Достапни линкови

Неделниците ги анализираат односите со соседите


Министрите за надворешни работи на Романија, Бугарија и на Грција - Титус Корлатеан, Николај Младенов и Димитрис Аврамопулос на средба во Софија на 12 ноември 2012 година.

Министрите за надворешни работи на Романија, Бугарија и на Грција - Титус Корлатеан, Николај Младенов и Димитрис Аврамопулос на средба во Софија на 12 ноември 2012 година.

Како што се приближува декември и Самитот на ЕУ и сè погласното форсирање на формулата „датум за датум“, неделниците се полни со анализи на темата Македонија и нејзините соседи.

Македонија и соседите, соседите и Македонија... Како што се приближува декември и Самитот на ЕУ и сè погласното форсирање на формулата „датум за датум“, неделниците се полни со анализи на темата Македонија и нејзините соседи при што се јавуваат реминисценции на состојбите пред Балканските војни и договорот меѓу соседите на Македонија таа да се жртвува во името на некои пријателства што не требало да бидат раскинати.
Кога не толку одамна Прванов стави забелешка на нашиот однос кон Бугарија, експресно реагираше Ангела Меркел опоменувајќи ја Софија да не долева бензин на грчко-македонскиот спор за името. Денес, со Грција се солидаризира не само Бугарија, туку и Романија, а цела Европа - молчи.

Средба на премиерот на Македонија Никола Груевски со српскиот претседател Томислав Николиќ во Скопје на 26 октомври 2012 година.

Средба на премиерот на Македонија Никола Груевски со српскиот претседател Томислав Николиќ во Скопје на 26 октомври 2012 година.

Фокус - Софија само го говори она што Брисел го мисли!
Потписникот на Времената спогодба во Њујорк пред 17 години деновиве, пак, се изрезили. Заборави дека помеѓу неговата земја и Србија постои држава. Доколку изјавата на човекот не е последица на психолошко-сенилни појави, туку е политичка порака, тогаш Македонија во блиска иднина, паралелно со фашизацијата на Грција може да очекува уште посериозен притисок од јужниот сосед.

„Софија само го говори она што Брисел го мисли!“- е насловен уводникот на Фокус во кој авторот потсетува токму на однесувањето на некои наши соседи и на Европа во врска со тоа: кога не толку одамна Прванов стави забелешка на нашиот однос кон Бугарија, експресно реагираше Ангела Меркел опоменувајќи ја Софија да не долева бензин на грчко-македонскиот спор за името. Денес, со Грција се солидаризира не само Бугарија, туку и Романија, а цела Европа - молчи, пишува Фокус, па прашува дали за толку кратко време сме ја расипале дружбата со сите. Фокус смета тоа е само дел од бриселската тактика, дека полесно ќе се справи со Груевски, доколку го соочи со повеќе непријатели, ама погрешно смета! Има ли подобра ситуација од патриот од негов маштаб, кој не може да опстане без душманите на нацијата. Колку побројни се тие, толку подобро за него. Кој може поуспешно да го спаси народот од сите нив, освен тој, одамна докажаниот спасител во битката со Атињаните?!, иронично заклучува Фокус.

Република - Папуљас не крие - Србија комшија, Грција до Демир Капија

Република уште на насловната наведува: „Папуљас не крие - Србија комшија, Грција до Демир Капија“, за во текстот да тврди дека грчкиот претседател не може да ја контролира потсвеста и дека ќе ја дели Македонија. „Потписникот на Времената спогодба во Њујорк пред 17 години деновиве, пак, се изрезили. Заборави дека помеѓу неговата земја и Србија постои држава. Доколку изјавата на човекот не е последица на психолошко-сенилни појави, туку е политичка порака, тогаш Македонија во блиска иднина, паралелно со фашизацијата на Грција може да очекува уште посериозен притисок од јужниот сосед“, предвидува Република.

Граѓански - За чекор напред - 13 години назад

„За чекор напред - 13 години назад“ - е насловен текстот во Граѓански во врска со желбите на Софија за „обновување на заклетвите“, односно преработена верзија на Декларацијата од 1999 година. Механизам за заедничко одбележување на историските настани и личности, заеднички комисии за учебниците по историја... се едни од темите за кои Софија сака одговор од Македонија до средината на декември, потсетува Граѓански.

Глобус - Непристојната понуда на српскиот претседател Николиќ

Глобус се навраќа на, како што насловува, непристојната понуда на српскиот претседател Николиќ, Македонија да го ослободи Вранишковски од затворската казна за криминалот вреден 250 илјади евра, во замена СПЦ на нашата црква да ѝ ја даде долгоочекуваната афтокефалност. Глобус констатира дека спорот помеѓу двете цркви е повеќе политички отколку црковен. Јасно е дека СПЦ не сака да види дека Македонците имаат своја жива црква и дека не им требаат никакви туѓи пара-црковни инсталации, како онаа на Вранишковски, на своја територија, заклучува Глобус.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG