Достапни линкови

logo-print

Штрајкот на лекарите - главна тема во весниците


Штрајкот на лекарите, квалитетот на воздухот во Македонија, буџетот за 2013 - главни теми во дневните весници.

Дали штрајкот на лекарите или анализите на Светска банка за ефектите од загадената природна околина кај нас? Некако ова последново секогаш останува последно, пред она што може да се види со очи.
Лекарите штрајкуваат, Тодоров не ги есапи.

„Лекарите штрајкуваат, Тодоров не ги есапи“ - пишува Ден во наслов. „Лекарите ќе штрајкуваат до постигнување договор“, објавува Дневник, а Утрински дека „Лекарите му се заканија на министерот со долг штрајк“. Вечер во наслов забележува: „Лекарите во генерален штрајк, Тодоров на страна на пациентите“.
Европа во масовен штрајк, а нашиот Синдикат покажува солидарност со владини закони и иницијативи.

И кога сме кај штрајковите, Утрински споредува дека „Европа во масовен штрајк, а нашиот Синдикат покажува солидарност со владини закони и иницијативи“.

Е сега, за животот и за смртта: Светска банка истражила дека во Македонија годишно од загаден воздух умираат 1.350 луѓе, пишуваат Вечер и Дневник. Истата информација Утрински ја објавува со наслов: „Поради фабричките оџаци едвај дишеме“, а истиот весник потсетува дека веб-страницата од која граѓаните би требало да се информираат за тоа каков воздух дишат и која актуелниот градоначалник пред една година на големо ја рекламираше - речиси една година не функционира.
Владата догодина ќе потроши 20 милиони евра повеќе за греење, телефони и за превоз, а се зголемуваат и средствата предвидени за привремени вработувања.

Нова Македонија се занимава со предлог-буџетот изготвен од Владата, па пишува дека „Владата догодина ќе потроши 20 милиони евра повеќе за греење, телефони и за превоз, а се зголемуваат и средствата предвидени за привремени вработувања“.

За „Парламентарна војна Македонци – Албанци“, пишува Утрински, а во врска со Законот за бранителите. Дневник насловува: „ДУИ ја почна војната со амандмани“.

Српската православна црква потврдува дека нема преговори со МПЦ додека „Вранишковски не биде ослободен“ - ја пренесува Дневник изјавата на српскиот поглавар Иринеј во Софија.

Во врска со декемврискиот Самит на ЕУ, Утрински објавува: „И Романија најавува блокирање: Софија, Атина и Букурешт ја обединија позицијата околу препораките од Брисел“. Вечер ги гледа работите од розовата страна, па во насловот вели: „Грција, Бугарија и Романија се за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан“. За новиот блокатор ниту збор.

Засилената грчка регионална дипломатска офанзива пред Самитот во декември, Нова Македонија ја нотира со наслов: „Грчка пропаганда: Македонија не чини за никого!“.

Во земјава почнаа и лавови да бегаат од циркус: „Лав избега од кафез во Кавадарци и ја преплаши публиката“, зебележаа сите весници.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG