Достапни линкови

МНР протестира против палењето македонски знамиња во Тирана


Палење на македонското знаме во Тирана.

Палење на македонското знаме во Тирана.

Министерството за надворешни работи најостро го осуди палењето на македонските знамиња во центарот на Тирана и побара да се пронајдат и казнат сторителите.

„Цениме дека ваквиот нецивилизиран акт не е во прилог на пријателските односи меѓу Македонија и Албанија, особено што овој настан се случи по официјалната посета на претседателот на македонската Влада Никола Груевски на Република Албанија, на која двете земји ги потврдија добрососедските односи, меѓусебната доверба и пријателство. Оттаму, особено е значајно да не се дозволи да се нанесува штета на односите кои сакаме да се градат во европски дух“, се вели во денешното соопштение од македонското Министерство за надворешни работи.

Во него се додава дека македонската амбасада во Тирана, со вербална нота реагирала до албанското Министерство за надворешни работи, со барање за официјална информација за настанот, како и дека МНР го повикало на разговор албанскиот амбасадор Арбен Чејку.

„Министерството за надворешни работи на Република Македонија очекува надлежните органи на Република Албанија да преземат најитни мерки за пронаоѓање и казна на сторителите, а властите на пријателска Албанија најостро да го осудат ваквиот вандалски чин кој поттикнува нетрпеливост и длабоко ги повреди чувствата на граѓаните на Република Македонија“, стои во соопштението од Министерството за надворешни работи.
XS
SM
MD
LG