Достапни линкови

logo-print

Неделен печат - Слобода на медиуми и избори


Фокус пишува за слободата на медиумите, Глобус се смее на идејата за аеродром на вода во Охрид, а Граѓански ја анализира предизборната атмосфера.

Фокус - Критичките медиуми згаснуваат или стануваат провладини
Медиумската сцена се препородува. Медиумите се претопија заедно со стравот што владее кај народот, па станаа некритичка и замолчена маса, бидејќи секој обид за критика се толкува небаре е обид за убиство. И во тој случај, единственото решение е да се избега од реалноста, далечинскиот управувач да се пушти на канал со турска серија, да се поистоветиме со ликовите и да си молчиме. Невидливи сме. Нема штрајкови, нема дебати, нема полемики... Баш е добро?!

Најновиот број на Фокус, покрај другото, посветува анализа на состојбите во медиумската сфера, особено во телевизиите. По кој знае кој пат, неделникот со оваа анализа јавно лелека зашто, како што вели во насловот, „Критичките медиуми згаснуваат или стануваат провладини“, а потоа со не мала иронија пишува: „Медиумската сцена се препородува. Медиумите се претопија заедно со стравот што владее кај народот, па станаа некритичка и замолчена маса, бидејќи секој обид за критика се толкува небаре е обид за убиство. И во тој случај, единственото решение е да се избега од реалноста, далечинскиот управувач да се пушти на канал со турска серија, да се поистоветиме со ликовите и да си молчиме. Невидливи сме. Нема штрајкови, нема дебати, нема полемики... Баш е добро?! - прашува и едновремено се чуди Фокус.

Глобус - Аеродром на вода на Охридско Езеро е повеќе од глупава идеја
Не се откажуваме и од барањето за изградба на Бурмали-џамија на скопскиот плоштад, а ако таа локација биде обесчестена со каква било друга градба, ќе реагираат сите муслимани.

Во постојаната колумна во Глобус, Ѕвездариум, авторот на сатиричен начин се осврнува на неколку, како што вели, луцидни идеи на Владата: на пример да се прави аеродром на вода на Охридско Езеро. Идејата не е толку глупава како што изгледа на прв поглед, пишува Глобус. Таа е уште поглупава и има сериозни шанси да се спроведе на дело. Кога малку ќе се подразмисли, веројатно и досега ќе се реализираше ако се најдеше начин како на езерото да се пресече лента и да се удри камен-темелник. Се разгледува варијантата премиерот со ножиците и со лопатата да скокне со падобран ама, како што разбираме, владиниот пиар жестоко се противставил, зашто премиерот така ќе изгледал како паднат со падобран. Со вакви генијални идеи не ни преостанува ништо друго туку да занемиме. Што би се рекло - да одмолчиме. Една минута, во наша слава - препорачува Глобус.

Република - Селимовски: Односот кон ИВЗ е дискриминаторски

„Односот кон Исламската верска заедница е дискриминаторски“ - вели во интервјуто за Република аџи Јакуп Селимовски, прв човек за образование и за верско воспитување во ИВЗ. „Почнувајќи од поставувањето крстови на саат-кулите, па сè до регистрирањето на паралелната исламска заедница во Прилеп, револтот во ИВЗ сè повеќе расте“ - нагласува аџи Јакуп Селимовски и покрај другото, во интервјуто како да се заканува: „Не се откажуваме и од барањето за изградба на Бурмали-џамија на скопскиот плоштад, а ако таа локација биде обесчестена со каква било друга градба, ќе реагираат сите муслимани“, вели Селимовски.

Граѓански - Изборите локални, поделбите глобални

Од политичките теми, Граѓански се осврнува на однесувањето во партиските корпуси во врска со Кичево пред локалните, па запишува: „Изборите локални, поделбите глобални“ - Урбанистичкиот проект Скопје 2014 доби конкуренција во етнополитичкиот проект Кичево 2013: да се добие градоначалничката функција во оваа општина стана најважната споредна работа во Македонија, за која партиите се групираат во етнички блокови“.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG