Достапни линкови

Делавекурас - нема преговори без решавање на името


Не е точно дека Грција има намера да се сложи поранешната југословенска Република Македонија да ги почне пристапните преговори со ЕУ без претходно да се реши прашањето за името, како што напишаа некои грчки медиуми, изјави денеска портпаролот на грчкото министерство за надворешни работи, Григорис Делавекурас. Тој вели дека грчката позиција останува стабилна и конзистентна, односно дека за почеток на пристапните преговори, предуслов е исполнување на сите услови и критериуми утврдени со одлуките на ЕУ.

„Најважен од овие услови е почитување на соседите и следствено на тоа изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за прашањето за името“, се наведува во изјавата на Делавекурас.

Делавекурас денеска ги негираше пишувања и во некои македонски медиуми за последните предлози на медијаторот Метју Нимиц за решавање на спорот за името. Тој вели дека Грција нема добиено такви предлози и она што е објавено како формула за решавање на името воопшто не е точно.

Македонскиот неделник „Граѓански“ објави дека Нимиц предложил името на нашата земја да биде „Северна Република Македонија“, додека за придавката „македонски“ и идентитетот Македонци, тој предложил да се користи „од Северна Република Македонија“, а јазикот да биде „официјален јазик на Северна Република Македонија“.
XS
SM
MD
LG