерасна во една демонстрација на моќ и отворени повици за Голема Албанија, а тука во Македонија не беше премиерот за да не заштити нас како граѓани, ние бевме оставени на цедило. Според природата на таа негова посета на САД, сосема е јасно дека тоа не беше официјална посета, прочитавме дека од страна на премиерот биле посетени винарии, супермаркети, библиотеки, и што е најцинично, неколку болници во САД. Се посетуваат болници и доктори во тој момент кога овде има оправдан штрајк на лекарите и тоа штрајк од кој на крај, штетата ќе ја платат тие што се лекуваат, значи граѓаните на Република Македонија. Не сакам да имам премиер, сега зборувам како граѓанин, кој што бега, којшто ја остава државата на цедило, којшто 14 дена го нема никаде, не може ни став од таму да даде, а има медиуми каде што може да го даде својот став, туку одлучува дека најдобро ќе биде да побегне од државата. Да завршам со тоа дека моето чувство е дека на почетокот граѓаните му беа лути на премиерот што си замина, а сега мислам дека му се лути што се врати.

Го споменавте здравството и штрајкот на лекарите. ЛДП побара оставка од министерот за здравство. Дали тоа може да ги реши проблемите во здравството? Освен проблемите со плаќањето по успешност, се забележува дека нема лекови од позитивната листа, се бараше штедење на инсулинска терапија...

Не гледам веќе друго решение. Мислам дека, како и во животот, така и во политиката, човек треба да ги признае грешките. Можеби еден проект каде што министерот за здравство или министерот за секој ресор, очигледно имал добра намера или имал намера да направи нешто позитивно, но кога ќе видите дека тоа носи штета, треба да признаете и да се повлечете. Овде се работи за едно инаетење, коешто ќе оди дотаму што, пак ќе кажам, не само што ова е едно омаловажување на докторите, туку на крајот на краиштата на крај ќе нанесе огромна штета на сите граѓани, на оние што се лекуваат. Убаво кажа доктор Ставриќ, каква е таа грижа за пациентите кога се намалува користењето и на лекови итн., што значи дека тезата којашто сега сака да ја протне министерот, да ги насочи граѓаните против докторите и нивното однесување, повеќе не држи. Значи дека и таа нивна стратегија падна во вода, затоа што се гледа дека, како што кажав, штетата ќе ја трпиме сите ние, а кога велам ние мислам на граѓаните кои треба да се лекуваат во оваа држава.

Како буџет за подобра иднина владата го промовираше буџетот за 2013 година. Се наведуваат капитални инвестиции, се предвидува економски раст од околу два проценти, додека во документот, самите бројки покажуваат дека енормна сума пари се троши на враќање на долгот. Дали имаме развоен буџет или, пак, имаме народна каса за преживување?

Ова е веќе народна каса за преживување, затоа што веќе ни Државниот завод за статистика не може да ги скрие податоците. 2,42 милијарди евра изнесува долгот на Република Македонија. Ако се земе предвид кредитот што се зема од Светска банка од 50 милиони долари и продажбата на државните записи, на крај ќе дојде до 2,5 милијарди евра. Многу е побитно што за една година, со сè ова што го кажав на крај, долгот е зголемен за близу 400 милиони евра. Што се однесува до растот, ние имаме министер за финансии којшто предвиде дека оваа година ќе имаме раст на македонската економија од 4,5 проценти, а ние сме веќе шест месеци во рецесија. Можеме да зборуваме слободно за бедните приливи од странски инвестиции, тие во првите девет месеци изнесуваат 44 милиони евра или ако сакате, пет пати помалку од лани. Нешто претходно зборувавме за посетата на премиерот, за оние роуд-шоуа, на крајот ќе излезе дека тие посети, со се целата таа свита, па и со сопругата заедно, чинат повеќе од вкупниот прилив на странски инвестиции во Република Македонија. За жал зборуваме за влада којашто има најпоразителни достигнувања, успеси во наводници, во економијата и оваа влада ќе остане запаметена како влада којашто ја донесе најголемата сиромаштија во историјата на Република Македонија.

Која е алтернативата на ваквите економски политики?

Само нова власт. Не гледам дека оваа власт може да донесе поинаков концепт. Ниту внатре во партијата, ниту внатре во владата веќе не веруваат во оваа економска политика. Вие имате низа изјави на министерот Сарачини којшто кажува дека да кажеме дека проектот Скопје 2014 е неуспешен, дека штети на економијата итн. Тој проект беше најавено дека ќе чини од страна на премиерот 80 милиони евра, а чини веќе официјално над 500 милиони евра. Јас читам во словенечките медиуми дека ќе достигне вредност од една милијарда евра. Во период кога Македонија се бори со оваа историска сиромаштија, во Стариот театар се завршуваат деталите со 24-каратно злато. Зборуваме за една, слободно ќе кажам без некој да ми замери, за една лудост којашто може, според мене, да се прекине само со смена на оваа власт.

Единствено решение на непродуктивните расходи е прекинување на проектот Скопје 2014?

Ако вие како премиер излегувате со став дека нудите еден пакет со којшто ќе се стабилизира кризата, или да бидеме попрецизни, ќе се ублажат последиците од кризата, а во тие мерки прво не кажувате воопшто дека ќе го стопирате проектот Скопје 2014, туку напротив, продолжувате и понатаму. Не велите дека ќе скратите од бесмислените рекламирања на владата, туку продолжувате и понатаму, тогаш очигледно станува збор за една гарнитура којашто нема намера да се откаже од тие ставки, а на крајот на краиштата и не може, дури и да сака, еве и да верувам дека сака, но не може да ја консолидира оваа девастирана економија. Затоа, пак ќе кажам, убеден сум дека нема друго решение освен да се смени оваа власт.

Од една страна се зборува дека симпатиите за Скопје 2014-та опаѓаат, од друга страна имаме луѓе кои излегуваат пред спомениците и велат ги браниме од опозицијата бидејќи има најави за нивно рушење. Дали опозицијата ќе руши споменици?

Јас сум градежен инженер, потекнувам од семејство на градежни инженери и во мојот вокабулар не постои зборот рушење туку зборот градење. Немам намери да го рушам тоа што е направено, но имам јасна намера да ги прашам граѓаните дали сакаат и дали едноставно имаат намера да се изврши дислокација на одредени споменици бидејќи да го тргнеме настрана невкусот, да го тргнеме настрана преклопувањето нелогично на разни моменти на македонската историја на еден мал простор, овие споменици сметаат и во физичкото движење, не може слободно да тече движењето во просторот.

Во една ситуација во која цените за живот се повисоки, вниманието на јавноста се насочува кон меѓуетничките односи. С е шпекулира дека меѓуетничките односи се играчка во рацете на власта со која се отргнува вниманието на јавноста во пресрет на избори кога ситуацијата на другите полиња и не е така добра. Кој е вашиот став за тоа?

Тоа е она што во британската политика се нарекува стратегија на црвена харинга, кога ќе пуштите харинга која ќе треба да го одвлече вниманието од она што е очигледно, од она што природно ви доаѓа да го организирате и гледате. Јас на неколку прес конференции кажав дека тоа е игра за добивање на политички поени , бидејќи на Балканот што правите кога немате успех во економијата, тогаш одите на национална основа. Тоа го имате во Србија, во Македонија, во Косово, тоа го имате и во Грција, меѓутоа граѓаните на крајот на денот ги интересира дали имаат или немаат пари, дали може да ги платат сметките, имаат ли храна. Но предвидов, се разбира не бев единствениот, дека оваа игра е опасна и на крај ќе донесе ситуација која не ќе може да се контролира . Не мислам дека денеска се зборува за продолжување на таа стратегија, сега се работи очигледно за една страка која демонстрира моќ среде Скопје, која не ги крие претензиите за создавање на Голема Албанија со делови од Македонија и за жал една друга страна којшто демонстрира под наводници немоќ и која ја напушта државата кога е густо. Ако вие после случајот во Слупчане изјавувате дека ќе го браните македонското достоинство и потоа бегате од државата, а поголемо газење на македонското достоинство од палење на македонското знаме, не постои .Ако министерката за внатрешни работи вели дека не може и не ги гледа огромните јарболи со албански знамиња , а возило на МВР парадира обвиткано во албанско знаме, тогаш веќе ни е јасно дека се работи за немоќ, меѓутоа тоа е уште една причина зошто јас имам дополнителен мотив да се борам против оваа власт која спасот од оваа неуспешна економија ого бара во ова што вие го прашувате, во меѓуетничките односи. Таа е од една страна и задоволна што наместо да зборуваме колкава е кризата, колкав е долгот, колкави се сметките што треба да ги платиме, ние зборуваме се албанските знамиња.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG