Достапни линкови

Албанско обединување - Сон или реалност


Националното албанско обединување, според дел од косовските аналитичари, во иднина би можело да биде реална опција. Тоа, според нив, би било направено доколку не се успее во остварувањето на државноста на Косово.

Во рамките на прославите по повод стогодишнинатата од независноста на Албанија, премиерите на Албанија и на Косово, Сали Бериша и Хашим Тачи, изразија жалење поради поделбата.
Проекотот за национално обединување е реален. Тоа е сонот на Албанците и во својот настап премиерите на Косово и на Албанија само ја изразуваат легитимната идеја за национално единство. Проектот Косово е посебен проект во однос на она што Албанија беше во 1912 година. Тоа е нова реалност која се создаде по последната војна на Косово.
Исмаил Хасани, социолог.

Според нив, Албанците своеволно не живеат во две одвоени држави. Затоа тие сметаат дека би било многу подобро Албанците да живеат заедно во рамките на европското семејство.
Илир Деда
Илир Деда

Илир Деда од Косовскиот институт за политички истражувања во изјавата дадена за дописникот на Радио Слободна Европа од Приштина Амра Зејнели вели дека обединувањето на албанските држави реално би можело да се очекува доколку дојде до неуспех во остварувањето на косовската државност.

„Доколку државата Косово не успее да стане земја со целосен меѓународен легитимитет, тогаш во наредната деценија сигурно ќе дојде до помасовна поддршка и прифаќање на политичката платформа за обединување со Албанија“, вели Деда, додавајќи дека за една до две години Косово би требало да стане членка на Обединетите нации со што ќе добие и појасна перспектива кон европските интеграции.
Доколку државата Косово не успее да стане земја со целосен меѓународен легитимитет, тогаш во наредната деценија сигурно ќе дојде до помасовна поддршка и прифаќање на политичката платформа за обединување со Албанија.
Илир Деда, Косовски институт за политички истражувања.


Социологот Исмаил Хасани смета дека сонот на Албанците за национално обединување треба да стане реалност со оглед на тоа што Албанците се поврзани не само географски, туку и културно.

„Новите околности, поинтензивните врски и слободата на движење на луѓето ја приближуваат идејата за национално обединување“, вели Хасани додавајќи:

„Проекотот за национално обединување е реален. Тоа е сонот на Албанците и во својот настап премиерите на Косово и на Албанија само ја изразуваат легитимната идеја за национално единство. Проектот Косово е посебен проект во однос на она што Албанија беше во 1912 година. Тоа е нова реалност која се создаде по последната војна на Косово.“

Според Хасани, втората албанска држава на Балканот воопшто не ја спречува реализацијата на сонот во рамките на европските координати да се живее во обединета албанска држава.

На сличен став се и граѓаните на Косово кои сметаат дека славењето по повод независноста на Албанија на сите места каде што живеат Албанци зборува за желбата да живеат заедно.

„Не би сакал таков пристап да имаме само на овој ден, туку така треба да биде и на меѓународно ниво, а националното обединување да не биде само во границите кои ги бараме, туку и во уметноста, културата, политиката и економијата“, вели актерот Ментор Зумберај.

На ист став е и Алберт Дермаку од Приштина кој додава:

„Сега останува на политичарите да ги остварат соништата на својот народ. Се знае дека сонот на нашите прадедовци беше националното обединување. Но, немаме вистински луѓе на вистинско место. Ни требаат промени, бидејќи теоријата не оди без практика.“
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG