Достапни линкови

logo-print

Вработените во „Еурокомпозит“ бараат плата


Протест на вработените во фабриката Еурокомпзит во Прилеп.

Протест на вработените во фабриката Еурокомпзит во Прилеп.

Вработените во прилепски „Еурокомпозит“ се жалат дека и кога редовно им исплаќале плати, добивале точно колку да се прехранат. Но, сега не примиле плата, па така немаат ни за храна.

Душан Аџиоски 32 години работи во прилепски „Еурокомпозит“. Со скромна плата од едвај 150 евра, тој ја обезбедува егзистенцијата за своето семејство. Ја живее агонијата дали воопшто ќе добие пари за да купи леб, секој ден кога доаѓа на работа, зашто вели и кога редовно им се исплаќаат плати, добиваат точно колку да се прехранат. Но, од втората половина на септември, плата нема, пари нема ниту за храна. Не знае кој крај да го фати, вели, во оваа сиромаштија и во услови кога никој не се интересира што ќе се случи со нив и со фирмата, во која го вложиле целиот свој работен век.
Факт е дека доаѓаме гладни и гладни си одиме и дека размислуваме само на пари. Секој тука, 98 отсто немаме пари за прехрана, тоа треба да го сфатат горе во Владата дека луѓево не можат, не се дојдени тука од политички побуди никој, овде има луѓе од сите политички партии, меѓутоа сега сите единствени, на сите главно им е да обезбедат пари за прехрана, најглавно што ни е, што немаме пари за прехрана.


„Факт е дека доаѓаме гладни и гладни си одиме и дека размислуваме само на пари. Секој тука, 98 отсто немаме пари за прехрана, тоа треба да го сфатат горе во Владата дека луѓево не можат, не се дојдени тука од политички побуди никој, овде има луѓе од сите политички партии, меѓутоа сега сите единствени, на сите главно им е да обезбедат пари за прехрана, најглавно што ни е, што немаме пари за прехрана“, вели Аџиоски.

Неговиот колега Златко Петрески е вознемирен и затоа што со години од оваа компанија, која што е целосно во државна сопственост, не добиваат сини картони за здравствено лекување, па при секој здравствен проблем, тие се изложени на дополнителни нервози.

„Сакам јавно да ја прашам Владата и премиерот, зошто на овие луѓе овде им е одземено правото на здравствена заштита, па и на живот. Придонеси - не, здравство - не, пари – не. Како да живееме, а треба да ги плаќаме сите обврски кон државата, даноци и ред други работи и сметки нормално. Никаква заинтересираност од страна на Владата за фирмата, а всушност фирмата е нивна“, реагира Петрески.

Во „Еурокомпозит“ работат околу 390 работници што ја делат нивната судбина. Сите се незадоволни од условите за работа. Постоечките капацитети велат се искористени едвај 40 отсто, работа нема, а стравуваат дека обемот постојано се намалува. На принуден одмор има постојано дел вработени. Оваа мерка е закана и за останатите, кои неколку дена во знак на револт ја прекинаа работата и бараат од Владата да најде решение за нивните проблеми.

„Државата т.е. Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана слушаме дека производи од нашата бранша се увезуваат. Ние сме единствена наменска фабрика во Македонија и срамота и гревота е оваа фирма да се затвори. Ние имаме богато работно искуство, европски квалитет, во сферата на балистиката“, реагира и Борче Илиоски.

Синдикатот ја спроведува одлуката, штрајкот ќе продолжи сè до конечно исполнување на барањето за исплата на септемвриската и октомвриската плата, а се бара и конечно решавање на статусот на фирмата.

Директорот Никола Лучески вели напластените проблеми од минатото полека се решаваат. Во моментов значително се намалени обврските на фабриката кои изнесуваат 30 милиони денари за неплатени фактури кон добавувачите, а по завршна сметка ќе бидат евидентирани загуби од 30-40 милиони денари. Владата води грижа за компанијата, истакнува Лучески, па со законот конвертирани се побарувањата за неплатени придонеси и ДДВ во висина од околу 60 милиони денари.

„Плановите беа да оваа година имаме одредени производи кои требаше да ги испорачуваме за двете министерства, сето тоа е префрлено за наредната година. Проблемот е за овие последни два месеца да ги издржиме, наредната година се надеваме на нарачки“, вели Лучески.

Тој додава дека ситуацијата во фирмата не е ниту толку тешка, ниту сложена како што велат работниците. До крајот на ноември ќе се распише тендер за продажба на загубарот на стратегиски инвеститор. Интерес има од европски компании, кои веќе биле во посета на „Еурокомпозит“.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG