Достапни линкови

Половина Влада на прославата во Тирана


Повеќемина министри од ДУИ ќе присуствуваат во Тирана на прославата на 100-годишнината од независноста на Албанија, а претседателот Ѓорѓе Иванов се премисли и не оди. Опозицијата критикува, но и од нив нема најава дека некој ќе оди во Тирана.

Во Албанија утре се одржува централната прослава по повод 100-годишнината од независноста на Албанија, која е од особено значење за сите албанци на Балканот. На манифестацијата што ќе почне во Валона (каде што прв пат било истакнато албанското знаме со двоглавиот орел), а ќе продолжи во Тирана, ќе присуствуваа речиси целото раководство на ДУИ и повеќето министри од оваа партија во Владата на Република Македонија.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и дел од неговите соработници уште денеска претпладне отпатувале за Албанија. Во ДУИ велат дека нема член на партиското раководство кој нема да биде присутен на прославата во Тирана. Од Владата, пак, велат дека, на покана на албанскиот премиер Сали Бериша, меѓу присутните на централната прослава по повод стогодишнината од независноста на Албанија ќе бидат вицепремиерите Муса Џафери и Теута Арифи, министрите за правда, за екологија и за локална самоуправа, Блерим Беџети, Абдулаким Адеми и Невзат Бејта, како и заменик-министерот за внатрешни работи, Џелал Бајрами. Засега, нема информација дали некој од другите министри или владини претставници што не е од редовите на ДУИ, ќе ја прифати поканата на Бериша и ќе замине за Тирана.

Од друга страна, претседателот Ѓорге Иванов, иако планирал, сепак решил да не оди на прославата во Тирана. И покрај поканата од неговиот албански колега Бујар Нишани, Иванов решил да не се појави на манифестацијата, на која се очекува да присуствуваат политички претставници од целиот регион.
„Претседателот одлучи да не замине на централната прослава во Тирана, поради последните инциденти“, кусо соопштија денеска од кабинетот на Иванов. Освен оваа куса информација, нема подетално објаснување ниту од претседателот ниту од неговиот кабинет. Премиерот Никола Груевски беше во посета на Тирана пред неколку дена и на тој начин ја избегна непријатноста да објаснува зошто не оди на оваа голема манифестација во Албанија.
По веста дека македонскиот претседател се откажал од намерата да отпатува во Албанија, опозицијата реагира дека е невообичаена дипломатска пракса во една недела и претседателот и премиерот на една држава да имаат две одвоени посети на една земја.
„Не е јасно тоа како Иванов планирал да присуствува во Тирана, на прославата на стогодишнината на албанското знаме и албанската држава , а кога се организираше таква прослава во Скопје, тој како домаќин не оствари средба ниту со премиерот на Албанија, ниту со премиерот на Косово“, изјави денеска Јани Макрадули, член на Извршниот одбор на СДСМ.
На прославата што во неделата се одржа во Скопје, по повод големиот јубилеј на Албанците, исто така, немаше претставници на македонскиот државен врв, ниту, пак, на партиите од македонскиот блок. Нема најава ни сега дека некој од опозиционите партии од македонскиот политички блок има намера да присуствува на прославата во Тирана.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG